Historiae memorabiles (книга)

Historiae memorabiles (на латински: Настани за паметење, т.е. Незаборавни настани) - книга на германскиот доминикански свештеник Рудолф од Шлетштат (Rudolf von Schlettstadt), напишано на преминот од 13 во 14 век.

Содржина

уреди

Делото се одликува со неорганизирано раскажување за поголем број чуда, на несовршен латински јазик. Едноставно, авторот без никаков ред набројува различни чуда за кои слушнал тој. Притоа, сите опишани настани биле актуелни, т.е. се случиле малку време пред да бидат запишани, а многу често Рудолф ја дава и точната дата на случките или пак ги поврзува со историските настани во Германија и во Франкија. Во тој поглед, особено се истакнуваат неговите приказни за Евреите (во делото прикажани како подмолни луѓе), кои кон крајот на 13 век претрпеле прогони во Западна Европа. Интересно е тоа што авторот воопшто не се повикува на библиските или на другите сакрални текстови, а тоа се објаснува со фактот дека делото било наменето за неписмената публика, која не ја познавала теолошката литература.[1]

Оваа книга има големо значење во проучувањето на световното и црковното население во тогашна Германија, зашто авторот ги искористил усните приказни кои биле во оптек во тоа време, а кои се однесувале на темите, како: влегувањето на ѓаволот во секојдневниот живот, чудовиштата што ги раѓаат жените што се опседнати со демоните, ритуалните убиства и сквернавењето на светата причесна од страна на Евреите, божјата казна која секогаш ги стигнува неверниците и грешниците, итн. Притоа, некои од приказните на Рудолф водат потекло од бајките, како што е приказната за слугинката која го прислишкувала разговорот меѓу петлите. Истото се однесува и на приказната за некој селанец кој нашол дрво со многу капи што виселе на него, а кога ставил една капа на главата, веднаш полетал како птица. Потоа, тој слетал во подрумот на еден богат човек, се напил вино, се загреал, ја симнал капата и не можел да го напушти подрумот. Сопственикот го открил крадецот и него го извеле пред судот, кој го осудил на смртна казна. Селанецот се спасил така што некој му ставил на главата иста таква капа и тој успеал да исчезне.[2]

Наводи

уреди
  1. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 49.
  2. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 50.