Морфолошка класификација на галаксиите

(Пренасочено од Хаблова шема)

Морфолошка класификација на галаксиите — систем на поделба на галаксиите во групи зависно од нивниот изглед. Постојат неколку шеми на класификација на галаксиите во зависност од нивната морфологија, од кои најпозната е „Хабловата низа“, осмислена од американскиот астроном Едвин Хабл, а подоцна дополнета од францускиот астроном Жерар де Вокулер и американскиот астроном Алан Сендиџ.

Уметнички приказ на испакнати и неиспакнати спирални галаксии.

Хаблова низа

уреди

Хабловата низа е шема на морфолошка класификација на галаксиите осмислена од Едвин Хабл во 1936.[1] Разговорно честопати се нарекува „Хаблов камертон“ (англ. Hubble tuning-fork) поради обликот во кој се претставува. Оваа шема ги дели галаксиите на три пошироки класи, во зависност од нивниот изглед:

 
Дијаграм на Хабловата низа во облик на камертон
  • Елиптични галаксии - имаат мазна и безлична распределба на светлината и на слики изгледаат елиптично. Се означуваат со буквата E, проследена со цел број   што го претставува нивниот степен на елиптичност како што изгледаат на небото.
  • Спирални галаксии - се состојат од зарамнет диск, каде ѕвездите сочинуваат (двокрак) спирален состав, и имаат средишна концентрација од ѕвезди во облик на испакнатина, што е сличен по изглед на елиптичната галаксија. Го носат симболот S. Речиси половина од сите спирални галаксии имаат „пречка“ која се протега низ средишната испакнатина. Пречкестите спирални галаксии се означуваат со SB.
  • Леќести галаксии (ознака: S0) исто така се состојат од сјајна средишна испакнатина опкружена со поширок дел од дисковиден облик, но за разлика од спиралните галаксии, дисковите на леќестите галаксии немаат спирален состав и не образуваат значаен број на ѕвезди.

Овие пошироки класи имаат свои дополнувања, кои овозможуваат поподробно разликување на изгледот, но и утврдување на други понови класи како неправилните галаксии, кои немаат правилен состав (дисковиден или елипсоиден).

Хабловата низа честопати се претставува во облик на камертон (виљушка за штимање), каде елиптичните галаксии се сместени лево (нагорно подредени по степен на елиптичност од лево надесно), додека пак спиралните галаксии со и без пречка ги образуваат двата паралелни крака на камертонот. Леќестите галаксии се сместени помеѓу елиптичните и спиралните, во местото кајшто двата крака се спојуваат со „рачката“ на камертонот.

Хабловата низа и денес е најупотребуваниот систем на класификација на галаксиите, како кај професионалците, така и во аматерската астрономија.

Де Вокулеров систем

уреди
 
Приказ на де Вокулеровата шема
 
NGC 6782: спирална галаксија (тип SB(r)0/a) со три прстена со различни полупречници, како и пречка.
 
NGC 7793: спирална галаксија од типот SA(s)d.
 
Големиот Магеланов Облак: галаксија од типот SBm.

Де Вокулеровиот систем на класифиакција на галаксиите е мошне застапено дополнување на Хабловата низа, осмислен од францускиот астроном Жерар де Вокулер во 1959 г.[2] Де Вокулер сметал дека Хабловата дводимензионална класификација на спирални галаксии, која ја зема предвид густината на спиралните краци и присуството/отсуството на пречка, не е погодна за сите утврдени видови на морфологии, истакнувајќи ги прстените и леќите како суштински составни делови на спиралните галаксии.[3]

Де Вокулеровиот систем ја задржува основната Хаблова поделба на галаксиите на елиптични, леќести, спирални и неправилни, но системот е усложнет во однос на спиралните галаксии, врз основа на три морфолошки одлики:

  • Пречки - поделба на галаксиите врз основа на присуството или отсуството на пречка во јадрото. Де Вокулер ја вовел ознаката SA за спирални галаксии без пречка, во прилог на Хабловата ознака SB за пречкести спирални галаксии. Ја додал и меѓукласата SAB, каде припаѓаат слабо пречкестите спирални галаксии. Леќестите галаксии можат да се поделат и на оние со пречка (SA0) и оние без пречка (SB0), додека пак ознаката S0 им принадлежи на галаксиите кајшто не може да се утврди присуството на пречка поради тоа што се свртени со работ кон нас.
  • Прстени - поделба на галаксиите врз основа на тоа дали имаат прстенест дел. Оние со прстенест дел дел се означуваат со (r), а оние без прстен со (s). Таканаречените „преодни“ галаксии го носат симболот (rs).
  • Спирални краци - како и во Хабловиот систем, спиралнитe галаксии се класификуваат по густината на нивните спирални краци. Де Вокулеровата шема има неколку дополнителни спирални класи:
    • Sd (SBd) - распрсната, испрекинати краци составени од поединечни ѕвездени јата и маглини; моше бледа средишна испакнатина
    • Sm (SBm) - неправилна по изглед; нема испакнатина
    • Im - многу неправилна галаксија

    Во изворниот Хаблов систем, највеќето галаксии од овие три класи имале една иста ознака Irr I. Порак ова, класата Sd опфаќа извесни галаксии од Хабловата класа Sc. Галаксиите од класата Sm се наречени „Магеланови“ спирални галаксии, а оние од класата Im се нарекуваат неправилни „Магеланови“ галаксии. Причината ова се својствата на Магелановите Облаци, кои се земени како пример. Големиот Магеланов Облак е од типот SBm, а Малиот Магеланов Облак е неправилна галаксија (Im).

Полната класификација на една галаксија се изразува со редење на елементите. На пример, една слабо пречкеста спиралнa галаксиja лабаво завиени краци и престен се запишува вака: SAB(r)c.

Де Вокулеровиот систем ликовно може да се претстави како тридимензионална верзија на Хабловиот камертон, со фаза (спиралност) на оската x, семејство (пречкестост) на оската y, и сорта (прстенестост) на оската z.[4]

Бројчени Хаблови фази

уреди

Де Вокулер ѝ доделил бројчена вредност на секоја класа на галаксии во оваа шема. Вредностите на бројчената Хаблова фаза T се движат од -6 до +10, при што негативните броеви ги претставуваат типовите што означуваат рани фази (елиптични и леќести), а позитивните броеви се однесуваат на подоцнежните типови (спирални и неправилни). Елиптичните галаксии се делат во три „фази“: компактни елиптични (cE), нормални елиптични (E) и преодни типови (E+). Леќестите галаксии исто така се делат на рани (S-), преодни (S0) и доцни (S+) типови.

Бројчена Хаблова фаза
Хаблова фаза   -6 -5 -4 -3 -2 -1 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10
де Вокулерова класа[4] cE E E+ S0- S00 S0+ S0/a Sa Sab Sb Sbc Sc Scd Sd Sdm Sm Im
прибл. Хаблова класа[3] E S0 S0/a Sa Sa-b Sb Sb-c Sc Sc-Irr Irr I

Бројчените фази се полезни за квантитативно изучување на морфологијата на галаксиите.

Јеркисова (или Морганова) шема

уреди

Американскиот астроном Вилијам В. Морган во соработка со колегата Филип Ч. Кинан го изработил систем „MK“ за класификација на ѕвездите според нивните спектри. Јеркисовата шема ги класификува галаксиите според спектрите на нивните ѕвезди, обликот (вистински и привиден) и степенот на средишна концентрација.

Спектрален тип Значење
a Истакнати A ѕвезди
af Истакнати A-F ѕвезди
f Истакнати F ѕвезди
fg Истакнати F-G ѕвезди
g Истакнати G ѕвезди
gk Истакнати G-K ѕвезди
k Истакнати K ѕвезди
Облик Значење
B Пречкеста спирална
D Вртежна симетрија без изразени спирален или елиптичен состав
E Елиптична
Ep Елиптична со прашина
I Неправилна
L Мала површинска сјајност
N Мало сјајно јадро
S Спирална
Наклон Значење
1 Галаксијата е свртена со лицето
2
3
4
5
6
7 Галаксијата е свртена со работ

Затоа, на пример, галаксијата Андромеда се класификува како kS5.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Hubble, E. P. (1936). The Realm of the Nebulae. New Haven: Yale University Press. ISBN 36018182 Проверете ја вредноста |isbn=: length (help).
  2. De Vaucouleurs, G. (1959). „Classification and Morphology of External Galaxies“. Handbuch der Physik. 53: 275.
  3. 3,0 3,1 Binney, J.; Merrifield, M. (1998). Galactic Astronomy. Princeton: Princeton University Press. ISBN 9780691025650.
  4. 4,0 4,1 De Vaucouleurs, G. (1994). „Global Physical Parameters of Galaxies“ (PostScript). Посетено на 2 јануари 2008. Наводот journal бара |journal= (help)

Надворешни врски

уреди