Струмичка чета (Протогеровистичка)
Струмичката чета или Четата на Пандо Кицов и Пандо Николов била револуционерна чета на ВМРО (Автономистичка) која имала протогеровистички убедувања. Таа дејствувала во Струмичко во 1920-те години. Нејзини војводи биле револуционерите Пандо Кицов и Пандо Николов. Била составена од петнаесетина четници. Таа била дел од соединетите чети кои се обиделе да ја нападнат помошната организација управувана од Иван Михајлов во 1928 година.
Формирање и дејствување
уредиВо 20-те години од XX век Струмица и Струмичко се под власт на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Тоа освен повик за борба и приклучување во револуционерните чети за месните жители, исто така е и шанса за докажување за младите четници со потенцијални војводски вештини. Таква е и судбината на Пандо Николов кој во почетокот на 1920-те години убива српски полицаец, а потоа по стекнување доверба кај струмичките војводи Ѓорѓи Вндев и Димитар Димашев, добива дозвола да формира сопствена чета која ќе ја раководи со помош на веќе истакнатиот револуционер Пандо Кицов.
Петнаесетмина вооружени луѓе со манлихерки, облечени во темнокафеави униформи, со реденик околу стомакот и модерните „крумовки“ на глава, така би се опишала четата на Пандо Кицов и Пандо Николов која дејствувала низ Струмичко па и пошироко. Наспроти другите чети кои дејствувале овде, оваа чета како дел од организацијата на Тодор Александров била подобро организирана и опремена, со крајно радикални припадници, но сепак со помал број на луѓе – околу петнаесетмина, на чело со Пандо Кицов и Пандо Николов.
Иако самиот Пандо Николов бил дел од четата на михајловистот Ѓорѓи Вндев, во 1928 година неговата чета успева да се осврне кон протогеровистичката идеологија и да се бори за правдината која му била одземена на Александар Протогеров. Доказ за тоа се контактите на Пандо Кицов со најголемиот поддржувач на Протогеров во тоа време, Петар Шанданов[1] и со револуционерот Борис Изворски, но исто така и контактите и на обајцата војводи со Димитар Димашев, кој е исто така голем поддржувач на протогеровистите, а истовремено и учеството на Кицов и Николов во Петричките настани од 1928 година.
Учество во Петричките настани (1928)
уредиНа 20 јули 1928 година на тајна средба во Софија се собираат приврзаници на Александар Протогеров и поради неприфатливиот и грозоморен чин на Иван Михајлов за убиството на Протогеров, одлучуваат да ја нападнат михајловистичката организација односно Помошната организација на ВМРО со која по убиството на Тодор Александров де-факто управува Иван Михајлов. Четата на Пандо Кицов и Пандо Николов земаат целосно учество во оваа акција[2] и соединети со чети на други војводи од Македонија на 23 јули пристигнуваат во Белово, каде што сите бројат околу 33 четници со протогеровистичка идеологија.
Два дена подоцна, на 25 јули, соединетите чети биле разбиени од михајловистички чети кај месноста Јундола, при што струмичката чета добива голем удар во борбата во кој е убиен нејзиниот војвода Пандо Николов, а дополнително и уште 12 четници од соединетите чети. Акцијата се откажала за кратко, но убедени од правдината, групата прави повторен обид за акција, но уште еднаш нивните чети се разбиени на 20 август кај селото Обидим при што поголем број од групата се убиени, меѓу кои е и другиот војвода Пандо Кицов. Ваквите крвави настани во кои се убиени и двајцата војводи на струмичката чета го претставуваат крајот на нејзиното дејствување.[3]
Наводи
уреди- ↑ Шанданов, Петър, Богатство ми е свободата, ИК Гутенберг, София, 2010, стр.272.
- ↑ Николов, Борис Й. „Вътрешна македоно-одринска революционна организация Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник”. София, 2001, стр. 123.
- ↑ Гаджев, Иван, „Иван Михайлов (отвъд легендите)“, Том I, София 2007, Университетско издателство „Свети Климент Охридски“, стр. 420