Фонд со кој се тргува на берза
Фонд со кој се тргува на берза (англиски: Exchange-Traded Fund, ETF) — посебен вид инвестициски фонд чии средства се инвестирани во некој берзански индекс.
Опис
уредиПрвите фондови со кои се тргува на берза се појавиле во 1996 година, кога Barclays и Morgan Stanley создале неколку вакви фондови, наречени world equity benchmark shares, а подоцна нивното име било променето во iShares.
Фондовите со кои се тргува на берза претставуваат финансиска иновација која ги комбинира најдобрите страни на отворените и на затворените инвестициски фондови. Така, слично на отворените фондови, вредноста на нивните средства се менува, т.е. кога ќе се промени вредноста на пазарниот индекс, овие фондови може да ги зголемат или намалат своите удели и средства. Според тоа, исто како отворените фондови, и кај овие фондови постои можноста за издавање нови удели и за повлекување на постоечките. Од друга страна, како затворените фондови, инвеститорите можат да ги купуваат и продаваат акциите на фондот на берзата. Оттука, фондовите со кои се тргува на берзата ги имаат следниве предности:[1]
- ликвидност: бидејќи со овие фондови се тргува на берзата, тие им нудат поголема ликвидност на инвеститорите;
- ниски трансакциски трошоци: бидејќи овие фондови се одликуваат со пасивна стратегија на тргување, нивните трансакциски трошоци се ниски;
- даночна ефикасност: благодарение на пасивната стратегија на инвестирање, овие фондови не предизвикуваат чести и големи капитални добивки, а тоа се одразува врз даночната обврска на инвеститорите;
- нема провизии: за разлика од повеќето отворени фондови, кај овие фондови не постојат провизии кои се наплаќаат однапред (front load); од друга страна, за разлика од некои затворени фондови, со овие не се тргува на берзата со дисконт;
- ниски трошоци за раководење: со овие фондови се раководи делотворно, а тоа се одразува врз трошоците.
Наводи
уреди- ↑ J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 405-406.