Христијанова Пештера
Христијанова Пештера — пештера во близината на селото Јаболци на возвишението Орлов Камен, јужно од градот Скопје.
Христијанова Пештера | |
---|---|
Влезот на Христијанова Пештера | |
Место | Јаболци, Скопско |
Должина | 84 м |
Надм. височина | 600 м |
Местоположба и градба
уредиХристијановата Пештера се наоѓа на околу 1 км источно од селото Јаболци, Скопско, од десната долинска страна на Сува Река, на надморска височина од 600 м. Самата пештера се наоѓа високо непосредно до сртот на карпестиот гребен наречен Орлов Камен (највисока точка 673 м.н.в) кој е целосно исполнет со интересни карпести варовнички (карстни) облици издигнувајќи се многу стрмно над десниот брег на Сува Река, а во права линија источно-југоисточно веднаш наспроти селото Јаболци. Пештерата е тешко збележлива, бидејќи нејзиниот отвор е многу тесен и приземен, а околу него има неколку повисоки дрвја и пониски грмушки, кои ја закриваат од далечина, а воедно целата околина е исполнета со многубројни карпести варовнички облици. Отворот е толку тесен, што влегувањето во Христијановата Пештера е возможно само во лежечка положба и со ползење, но веднаш потоа на само еден метар до метар и половина започнува големината на салата и височината на таваницата се зголемува на над 2,5 - 3 метри, при што во овој дел може да собере 3-4 луѓе во исправена стоечка положба. Веднаш од влезот кон десно (југ) малку подиздигнато се отвора голем отвор (процеп) кој продолжува како помала сала во должина од неколку метри, а кон право (исток) и лево (север) започнува вертикалното спуштање и наклон каде се пристапува кон второто и третото ниво на пештерата. Поради ваквата местоположба со тешка пристапност, оваа пештера е малку позната и за мештаните и за широката јавност, таа досега стручно била испитувана во два наврати и тоа во септември 1989 и мај 1990 година од проф. д-р Драган Колчаковски, Јовица Гроздановски од Спелеолошкото друштво „Пеони“ и Ана Илиевска од Спелеолошкото друштво на Македонија[1], а од селаните на Јаболци само еден постар жител ја има посетено нејзината внатрешност[2].
Вкупната должина на пештерата, заедно со сите пештерски канали и проширувања изнесува 84 м[1]. Истата, денес претставува фосилнапонорска пештера со значителна појава на пештерски украси.[3] Христијановата пештера е изградена во доломитични мермери со проблематична старост (преткамбриум?)[1]. Самиот профил на пештерата, особено крајниот дел на пештерскиот канал, како и дното од пештерската сала јасно укажуваат дека низ Христијановата пештера протекувал подземен водотек кој имал понорски карактер, односно истата денес претставува фосилна понорска пештера[1].
Морфометриски одлики
уредиОд влезот на пештерата кој има облик на триаголник (3 х 1 м) кон североисток се простира хоризонтален пештерски канал во должина од 12 метри, додека во северозападен правец изграден е главниот пештерски канал кој се спушта под наклон од 45°[1]. Во средишниот дел на главниот пештерски канал, односно на просторот каде истиот свртува кон североисток изградени се три споредни канали, во три нивоа[1]. Овие помали пештерски канали го задржуваат северозападниот правец што дотогаш го има и главниот пештерски канал. После мал отсек, главниот пештерски канал продолува кон североисток - исток во должина од 8 метри. Од крајниот дел на главниот канал во северен правец е изградено најголемото пештерско проширување, односно пештерската сала. Должината на пештерската сала во меридијански правец изнесува 16 метри, додека нејзината максимална напоредничка должина достигнува 22 метри. Височината на таваницата во почетниот дел од пештерската сала е доста мала и изнесува само 0,5 метри[1]. Понатаму кон север оваа височина се зголемува при што веднаш после сурнатиот блок достигнува 3 метри. Најголемата височина на таваницата се наоѓа во западниот дел на салата и истата изнесува 4,5 метри. Должината на Христијановата пештера од влезот до крајниот северен дел на пештерската сала изнесува 46 метри, додека заедно со сите споредни канали нејзината должина достигнува 84 метри[1]. Од влезот на пештерата (600 м.н.в.) до дното на пештерската сала постои висинска разлика од 18 метри, т.е. пештерската сала се наоѓа на 528 метри надморска височина. Релативната височина во однос на коритото на Сува Река изнесува 75 метри[1].
Од останатите одлики во Христијановата пештера прелиминарно се опфатени и температурните особености, при што се добиени следните резултати: при температура на воздухот на површината од 31°С (13 часот) веднаш после пештерскиот влез измерени се 21°С, на 8 метри од влезот 19°С, додека во останатите делови од пештерата и во пештерската сала 18°С[1]. При посета на повеќето пештери во околината во еден ист студен (зимски) ден, е забележано дека Христијановата пештера има многу топла внатрешност за разлика од блиските Бозгунова и Ледена[2], што може да се должи на малиот, тесен и полузатворен отвор кој не дозволува поголем продир на студените и воопшто на воздушните струења.
Геоморфолошки одлики
уредиПо своите геоморфолошки одлики, односно распоредот на пештерските канали, правецот на нивното протегање како и проширувањата кои се сретнуваат, Христијановата пештера ја чинат за една од најинтересните од досега истраженит пештери во Скопската Котлина[1]. Ваквата констатација доаѓа до израз и според богатството со пештерски украси, особено во поедини делови на пештерата[1]. Појавата на пештерски накит се забележува уште во почетниот дел од главниот канал, каде воглавно се застапени саливи, нешто помалку сталактитити по некој сталагмит[1]. Сталактитите особено добро се изразени во споредните пештерски канали, а во најголемиот од нив кој е со должина од 12 метри се појавуваат и травертински басенчиња исполнети со вода[1]. Во главниот пештерски канал се забележуваат топчести арагонити[1]. Без сомнение најбогатиот простор со пештерски украси во Христијановата пештера е пештерската сала. Речиси целиот северен дел на нејзината таваница е исполнет со бројни сталактити. Пештерските столбови нешто повеќе се изразени во почетниот - јужен дел на салата, додека сталагмитите во средишниот и северниот дел[1]. Посебно богат со пештерски украси е западниот дел на салата каде се наоѓа и најголемиот пештерски столб висок 2 метри[1]. Особено впечатлива глетка претставува златестата боја на ѕидовите на самиот влез на главната пештерска сала, а златести наноси на таваниците и ѕидините се среќаваат и на самиот пештерски отвор од внатрешната страна.
Галерија
уреди-
Поглед кон отворот од внатрешната страна
-
Столб во внатрешноста зад кој се отвора дел од салата
-
Поглед кон отворот од внатрешната страна
-
Златести материи на камен во внатрешноста
-
Поглед кон процепот за третото ниво во внатрешноста
-
Отворот на продолжението на салата веднаш кон десно (југ) од влезот
-
Поглед на највисокиот дел од пештерската сала
-
Топчести облици - арагонит во пештерската сала
-
Вертикален канал кон третото ниво на пештерата
-
Пештерски форми на таваницата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на пештерата
-
Таваницата на пештерата
-
Таваницата на пештерата
-
Поглед во внатрешноста на второто ниво
-
Поглед во внатрешноста на првото ниво
-
Отворот на влезот од внатрешната страна
-
Издигнатото проширување на главната сала
-
Влезот на пештерата на падината на Орлов Камен
-
Влезот на пештерата
-
Влезот на пештерата во споредба со човечки раст
„Христијанова Пештера“ на Ризницата ? |
Наводи
уреди- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 Колчаковски, Драган (1990–1991). „Христијанова пештера - прилог кон спелеолошките проучувања во Скопската Котлина“. Географски разгледи. Скопје: Институт за географија (28–29): 117–122.CS1-одржување: датумски формат (link)
- ↑ 2,0 2,1 Забележале Марио Шаревски, Зоран Костадинов и Слободан Трајковски при посета на Христијановата Пештера во рамки на Геоекспедиција спроведена на 10.03.2017
- ↑ Колчаковски, Драган (1993). Категоризација на позначајните пештери во Република Македонија (PDF). 1 (1. изд.). Скопје: Институт за географија,ПМФ.[мртва врска]