Телма
Телма — македонска национална ТВ-куќа основана во септември 1996 година во Скопје, како една од приватните телевизиски станици во Македонија. Нејзин основач и сопственик е А.Д. Макпетрол — Скопје. Името „Телма“ е добиено со комбинација на зборовите „телевизија“ и „Макпетрол“.
Телма | |
---|---|
Отпочната | 1996 |
Сопственик | Макпетрол А.Д. - Скопје |
Држава | Македонија |
Јазик | македонски |
Област на емитување | Македонија |
Веб-страна | telma.com.mk |
Во ТВ Телма се ангажирани над 150 вработени и голем број надворешни соработници - телевизиски творци од сите области. Ним на располагање им стојат две студија и најсовремена дигитална телевизиска техника. Директор на телевизијата е Снежана Лупевска.
Телевизија Телма емитува програма во траење од 18 до 20 часа. Програмската шема ја сочинуваат: информативната, забавно-рекреативната и културно-уметничката и документарна програма.
Основен нејзин белег е информативната програма. Вестите се емитуваат секој ден од 18:30 и 21:30 часот. Во рамките на информативната програма еднаш неделно се подготвува и актуелно интервју во рамките на емисијата Топ тема, а се подготвуваат и други информативно-политички емисии од магазински тип: Време, Баланси, Досие, Светот денес, и други.