Ширина на честотен опсег

(Пренасочено од Фреквенциски опсег)

Ширина на честотен појас, скратено честотен опсег или фреквенциски опсег — ширина на честотниот интервал на комуникацискиот канал кој се користи за комуникација меѓу предавателната и приемната страна.

Ширина на честотниот појас: разлика меѓу горната и долната гранична честота.

Честотниот опсег може да се искаже и како разлика меѓу долната и горната гранична честота на сигналот или опсегот на честоти кои ги користи некоја опрема. Мерка за ширина на честотниот појас е херц.

Појаснување

уреди

Честотниот опсег е централен поим во телекомуникациите, со значајно влијание во многу области вклучувајќи ја информатиката, радиокомуникациите, обработката на сигнали и спектроскопијата.

Со оглед дека во денешно време надвладува областа на дигиталните над аналогните телекомуникации, поимот на честотен опсег, благодарение на теоремата за земање на примероци, тесно е поврзан со поимот проток на податоци, односно ширината на честотниот опсег за количината податоци која може да се пренесе преку комуникацискиот канал во единица време.

Пример

уреди

Како пример може да се даде честотниот опсег на честотите на говорен канал. Најниската честота на говорниот канал е f1=300 Hz, а највисоката f2=3000 Hz. Така ширината на честотниот појас на говорен канал е:

ШФП = f2-f1 = 3000-300 = 2700 Hz.

Дигитални телекомуникации

уреди

Ширината на честотниот појас во дигиталните телекомуникации е количината на податоци која во одреден временски период се разменува меѓу предавателната и приемната страна. Единица за ширина на честотниот појас е b/s.

Интернет

уреди

Потребата за поголема ширина на честотниот појас постојано расте, како во магистралната, така и во пристапната телекомуникациска мрежа. Така од некогашната модемска врска преку телефонска линија, преку АДСЛ, се стигна до обезбедување на пристап од 1 Gb/s преку оптички пристап.

Литература

уреди
  • Frenzel, Louis E. Principles of Electronic Communication Systems. Glencoe/McGraw-Hill. стр. 23. ISBN 978-0-02-800409-9.

Надворешни врски

уреди