Страхил Андреев

(Пренасочено од Страхил Андреевски)

Страхил Андреев (Скопје, 1911 - Скопје, 1989) — македонски боксер кој е основоположник на боксот во Македонија. Тој е и првиот меѓународен сојузен судија, претседател на тренерската организација при Боксерскиот сојуз на Македонија, како и на комисијата за развој на боксот во Македонија.

Страхил Андреев

Животопис

уреди

Страхил Андреев е роден во скопското Пајко Маало. Татко му Коста бил бакалџија, но во 1924 година фатила криза, па заминал на печалба во Египет. Во 1927 година се зачленил во боксерскиот клуб „Олимпик“, којшто бил најпознат клуб во Александрија. Како аматер одбоксувал околу 80 мечеви до 1933 година и во тој период трипати бил првак на Египет во категоријата велтер (1930-1933). Поради завидните успеси продолжил да боксува професионално. Како претставник на Египет боксувал против Алжир, Тунис, Либија, Сирија и Грција. Во 1933 година добил повластица за професионален боксер под името „Стратис Андреевиќ“ со 23 победи и 4 нерешени резултати зад своето име. Во Македонија се вратил во 1947 година и на негова иницијатива биле основани првите боксерски клубови „Победа“ и „Вардар“.

Кариера

уреди

Андреев имал добро изграден стил со беспрекорна техника и пет години бил првак на Египет во категоријата велтер. Боксувал против Сем Хаџис, Тери Але, Мохамед Фехми и други. Како тренер создал плејада врвни македонски боксери. Под неговото стручно раководство изникнале скоро сите истакнати македонски боксери и репрезентативци, од кои добар дел станале подоцна и истакнати судии и тренери. Негови ученици биле: Круме Николовски, Миле Андреевски Штука, Панче Леов, Томе Неделковски и други.

Самиот за својата кариера изјавил:

Мојот живот е боксот. Сум се сродил со него, па го чувствувам како дел од себе. И кога нема мечеви па сум со боксот. Дома направив вистински магацин од боксерска литература, документација и реквизити. Само уште ринг немам. Поврзаноста со овој спорт ниту во еден момент не сум имал намера да ја материјализам. Најголема награда за мене е трудот и работата со младите боксери.

Признанија

уреди

Андреев е носител на многубројни признанија, вклучително „Орден на трудот од трет ред“ (1959) и „Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда“ (1961). На конференцијата на Боксерскиот сојуз на Југославија во 1979 година бил одликуван со признание за животно дело за особен придонес во развојот на боксот во Југославија. Добитник е и на наградата за животно дело на Боксерскиот сојуз на Југославија и е носител на златната значка на СОФК на Југославија од боксерските работници во Македонија.

Користена литература

уреди
  • Македонска енциклопедија. I (прво. изд.). Скопје: МАНУ. стр. 62. ISBN 978-608-203-024-1.
  • Nikitović, D. (1978). Mate i Drugovi: Najveći uspesi jugoslovenskih boksera. BIGZ.
  • 30 години физичка култура и спорт во СР Македонија (1945-1975). Скопје, 1976.
  • МИ-АНОВА Енциклопедија општа и македонска. Скопје, 2006.