Студени нозе
Студени нозе — македонска музичка група, активна од 1991 година.[1]
Студени нозе | |
---|---|
Потекло | Скопје, Македонија |
Жанрови | поп-рок |
Период на активност | 1991-1996 |
Поранешни членови | |
Никола Николов - Сури Ивица Стојановски - Фиц Леонид Голчев - Лео Тијана Тодевска Зоран Каранфиловски - Мендо Борис Андреевски - Шкоро Кристина Зорба - Тина Турбо |
Историја
уредиЕдна од малкуте вистински македонски тинејџерски групи на 1990-тите години. Студени нозе била формирана во октомври 1991 г., како продуцентски проект на Тоше Поп-Симонов. Никола Николов - Сури, Ивица Стојановски - Фиц и Леонид Голчев - Лео биле фронтменското трио. Настапите биле најчесто со матрица во заднината, со исклучоци кога Фиц свирел гитара или пак, кога Лео одвреме-навреме го вклучувал својот синтисајзер. Фиц кој се издвојувал како лидер на бендот бил и единствениот со некакво претходно музичко искуство, стекнато низ настапите со маалскиот рок-бенд „Демијан“. Фиц имал искуство и како придружен вокал, кој на единаесетгодишна возраст во 1987 година на Макфест ги отпеал придружните вокали на антологиската песна на Ристо Самарџиев, Чили Вили.
Првата постава на Студени Нозе ја сочинуваат половина од бендот „Демијан“ - Фиц,Зоран Каранфиловски - Мендо,Борис Андреевски - Шкоро,а е надополнета со Сури.Идејата се јавува по иницијатива на Сури кој му предлага на Фиц да влезат во студио и да се сними песна за која Сури добива текст од својот вујко Миле Гочев.Во подготовките ќе биде поканет и Лео кој останува член на групата до крајот.Во оваа постава е снимена првата песна „Опинок".Некаде помеѓу првите две песни и неколкуте настапи од бендот заминуваат Мендо и Шкоро,а поставата се сведува на трио што подоцна сите го препознаваат.Тие ја снимаат својата втора песна „Педигре".Најголемиот успех го достигнуваат со објавата на нивниот трет сингл песната „50 ДМ" на почетокот на 1993 г. која е на врвот на сите топ листи на сите радиа и телевизии со што Студени Нозе како бенд се позиционира како голема нова музичка атракција.
Есента 1993 година групата се екипира во студио и тргнува во снимање на својот деби албум „Нејќу Колор Телевизор" на кои се наоѓаат осум песни,скоро сите авторско дело на Тоше Поп-Симонов кој се јавува како композитор,текстописец,аранжер,програмер,снимател и продуцент.Во снимањето големо учество зема и Валентино Скендеровски како програмер на матриците и ко-аранжер.Гости на албумот се Љупчо Мирковски - Арлекин кои ги пее придружните вокали на песните и свири труба во „Моето куче",како и Дамир Имери на клавијатури,Милан Завков на хармоника и Тања Кочовска придружни вокали во „Мори Цвето моме клето".Студиската верзија на „Ружна женска имам" е всушност снимка од времето на групата „Демијан“ која се размислувало да биде преснимена одново,но сепак остануваа истата верзија на албумот.
Албумот излегува летото 1994 година во издание на „Аудиолаб" на касета.Тие тргнуваат на летна турнеја за прв пат придружени со бенд во живо наречен „Naked Islands" во кои свират: Тоше Поп-Симонов на гитара,Љупчо Мирковски на бас,Трајко Каров на тапани и Валентино Скендеровски на клавијатури.
Подоцна од бендот заминува Фиц,а со него се повлекува и Тоше Поп-Симонов.
Бендот ќе функционира во нова постава уште краток период ,со 3 нови песни,од кои „Маријана" и „Ех тој Тоше" ги пее и Тијана Дапчевиќ,а на синглот „Во Парк" како пејачка се појавува Кристина Зорба - Тина Турбо.
Во 1996 г.излегува мини касета која ги содржи претходно објавените три синглови и е воедно последно дискографско издание на групата.
Наводи
уреди- ↑ Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс ,Тошо Филиповски. стр. 302–303. ISBN 978-608-66200-0-4.