Струмички октоих
Струмички октоих — најстар евидентиран кирилски ракопис кој се поврзува со Струмица и Струмичко, кој датира од првата половина на 13 век.
Јазик | Кирилица |
---|---|
Жанр | октоих |
Издадена | 13 век |
Страници | 106 |
Овој писмен споменик во 1868 година бил пронајден од страна на Александар Гилфердинг, во Струмица, па затоа во науката е познат како Струмички октоих. Имено, самиот Гилфердинг на почетокот од ракописот со молив запишал „Октоих Струмницкий“. Околу неговото датирање постојат повеќе мислења. Така, некои истражувачи го датираат уште во [[11 век]. Сепак, во науката преовладува мислењето дека се работи за книжевен споменик со потекло од првата половина на 13 век. Од него зачувани се само 84 пергаментни листови со формат 24,5х17,5 см.
Бил пишуван со уставно (кирилско) писмо од четворица пишувачи. При новото подврзување на ракописот во 19 век биле дополнети по 11 листови на почетокот и на крајот, или вкупно овој ракопис содржи XI + 84 + XI = 106 листови. Основниот текст на Струмичкиот октоих претставува дел од полн октих, а сочуваниот фрагмент е со песнопеења од IV до VIII глас (недостасува делот на песнопеењата од I до III глас). Во самата содржина се евидентираат преписи од неколку оригинални химнографски творби на Климент Охридски: стихири за св. Јован Крстител на 5-ти, 6-ти и 8-ми глас, како и стихири за апостолите Петар и Павле на 5-ти, 7-ми и 8-ми глас. Тоа се веќе засведочени творби напишани од св. Климент, а од останатите застапени состави во Струмичкиот октоих, нему му се препишува авторството уште и на: стихири на ангелите на 5-ти и на 6-ти глас, како и на канонот за пророците, мачениците и светителите на 4-ти глас.
Во 1872 година ракописот му бил отстапен на познатиот колекционер Алексеј Иванович Хлудов во чијашто збирка се чува и денес во Москва – Историски музеј[1].
Наводи
уреди- ↑ BALCANOSLAVICA 45.