За областа во САД, видете Мохито, Њу Џерси.

Мохито (шпански: Mojito, МФА: [moˈxito]) — традиционален кубански алкохолен коктел. Тој се приготвува користејќи бел рум, шеќер (кафеав, или меласа од шеќерна трска), лимета, сода-вода и свежи листови од нане. Комбинацијата од сладок и кисел вкус со нане го затскриваат силниот ефект на румот, и затоа овој хајбол е популарно летно освежување. Многу хотели во Куба додаваат и ангостура сируп за да го намалат слаткиот вкус, но ова не е според првобитниот рецепт создаден во Ла Бодегита дел Медио.[1] Мохитото било омилен пијалак на Хемингвеј, додека престојувал на Куба; веројатно на ова се должи дел од славата на овој пијалак.

Традиционално подготвено мохито во висока чаша украсена со лимета и нане.

При приготвувањето на коктелот најпрво со помош на толчник нежно се гмечат неколку листови од нане заедно со шеќерот во чашата, само колку да ги испуштат маслата, но не и да се распарчат. Потоа се додава румот, и смесата нежно се промешува за да се раствори шеќерот и ливчињата од нане да се искачат во чашата за подобар изглед. На крајот се додава мраз и сода-вода, како и лимета и ливчиња од нане за декорација.[2].

Галерија уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди