Сиво гушанче
Сиво гушанче | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Трскари |
Род: | Iduna |
Вид: | Сиво гушанче |
Научен назив | |
Iduna pallida (Hemprich & Ehrenberg, 1833) |
Сивото гушанче (науч. Iduna pallida) е мала врапчевидна птица од семејството на трскарите (Acrocephalidae), од родот на гушанчињата (Iduna). Порано беше сметан како подвид на западното сиво гушанче (Iduna opaca), но со современиот начин на таксономските определби се заклучи дека е посебен вид. Оваа птица се размножува низ југоисточна Европа и Среден Исток, а се сели зиме во Африка, под Сахара или во Арабија. Ја има и во Македонија. Редок скитник е во северна Европа.
Опис
уредиСивото гушанче е долго 13-14,5 см и тежи 16-22 г. Одозгора е еднобојно сивкавокафеаво со една слаба нијанса на маслинава боја, а долниот дел, градите, стомакот и под опашката е бело. Клунот му е силен и остар, а нозете сиви. Карактеристично му е држењето на опашката малку надолу. Мажјаците и женките се исти, а младенчињата се малку побледи. Личи на градинското грмушарче. Западниот вид се разликува од овој по тоа што е малку поголем и покафеав одозгора и има поголем клун. Песната му е брзо назално брборење.
Поведение
уредиЖивеалиштето на сивото гушанче се шумите и грмушките, особено бујните со вегетација брегови на водни површини, напуштените овоштарници, како и оазите на Сахара. Птиците од јужниот дел на распространетоста се постојани жители, а оние од понасевер се преселници кои зимата ја поминуваат во тропска Африка.
Птиците се хранат со инсекти и пајаци, коишто ги собираат од листовите и гранките.
Веднаш по неговото пристигнување во местата за размножување, птиците го градат гнездото, кое често се наоѓа во грмушки од капини или мали дрвја, на висина од 0.5 до 2 метра над земја. Понасевер женките несат 4-5 јајца, а во јужниот дел, често само 3. На север, сезоната на парење започнува во јуни и таму имаат само едно легло, а на југ, започнува во мај, па имаат и второ легло во јуни-јули. Последните младенчиња стануваат независни во август. За време на сезоната на парење, мажјакот се додворува така што лета во близина на гнездото, со пеење се вивнува нагоре, а потоа во коса траекторија се спушта надолу.
Наводи
уреди- ↑ „Hippolais pallida“. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 18 May 2009.
- Fregin, S., M. Haase, U. Olsson, and P. Alström. 2009. Multi-locus phylogeny of the family Acrocephalidae (Aves: Passeriformes) - the traditional taxonomy overthrown. Molecular Phylogenetics and Evolution 52: 866-878.
- Sangster, G., J.M. Collinson, P.-A. Crochet, A.G. Knox, D.T. Parkin, L. Svensson, and S.C. Votier. 2011. Taxonomic recommendations for British birds: seventh report. Ibis 153: 883-892.
Надворешни врски
уреди„Сиво гушанче“ на Викивидовите ? |