Широкомуцест кајман
Широкомуцест кајман | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Влекачи |
Ред: | Crocodilia |
Семејство: | Alligatoridae |
Род: | Caiman |
Вид: | C. latirostris |
Научен назив | |
Caiman latirostris (Daudin, 1801) | |
Распространетост на широкомуцестиот кајман |
Широкомуцестиот кајман (науч. Caiman latirostris) е ендемски вид на кајман од суптропските и тропските региони на Јужна Америка. Овој вид не надминува должина од 3 метри. Го среќаваме поретко од неговиот роднина јакарскиот кајман, со кој делат исто живеалиште. Долго време, ширкомуцестиот кајман бил интензивно ловен поради неговата кожа, па денес е заштитен со Апендикс 2 на списокот на заштитени видови според „Вашингтонски договор за заштита на видовите“ (CITES). Познат е и под името бразилски кајман, а на португалски јазик ги има и имињата jacaré tinga или papo amarelo.
Живеалиште и распространетост
уредиШирокомуцестиот кајман живее во мочуришни региони во Боливија, Бразил, Аргентина, Парагвај и Перу, на најмногу во амазонските басени во Парагвај и Парана. Претпочита региони со бујна вегетација и тропска клима, каде има многу полесни услови за лов и размножување. Сепак, за разлика од останатите видови, може да преживее и на постудена и посува клима.
Овој вид се среќава и во вештачките басени создадени за добитокот во северните рамнини на Аргентина, но неговата распространетост оди многу по далеку на југ, сè до источниот дел на Уругвај. Најголемите популации се наоѓаат во бразилски Пантанал и во Иберските Езерца во Аргентина.
Особености
уредиВозрасен кајман од овој вид надминува 2,5 метри должина, но сепак ваквите идвидуи се доста ретки. Присутен е забележлив полов диморфизам, каде женките се помали од мажјаците. Покрај бојата на нивната кожа, животните од овој вид се разликуваат и по цврстата и кратка муцка, која е со иста широчина како и главата. Специфична одлика се и крлушките со најзабележлива големина кои го штитат вратот. Широкомуцестиот кајман може да достигне тежина од 90 килограми.
Бојата на кожата може доста да варира, комбинирајќи интензивна зелена со посиви нијанси. Младите кајмани имаат и карактеристични белези кои понекогаш се задржуваат и кога единката ќе достигне зрелост. Пигментацијата всушност им дава одлични одлики на мимикрија. Тие се скоро невидливи во зоните со бујна вегетација каде што живеат. Стомакот и со боја која варира од жолта или сива па сè до бела.
Исхрана
уредиКако и останатите крокодиловидни, и овој кајман е месојад. Се храни главно со полжави и други мекотели и ракови. Способен е и да лови други влекачи и мали цицачи доколку е потребно. Неговите цврсти вилици му овозможуваат да се храни и со желки, бидејќи лесно го крши нивниот оклоп. Ловот на птици и цицачи е многу редок, затоа што тоа подразбира големо трошење на енергија и бавна дигестија на пленот. Не е агресивен кон човекот, освен во случај на самоодбрана или екстремен глад.
Размножување
уредиРепродуктивните навики се слични со оние на јакарскиот кајман. Периодот на парење е некаде кон почетокот на летото. Мажјаците ја означуваат својата територија и се борат со останатите за да ги избркаат најслабите. Женките се движат низ овие територии и се парат неколкупати за да биде загарантирано оплодувањето на јајцата. Брзо потоа, тие конструираат гнездо, понекогаш и со помош од мажјакот, кое е поставено во близина на водна површина. Женките положуваат 20 до 60 јајца. Гнездото има форма на ритче од органски материи, со пречник од 1,5 метри и високо околу 60 сантиметри. Внатре јајцата се распоредени во два слоја. Разликата во температурата помеѓу двата слоја ќе биде одлучувачка за полот на младите и исто така ја осигура рамномернатата застапеност на двата пола помеѓу новородените.
Еден од родителите, најчесто женката, го пази гнездото за целиот период на инкубација кој трае 2 месеца. Сепак доколу се наоѓа во зоните каде има интензивен лов на кајмани, женката може да избега и да го напушти гнездото. Топлината која е потребна за инкубација на јајцата доаѓа од почвата и од распаѓањето на органската материја од која е изградено гнездото.
Излегувањето од јајцата се поклопува со периодот на интензивни врнежи. Младите кајмани живеат во малите потоците сè додека не пораснат и зајакнат. Родителите кои им помагаат на младите да излезат од јајцата, најчесто се грижат за леглото неколку месеци.
Заштитен статус
уредиМладите кајмани имаат висок степен на смртност. Нивните главни грабливци се грабливите птици како Polyborus plancus и јастребот. Сепак најголемта причина за намалување набројност на овој вид е ловот од страна на човекот поради неговата специфична кожа, која е поделикатна и помалку отпорна од кожата на останатите видови. Се лови исто така и поради месото и јајцата.
Постојат повеќе проекти за фарми за одгледување на широкомуцестиот кајман, во Аргентина и во Бразил. Еден дел од кајманите од овие фарми се враќаат во дивината со цел да се зголеми нивниот број, додека останатиот дел е за комерцијална употреба.
Надворешни врски
уреди- „Caiman latirostris“. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 1996. Посетено на 12 мај 2006.