Тајна служба на САД

Тајна служба на Соединетите Американски Држави (англиски: United States Secret Service, USSS) — федерална агенција, разузнавачка служба на Соединетите Американски Држави, која е дел од Министерството за внатрешна безбедност на САД, чии главни задачи се заштитување и обезбедување на сигурноста на претседателот и потпретседателот на САД, членови на нивните семејства и нивните живеалишта, како и борбата против фалсификувањето.[1]

Амблем на Тајната служба на САД

Опфат на дејност

уреди

Главните задачи на Тајната служба на САД се да спречи фалсификување на американски пари, должнички обврски и други вредни документи, како и заштита на претседателот, потпретседателот, нивните најблиски роднини, други високи чиновници, поранешни претседатели и нивните сопружници, претседателски и потпретседателски кандидати, претставници на странски држави при нивните посети. Тајната служба исто така истражува различни видови финансиски измами, кражба на личност, други киберзлосторства и помага во истрагата на некои други злосторства.[2][3]

Историја

уреди

Идејата за создавање на Тајната служба на САД била објавена утрото на 14 април 1865 г., министерот на Министерството за финансии Хју Макалок му рекол на американскиот претседател Абрахам Линколн дека поради неконтролираното фалсификување во земјата, можна е финансиска пропаст. Како главен начин за борба против нив, тој предложил да се создаде посебна структура за отстранување на фалсификуваните пари од оптек и фаќање на оние што ги произведуваат овие пари. Претседателот го ислушал министерот и наредил да се создаде таква структура, која била наречена Тајна служба на Министерството за финансии. Таа вечер, претседателот Линколн бил смртно застрелан од глумецот Џон Вилкс Бут во Театарот на Форд во Вашингтон.

Но и покрај убиството на Линколн, не била создадена специјална служба за заштита на американските претседатели. Дури по атентатот на претседателот Макинли во 1901 г., загрижените конгресмени дале предлог до Тајната служба (во тоа време таа била единствената федерална разузнавачка служба) да го заштити американскиот претседател.

Службено, заштитата на највисоките државни службеници станала должност на Тајната служба во 1902 г., кога 2 специјални агенти на Тајната служба биле назначени да го заштитат претседателот. А веќе на 3 септември починал првиот агент што го штител претседателот. Во 10:15 часот, претседателот Теодор Рузвелт, на двонеделна турнеја низ Нова Англија, возел ландо од центарот на Питсфилд до Питсфилдскиот приградски клуб кога се судрил со трамвај. Како последица на челниот судир, Рузвелт, гувернерот на Масачусетс, Винтроп Крејн, претседателскиот помошник Брус Џорџ Кортлу и телохранителот Вилијам Крег биле исфрлени на коловозот. Вилијам Крег починал, сите останати преживеале.

Наводи

уреди
  1. „SECRET SERVICE: ALL ABOUT US ELITE FORCE“. NDTV.
  2. „United States Secret Service: Protective Mission“. Secretservice.gov. Архивирано од изворникот 2018-04-25. Посетено на 2017-09-20. Оваа статија содржи текст од овој извор, кој е во јавна сопственост.
  3. „United States Secret Service: Investigative Mission“. Secretservice.gov. Архивирано од изворникот 2017-09-16. Посетено на 2017-09-20. Оваа статија содржи текст од овој извор, кој е во јавна сопственост.

Надворешни врски

уреди