Сказна за попот и за неговиот момок Балда

„Сказна за попот и за неговиот момок Балда“ (руски: Сказка о попе и о работнике его Балде) — бајка во стихови на Александар Пушкин, напишана на 13 септември 1830 година на неговиот имот во Болдино.

Сказна за попот и за неговиот момок Балда

Содржина

уреди

Еден поп заминал на пазар и таму го сретнал момчето Балда кое барало работа. Балда се понудил да му служи на попот бесплатно, а како надомест барал само да му удри три ѕврчки. Балда работел вредно, а попот размислувал само за тоа како да го избегне плаќањето. Неговата сопруга го наговорила да му даде тешка задача на Балда и така да се ослободи од него. Попот ја послушал сопругата и му рекол на Балда да оди кај ѓаволот за да го собере данокот што божем тој му го должел нему. Балда го сретнал ѓаволот крај морето и му се заканил, барајќи да му го даде данокот. Тогаш, ѓаволот повикал мало ѓаволче, кое му предложило на Балда да се тркаат, а победникот да го земе данокот. Балда заминал во шумата и уловил два зајака, кои ги пуштил да се тркаат со ѓаволчето и така, служејќи се со итрина, победил во трката. Потоа, ѓаволчето го предизвикало Балда да фрлаат стап во висина, а кога Балда се пофалил дека може да фрли дури до облаците, ѓаволчето се исплашило. Тогаш, Балда му поставил услов на ѓаволчето да крене една кобила и да ја носи на растојание од една врста. Ѓаволот успеал да ја крене кобилата, но откако ја носел неколку чекори, се уморил и се откажал. Балда, пак, ја јавнал кобилата и лесно го поминал пропишаното растојание. Така, тој ги победил ѓаволите во сите натпревари и тие биле принудени да му го исплатат данокот. Потоа, тој се вратил кај попот, му удрил три ѕврчки и го поучил повеќе да не биде алчен.[1]

Наводи

уреди
  1. А. С. Пушкин, Рибарот и рипката и други сказни, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 69-79.