Трајан Петровски
Трајан Петровски (31 јануари 1939, с. Арбиново, Дебрца, — 28 март 2021, Скопје) бил македонски поет, раскажувач, романописец, публицист, преведувач и полемичар.
Животопис
уредиПетровски дипломирал право во Скопје, а потоа имал богата дипломатска кариера. Бил амбсадор на СФРЈ и на Македонија во Египет, Турција, Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Узбекистан, Казахстан, Азербејџан и Киргистан. Покрај тоа, бил секретар и претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата и член на македонскиот ПЕН центар.
Петровски бил во брак со Верка Петровска со која имал два сина: Горан и Александар.
Творештво
уредиВо однос на тематската преокупација, дел од поезијата на Петровски е свртена кон тешкиот живот на селанецот и кон судбината на човекот, воопшто, додека во прозата се застапени теми и мотиви поврзани со селскиот живот, раскажани со мошне необичен јазик, небаре позајмен од народниот раскажувач.[1]
Библиографија
уредиПетровски е автор е на следниве дела:
- И падина и гороцвет (поезија, 1964)
- Опаленик (поезија, 1967)
- Водици (поезија, 1969)
- Благослов на лебот (поезија, 1969)
- Дреновина (поеизја, 1971)
- Вовчето Киро (роман за деца, 1973)
- Ни ден ни гробница (поезија, 1974)
- Говорот на селаните (позија, 1979)
- Време Литово и Аждерово (раскази, 1982)
- Запеј, запеј (поезија за деца, 1982)
- Старо лозје (поезија, 1983)
- Сфинга (поезија, 1985)
- Девствена причесна (роман, 1985)
- Асхаровци (роман, 1987)
- Разговори со Прличев (позија, 1989)
- Анадолските ветрови (поезија, 1993)
- Босфорски завештение (поезија, 1996)
- Верување во Охрид (поезија, 1996)
- Живеам во Азија (поезија, 2000)
- Беседења по дервишки (поезија, 2000)
- Пукнатина (поезија, 2005)
- Амбисот. Жената (поезија, 2010)
- Каде со иднината (поезија, 2012)
- Со кого можам да зборувам денес (поезија, 2012)
- Главата в торба (поезија, 2014)
- Кога ѕверот ќе дојде (поезија, 2017)
- Јас и Црна Арапина (поезија, 2017)
- Заклетва за простодушните (роман)
- Дервишки прстен (роман)
- Непорабена месечина (роман)
- Здравица за потомците (роман)
- Македонскиот фараон (роман)
- Саркофагот на македонската земја (роман)
- Бела чума (роман)
- Црвоточина (роман)
- Задгробен разум (роман)
- Откривање на вечноста
- Анадолски дипломатски летопис (мемоари)
- Смалувањето на човекот
- Каирска магија
- Горчлив австралиски патопис
- Житија караормански
- Озрачување на стварноста
- Севселенски раскази
- Жезолот на Патријархот
Исто така, тој е автор на неколку антологиски избори: Слепиот харфист, Читање на папирусите, Антологија на современата египетска поезија, Антологија на малезиската поезија, препеви од „Книгата на мртвите“ и др. Неговите песни се застапени во бројни антологиски избори во Македонија и во странство. Поезијата на Петровски е преведена на повеќе од 20 јазици, а одделни книги поезија и проза се објавени на англиски, руски, арапски, турски, кинески, романски, полски, српски, бугарски, албански, азерски и монголски јазик. Тој, пак, преведувал од српско-хрватски и англиски јазик.
Трајан Петровски е носител на неколку значајни домашни и меѓународни книжевни награди и признанија за поезија и проза, како: Рациново признание, Кочо Рацин, Григор Прличев, Ванчо Николески, Златно перо, Златен Јупитер на градот Тоска во Турција, како и на наградата „Св. Климент Охридски“ на градот Охрид за животно дело.
Наводи
уреди- ↑ Георги Сталев (приредувач), Современи македонски раскажувачи, избор. Скопје: Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла и Наша книга, 1990, стр. 170.