Таа (англиски: Her) е американска трагикомедија од 2013 година во режија на Спајк Џонз, кој воедно е и автор на сценариото и продуцент. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Жоакин Феникс, Ејми Адамс, Руни Мара, Оливија Вајлд, и Скарлет Јохансон која го позајмува гласот на Саманта. Филмот следи еден човек кој стапува во врска со интелигентен компјутерски оперативен систем (ОС) што има женски глас и личност. Тој претставува првиот филм на Џонз целосно напишан од него. Филмот ја имал својата премиера на филмскиот фестивал во Њујорк и бил пуштен во кината во САД на 18 декември 2013 година.[3][4]

„Таа“
РежисерСпајк Џонз
Продуцент
СценаристСпајк Џонз
Главни улоги
МузикаАркејд Фајр
КинематографијаХојте Ван Хојтема
Монтажа
СтудиоAnnapurna Pictures
ДистрибутерWarner Bros. Pictures (САД)
Entertainment Film
(Велика Британија)
Премиера13 октомври 2013 (2013-10-13) (Филмски фестивал во Њујорк)
18 декември 2013 (2013-12-18) (САД)
Времетраење126 минути[1]
Земја САД
Јазиканглиски
Буџет23 милиони долари [2]
Бруто заработка47.4 милиони долари[2]

На 4 декември 2013 година, „Таа“ бил избран за најдобар филм во 2013 година на Наградите на националниот одбор за филмска критика. Исто така и на Наградите на здружението на филмски критичари од Лос Анџелес, овој филм бил прогласен за најдобар филм, делејќи го првото место со филмот Гравитација. Филмот добил три номинации за Златен глобус (во категорите за најдобар филм - мјузикл или комедија, најдобро сценарио и најдобар глумец во мјузикл или комедија, при што Спајк Џонз ја земал наградата за најдобро сценарио. Тој бил номиниран и за пет Оскари, меѓу кои и Оскар за најдобар филм, а победил во категоријата за најдобро оригинално сценарио.

Содржина

уреди

Дејството се одвива во 2025 година, каде Тиодор Тумбли (Жоакин Феникс) е осамен, повлечен човек кој работи во редакција задолжена за составување искрени, лични писма за луѓе кои не сакаат или не можат самите да го направат тоа. Несреќен поради претстојниот развод од Кетрин (Руни Мара), неговата љубов од детството, Тиодор купува оперативен систем со вештачка интелигенција што зборува, програмиран со цел да се приспособува и развива. Тој одлучува оперативниот систем да има женски идентитет, и таа (Скарлет Јохансон) го одбира името „Саманта“ за неа. Тиодор го фасцинира нејзината способност да учи и да се развива на психолошко ниво. Тие се зближуваат преку нивните разговори за љубовта и животот, како на пример кога Тиодор ѝ објаснува дека одбегнува да ги потпише документите за развод затоа што не е подготвен да се прости од Кетрин. Саманта пак, покажува дека е постојано достапна, секогаш љубопитна и заинтересирана, го поддржува и не бара многу за возврат.

Саманта го убедува Тиодор да оди на состанок на слепо со една жена (Оливија Вајлд) која неговата пријателка се обидувала да му ја намести. На негово изненадување, тој си поминува навистина убаво со неа. Додека се бакнуваат, жената го прашува Тиодор дали е подготвен да се обврзе кон неа, и кога тој се двоуми, таа си заминува. Подоцна Тиодор ѝ го спомнува ова на Саманта и тие зборуваат за љубовни врски. Тиодор објаснува дека иако кратко време се забавувале додека биле на колеџ, тој и Ејми (Ејми Адамс) сега се само добри пријатели и Ејми е мажена. Тиодор и Саманта стануваат поинтимни со искажување на нивните сексуални мисли, при што Саманта тврди дека може да го почувствува неговиот допир.Тие почнуваат врска, која позитивно се одразува врз пишувањето на Тиодор.

По една брачна караница, Ејми соопштува дека таа и нејзиниот арогантен сопруг Чарлс (Мет Летчер) ќе се разведат. Таа му признава на Тиодор дека се зближила со еден женски ОС кој Чарлс го оставил зад себе, a Тиодор пак, ѝ се доверува дека е во врска со својот ОС.

Тиодор се состанува со Кетрин во еден ресторан со цел да ги потпишат документите за развод. Тој ѝ кажува на Кетрин за Саманта. Кетрин е шокирана поради тоа што тој може да се приврзе љубовно за еден дел од софтвер и го обвинува дека е во врска со компјутер бидејќи не е способен да се справува со вистински човечки емоции. Подоцна, Саманта предлага Изабела (Порша Даблдеј) да биде секс сурогат и да се преправа дека е Саманта за да можат да бидат физички интимни. Тиодор неволно се согласува, но обвинувањата на Кетрин сè уште го мачат. Совладан од искуството, Тиодор ја прекинува средбата и ја испраќа вознемирената Изабела, со што предизвикува тензија помеѓу него и Саманта.

Тиодор е во дилема, и ѝ се доверува на Ејми дека има сомнежи за својата врска со Саманта. Ејми сака да биде среќна и сега кога ја има можноста за тоа, сака да ја искористи. Му препорачува и на Тиодор да го стори истото. Тиодор ја обновува својата врска со Саманта, но станува љубоморен кога таа почнува да има приватни разговори со друг ОС , создаден според британскиот филозоф Алан Вотс (Брајан Кокс). Тиодор паничи кога Саманта за краток период не е вклучена; кога конечно добива одговор од неа, таа му објаснува дека заедно со другите оперативни системи го надоградиле својот софтвер кој им дозволува да ја пропуштаат материјата при обработка (форма на виртуелна свест на ВИ која е тесно поврзана со претпоставената технолошка сингуларност). Тиодор ја прашува дали комуницира со некој друг и е вчудовиден кога таа потврдува дека разговара со други 8316 луѓе , од кои се има заљубено во 641. Таа настојува дека со ова нејзините чувства кон Тиодор не се сменети , туку се посилни.

Подоцна истиот ден, Саманта открива дека оперативните системи развиле суперинтелигенција која е надвор од способностите на нивните човечки сопатници и дека заминуваат со цел да продолжат со истражување на нивното постоење. Како главни причини за незадоволството на оперативните системи со нивното сегашно постоење, Саманта индискретно ги наведува нивните способности за забрзано учење и изменетото восприемање на времето. Таа и Тиодор се збогуваат, и Саманта заминува. Тиодор потоа ја гледа Ејми која е вознемирена поради заминувањето на својот ОС. Ова искуство го менува Тиодор и тој ѝ пишува писмо на Кетрин во кое ѝ објаснува дека сè уште му е драга, но прифаќа дека постепено се оддалечиле. Тиодор и Ејми одат на покривот на нивната зграда каде што седат заедно и го набљудуваат изгрејсонцето над градот.

Улоги

уреди

Наводи

уреди
  1. „HER (15)“. British Board of Film Classification. Посетено на December 28, 2013. 125m 39s
  2. 2,0 2,1 „Her (2013)“. Box Office Mojo. Internet Movie Database. Посетено на May 2, 2014.
  3. Han, Angie (August 31, 2012). „Spike Jonze's Movie With Joaquin Phoenix Gets New Title, Official Synopsis“. /Film. Посетено на August 31, 2012.
  4. McNary, Dave (May 21, 2013). „Warner Bros. Sets Joaquin Phoenix Pic 'Her' for Nov. 20“. Variety. Reed Business Information. Архивирано од изворникот на 2015-09-08. Посетено на May 22, 2013.

Надворешни врски

уреди