Седум навраќања кон мотивот трепетлика

„Седум навраќања кон мотивот трепетлика“ — песна на македонскиот поет Гане Тодоровски.

Осврт кон песната

уреди

Песната има вкупно 22 стиха, а се состои од седум навраќања од по четири или два стиха (според шемата: катрен – дистих, катрен – дистих). Почетниот импулс е преземен од македонската народна песна во која е обработен овој мотив при што треперењето на јасиката е божја казна, бидејќи од неа бил направен крстот на којшто бил распнат Исус, односно клинецот со кој била прикована неговата глава. Оттука, во песната се нагласени неспокојот, немирот, јадот и болката. Првите стихови ја прикажуваат тополата со позитивна вредносна оцена како „лична средполка“, но нејзината надворешна убавина е во контраст со нејзината внатрешност („зелени клепки несон, зелена, нема разбранетост“). Јасиката е невино осудена и поетот сака да ѝ помогне така што ѝ се обраќа со зборовите „крстеник да ми беше“, откривајќи ги своите чувства („со Немир би ја крстил“). Во народното верување, стравот од клетвата е многу голем зашто таа не може да се растури и за неа нема лек, а казната се манифестира на две нивоа: психолошко (постојаното треперење) и физиолошко (неплодноста). Треперењето е постојано и вечно, а глаголите со кои се опишува тоа се од „движен“ вид. Неплодноста, пак, не е природно својство на јасиката, туку е стекнато при што таа „им се заблазнува на птиците / на сонот, рожбите, починката им заблазнува“. Вечното треперење на јасиката не значи ништо друго освен отстранување една фаза од кружниот животен циклус, а таа фаза е смртта. Бројот седум се поврзува со божицата Атена која е девица без мајка. Седумкратното навраќање кон јасиката означува опстојување, сосредочување кон една суштинска стварност која се искажува како космичка целост. Притоа, јасиката е свесна за својата неплодност, како и за тоа дека тоа право ѝ е одземено, а птиците кои градат гнезда во нејзината крошна симболички го дополнуваат она што ѝ недостига.[1]

Дејствието во песната тече во континуитет, а во неа се чувствува светлината на сликите и летната жештина, засилена со зелената боја. Јазикот се стреми кон елиптичност и редуцираност, а вербалниот материјал се организира синтаксички единствено според принципот на преносно значење. Понекогаш, растојанието меѓу едниот и другиот член на релација е многу големо и меѓу нив се уфрлаат врзувачки преносно-значенски сегменти. Основната порака во песната е дека целосното разбирање на животот или на смртта останува невозможно.[2]

Наводи

уреди
  1. Катерина Котеска, „Споредбена анализа на Седум навраќања кон мотивот трепетлика од Гане Тодоровски и Тринаесет начини на гледање во еден кос од Валас Стивенс“, Современост, број 3, 2023, стр. 83-84.
  2. Катерина Котеска, „Споредбена анализа на Седум навраќања кон мотивот трепетлика од Гане Тодоровски и Тринаесет начини на гледање во еден кос од Валас Стивенс“, Современост, број 3, 2023, стр. 86.