Сказна за рибарот и рипката
„Сказна за рибарот и рипката“ (руски: Сказка о рыбаке и рыбке, Skazka o rybake i rybke) е бајка во стихови на Александар Пушкин. Пушкин ја напишал во текот на есента 1833 година за време на неговиот престој во Болдино, а првпат била отпечатена во списанието за книжевност „Библиотека за читање“ во мај 1835 година. Кога ја завршил сказната, Пушкин покрај неа ја ставил следнава забелешка: „14 окт. 1833, Болдино, 18. српска песна“, очигледно планирајќи да ја додаде кон другите 16 песни од збирката „Песните на западните Словени“, заедно со „делот од „Хасанагиница“ (која ја сметал за 17. песна).[1] Приказната зборува за рибарот кој фатил „златна рипка“ и која му ветила дека ќе му исполни каква било желба ако ја ослободи. Натаму, приказната тече слично на руската бајка „Алчната старица“ и бајката на Браќата Грим „Рибарот и неговата жена“.
Содржина
уредиЕден старец и неговата жена живееле сиромашно во мала колиба крај морето, а старецот секој ден одел да лови риби. Еден ден, откако двпати неуспешно ја фрлил мрежата, третиот пат извлекол златна рипка. Рипката го молела да ја ослободи, ветувајќи дека ќе му ја исполни секоја желба. Старецот уплашен од фактот дека рипката зборува, ја ослободил велејќи дека не сака ништо. Кога се вратил во колибата, тој ѝ раскажал на својата сопруга за златната рипка, а таа се налутила и му рекла да се врати и да побара од рипката ново корито, бидејќи нивното било скршено. Старецот така и направил, а рипката со задоволство ја исполнила оваа мала желба. Кога рибарот се вратил дома, неговата сопруга се налутила и го натерала да побара од рипката нова куќа. Рипката му ја исполнила и оваа желба, а кога старецот се вратил назад, наместо трошната колиба, здогледал убава, нова куќа. Меѓутоа, незаситната жена пак го натерала да се врати кај рипката и да ја направи господарка. Рипката ја исполнила и оваа желба, па кога се вратил назад, рибарот ја затекнал својата жена во палата, облечена во крзно и украсена со скап накит. Жена му, наместо да му биде благодарна, го избркала од палатата и го назначила за коњушар. По некое време, незадоволната жена го повикала рибарот и му наредила да побара од рипката да ја претвори во царица. Рипката ја исполнила и оваа желба, а кога се вратил назад, рибарот ја затекнал жена си во раскошна царска палата, опкружена со слуги и дворјани, а него стражарите го исфрлиле надвор. Најпосле, по некое време, незадоволната жена пак го повикала сопругот со желба да биде господарка на океанот, а рипката да ѝ биде слугинка. Кога старецот отишол крај морето, таму беснеела бура, а кога го поставил барањето на својата жена, рипката не одговорила ништо, туку само нурнала во водата. Старецот чекал некое време, а кога не добил никаков одговор, се вратил назад и ја здогледал својата жена во старата колиба, заедно со скршеното корито.[2][3]