Школа на реката Хадсон
Школа на реката Хадсон (англиски: Hudson River School) — група американски пределни сликари од средината на XIX век чија естетика настанала под влијание на германскиот романтизам. На делата по кои е наречен овој правец е прикажана долината на реката Хадсон и околното подрачје со планините Катскил, Адирондак и Белите Планини; второто поколение на уметници од овој правец ја прошириле дејноста на други места како Нова Англија, Приморските покраини на Канада, Западот на САД и Јужна Америка.
Преглед
уредиСе смета дека поимот Школа на реката Хадсон потекнал од ликовниот критичар Кларенс Кук кој пишувал за Њујорк трибјун или од пределниот сликар Хомер Доџ Мартин.[1] Во првобитна смисла, поимот се користел со потценување како застарен стил во однос на пленерската Барбизонска школа која влегла во мода кај американските купувачи и собирачи.
Сликите од овој правец се занимававаат со битот на Америка во XIX век — откритијата, истражувањето и населувањето.[2] На нив американските предели се прикажани како пасторала, каде човекот и природата живеат во слога. Пределите се одликуваат со реалистичен, подробен, а напати и идеализиран приказ на природата, сопоставувајќи го мирното земјоделство со преостанатата дивина која сè повеќе исчезнувала од долината на реката Хадсон, кога почнала да се вреднува нејзината недопреност и возвишеност.[3] Уметниците од оваа школа сметале дека природата на американскиот предел е неизречиво отелотворение на Бога,[4] иако самите се разликувале по длабочината на духовното убедување. За инспирација им послужиле европските мајстори како Клод Лорен, Џон Констабл и Вилијам Тарнер, а нивната длабока почит кон природните убавини на Америка ја делеле и тогашните книжевници како Хенри Дејвид Торо и Ралф Валдо Емерсон. Неколку сликари биле членови на Диселдорфската школа, а пак други биле воспитаници на германскиот сликар Паул Вебер.[5]
Иако нештата во сликите се верно прикажани, многу сцени се всушност спој од повеќе глетки. Собирајќи материјал за сликање, уметниците оделе на исклучителни места, чии услови не би дозволиле сликање на самото место. На овие експедиции, тие правеле скици и белешки, па се враќале во ателјеата за да го направат конечното дело.
Основоположник
уредиЗа основоположник на Школата на реката Хадсон се смета сликарот Томас Коул.[6] Коул се качил на пароброд по реката Хадсон есента 1825 г, истата година кога е отворен каналот Ири, најпрвин запирајќи во Вест Поинт, а потоа во Катскил. Продолжил пеш, планинарејќи поисточните планини Катскил во Њујорк и таму ги насликал првите предели од подрачјето. Првиот критичен осврт на делото излегол во Њујорк ивнинг пост во 1825 г.[7] Во тоа време Коул, како Англичанец, бил едиствениот уметник кого го привелекувале есенските бои на пределот.[6] Нешто подоцна, неговиот близок другар Ашер Дјуранд се истакнал како важен деец на школата.[8] Важна улога во популаризацијата на школата одиграло чествувањето на нацијата, природата и имотот, иако самите уметници имале неповолно мислење за правецот на технолошкиот и стопанскиот развој на САД.[9]
Второ поколение
уредиВторото поколение на уметници од Школата на реката Хадсон се избило по прераната смрт на Коул во 1848 г; меѓу неговите припадници биле Фредерик Едвин Черч, Џон Фредерик Кенсет и Санфорд Робинсон Гифорд. Делата од ова поколение важат за примери на луминизмот. Покрај уметничката дејност, многу од уметинците биле основачи на ликовниот музеј „Метрополитен“ во Њујорк.[11]
Се смета дека најдобрите дела на школата се насликани во периодот од 1855 до 1875 г. и некои уметници како Фредерик Едвин Черч и Алберт Бирштат станале славни личности. Обајцата биле повлијаени од Диселдорфската школа, каде Бирштат се образувал неколку години. Кога Черч ги изложил своите дела како Нијагара[12] и Санти на Северот,[13] сликите привлекле големи редици од илјадници посетителим кои се восхитувале на овие предели кои досега не биле видени во Америка и ги потсетувале на бескрајната величествена дивина на нивната земја.
Позначајни сликари
уреди- Алберт Бирштат (1830-1902)
- Вилијам Мејсон Браун (1828–1898)
- Роберт Волтер Вир (1803-1889)
- Вордингтон Витриџ (1820-1910)
- Санфорд Робинсон Гифорд (1823-1880)
- Роберт Скот Данкансон (1821-1872)
- Ашер Браун Дјуранд (1796-1886)
- Томас Доути (1793-1856)
- Џон Вилијам Касилир (1811-1893)
- Џон Фредерик Кенсет (1816-1872)
- Семјуел Колман (1832-1920)
- Томас Коул (1801-1848)
- Џаспер Френсис Кропси (1823-1900)
- Џервис Макенти (1828-1891)
- Томас Моран (1837-1926)
- Фредерик Ремингтон (1861-1909)
- Вилијам Харт (1823-1894)
- Џемјс Макдугал Харт (1828-1901)
- Вилијам Стенли Хезелтајн (1835-1900)
- Херман Отомар Херцог (1832-1932)
- Мартин Џонсон Хид (1819-1904)
- Томас Хил (1829-1908)
- Фредерик Едвин Черч (1826-1900)
- Дејвид Џонсон (1827-1908)
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Howat, John K (1987). American Paradise: The World of the Hudson River School. New York: Metropolitan Museum of Art, Harry N. Abrams, Inc. стр. 3, 4.
- ↑ Kornhauser, Elizabeth Mankin; Ellis, Amy; Miesmer, Maureen (2003). Hudson River School: Masterworks from the Wadsworth Atheneum Museum of Art. Wadsworth Atheneum Museum of Art. стр. vii. Посетено на June 26, 2016.
- ↑ „The Panoramic River: the Hudson and the Thames“. Hudson River Museum. 2013. стр. 188. ISBN 978-0-943651-43-9. Посетено на June 23, 2016.
- ↑ „The Hudson River School: Nationalism, Romanticism, and the Celebration of the American Landscape“. Virginia Tech History Department. Посетено на June 26, 2016.
- ↑ John K. Howat: American Paradise: The World of the Hudson River School, S. 311
- ↑ 6,0 6,1 O'Toole, Judith H. (2005). Different Views in Hudson River School Painting. Columbia University Press. стр. 11.
- ↑ Boyle, Alexander. „Thomas Cole (1801-1848) The Dawn of the Hudson River School“. Hamilton Auction Galleries. Архивирано од изворникот на 2012-03-14. Посетено на 19 December 2012.
- ↑ „Asher B. Durand“. Smithsonian American Art Museum: Renwick Gallery. Smithsonian Museum. Архивирано од изворникот на 2011-06-07. Посетено на June 26, 2016.
- ↑ Angela Miller, The Empire of the Eye (1996); Alfred L. Brophy, Property and Progress: Antebellum Landscape Art and Property, McGeorge Law Review 40 (2009): 601-59.
- ↑ „Walters Art Museum: The Catskills“. The Walters Art Museum. Посетено на 19 December 2012.
- ↑ Avery, Kevin J. „Metropolitan Museum of Art: Frederick Edwin Church“. Metropolitan Museum of Art. Посетено на 19 December 2012.
- ↑ „Corcoran Highlights: Niagara“. Corcoran Museum of Art. Архивирано од изворникот на 2011-07-15. Посетено на 19 December 2012.
- ↑ Potter, Russell A. „Review of 'The Voyage of the Icebergs: Frederic Edwin Church's Arctic Masterpiece'“. Rhode Island College. Посетено на 19 December 2012.
Извори
уреди- American paradise: the world of the Hudson River school. New York: The Metropolitan Museum of Art. 1987. ISBN 9780870994968.
- Avery, Kevin J., & Kelly, Frank (2003). Hudson River school visions: the landscapes of Sanford R. Gifford. New York: The Metropolitan Museum of Art. ISBN 9780300101843.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- Ferber, Linda S. The Hudson River School: Nature and the American Vision. New-York Historical Society, 2009.
- Sullivan, Mark W. The Hudson River School: An Annotated Bibliography. Metcuhen, NJ; Scarecrow Press, 1991.
- Wilmerding, John. American Light: The Luminist Movement, 1850–1875: Paintings, Drawings, Photographs. National Gallery of Art, Washington, D.C., 1980. ISBN 9780064389402. OCLC 5706999.
Надворешни врски
уреди„Школа на реката Хадсон“ на Ризницата ? |
- Школата на реката Хадсон — Американска ликовна галерија (англиски)
- Школата на реката Хадсон — Ликовен музеј „Метрополитен“ (англиски)
- Школата на реката Хадсон — Служба за национални паркови на САД (англиски)