Хромопластите се пластиди кои имаат само каротиноидни пигменти. Се нарекуваат и каротиноидопласти. Во согласност со нивниот состав, тие се жолти или портокалово - црвено обоени пластиди. Тие ја даваат бојата на венечните листови кај многу цветови и на многу плодови (домат, лимон, кајсија итн.). Хромопластите се среќаваат и во подземните органи кај некои растенија (како морковот), каде се застапени многу поретко.

Бојата на ливчињата и сепалите на пчелната орхидеја е контролирана од хромопласти.

Структура

уреди

Хромопластите се изградени само од двојна пластидијална мембрана и строма. Тие ја немаат сложената внатрешна ламеларна структура како кај хлоропластите, што е основната причина што не можат да вршат фотосинтеза (тие се фотосинтетски неактивни пластиди). Каротиноидите, како пигменти карактеристични за овие пластиди, главно се сместени во стромата. Во младите каротиноидопласти, каротиноидните пигменти даваат хомогено обојување на стромата. Со стареењето на каротиноидопластите, пигментите се собираат во сѐ поголеми количини и како такви можат да кристализираат. Како доминантни пигменти во хромопластите се издвојуваат каротините (портокалово - црвенкасти пигменти) и ксантофилите (жолти пигменти). Електронско - микроскопските истражувања покажаа дека пигментите во хромопластот се сврзани за определени т.н. носечки структури што се наоѓаат во стромата.

Утврдено е дека и кај хромопластите поседуваат одредено количество на ДНК со кружна форма, како кај хлоропластите.

Хромопластите ретко се добиваат со диференцирање од пропластидите и со трансформирање на леукопластите, а се добиваат со трансформација на хлоропластите, односно тие се крајни дегенеративни стадиуми на монотропниот развој на пластидите.

Според начинот на образување и морфологијата, се разликуваат три видови на хромопласти: кристални, во кои каротиноидните пигменти кристализираат во каротин кристали, фибриларни (вретеновидни), каде ксантофилите се во вид на вретено или срп и глобуларни (кружни), каде каротиноидите се растворени во липидни капки.

Надворешни врски

уреди