Тамерланов сириски поход
Тамерлановиот сириски поход се одвивала во текот на 1400 година во Сирија. Воените дејствија на Тамерлан биле насочени против Мамелуците од Египет. Во текот на походот Тамерлан успеал да ги освои повеќе градови, а меѓу нив биле и Алеп, Дамаск и Антиохија. Со овој поход, Тамерлан во голема мера успеал да стекне контрола над Блискиот Исток.
Хронологија
уредиАлеп се наоѓа на 250 километри јужно од Сивас и бил просперитетен политички, економски и културен центар, бил сместен на патот на свилата. Воените советниците на Тамерлан сметале дека Алеп не треба сега да се напаѓа, бидејќи Тамерлановите војници биле уморни од индискиот поход и имале потреба од одмор. Но, Тамерлан сметал дека градот може да се освои. Во меѓувреме, во Алеп се собрале Мамелуци од целото царство, но египетскиот султан не испратил свои сили. Кон крајот на октомври 1400 година, војската на Тамерлан подигнала камп во близината на градот. Како и во Индија, Тамерлан сакал битката да се води надвор од ѕидините, што на крајот и се случило. Во текот на битката, Тамерлан успеал да постигне лесна победа користејќи ги слоновите кои ги донел со себе од индискиот поход. Бранителите на градот го напуштиле бојното поле и почнале да бегаат кон портите на Алеп, по што биле разбиени. Градот бил освоен и ограбен [1].
По освојувањето на овој град, на Тамерлан бил отворен патот кон Дамаск. Овој град бил еден од најстарите градови во светот и станал богат преку посредничката трговија помеѓу Европа и Азија. На патот кон Дамаск, Тамерлановата војска ги освоила Хама, Хомс, Балбек, Сидон и Бејрут. Неговите генерали Миран Шах и Шахрух ја опсадиле Антиохија, која подоцна била освоена [2]. Кон крајот на декември 1400 година, Тамерлановите сили пристигнале во јужна Сирија, каде што западно од Дамаск подигнале свој камп. Во средината на јануари 1401 година, во областа пристигнал мамелучкиот султан Фарај и подигнал свој камп јужно од градот [3]. Фарај се обидел да изврши атентат врз Тамерлан, меѓутоа убиецот бил ликвидиран, а на неговите помошници им биле исечени ушите и носевите [4].
На крајот, Фарај бил принуден да му даде ветување дека ќе го предаде градот на Тамерлан и ќе стане негов вазал. По склучувањето на договорот, Тамерлан се повлекол неколку километри од Дамаск. Меѓутоа, Тамерлан набргу со својата војска се вратил повторно пред ѕидините на градот и започнал со нова опсада. Во меѓувреме, султанот Фарај примил вест дека се подготвува обид за негово соборување од престолот и со својата војска се повлекол. Дамаск останал сам. Тамерлан им понудил на жителите да се предадт во замена за поштедување на нивните животи, но управникот на градот решил да се бори. Цели 29 дена градот бил бомбардиран. На 16 март 1401 година [5], Тамерлан го освоил градот, тој бил целосно изгорен, дури и Омајадската џамија била зафатена од пламенот [6].