„Руски прозорец“ (српски: Руски прозор) — роман на српскиот писател Драган Великиќ од 2007 година.

Содржина

уреди

Записи од животот на еден малограѓанин

уреди

Данијел Матијевиќ, поранешен диригент кој останува инвалид по една сообраќајна несреќа, го прераскажува својот живот. Тој живее сам, а за него се грижи слугинката која ја вика Нермина, во спомен на една жена од детството. Детството и младоста ги поминува во едно мало приморско место, каде подоцна работи како наставник по музика во едно основно училиште. Татко му е морнар и со месеци е отсутен од семејниот дом, така што Данијел и сестра му израснуваат со мајка си, вредна и многу уредна жена која одржува совршен ред во куќата. Од детството, неговите најпријатни сеќавања се поврзани со дедо му Миодраг, железничар на една мала железничка станица покрај Ниш. По пензионирањето на татко му, семејството се сели во Белград, а каде претходно тој се запишува на музичката академија. Подоцна, татко му умира, а мајка му заболува од деменција, по што и таа умира. Данијел има повеќе љубовници, а осум години е во брак со Јулија, која го остава поради еден театарски режисер. Потоа, тој се жени со Јелисавета, која ја прегазува автомобил на пешачки премин. Во една прилика, дваесет и пет години по иселувањето од родниот град, тој накратко се враќа таму и ја среќава Клара, неговата голема љубов од средношколските денови. По смртта на Јелисавета, заради неговата навика да мижи додека вози, Данијел доживува сообраќајна несреќа и така останал инвалид.[1]

Возови

уреди

Руди Ступар се качува на воз во Хамбург со намера да се врати во татковината по четиригодишниот престој во Германија и тоа го поттикнува да се присети на своето минато. Тој е израснат во мало место во Војводина, каде мајка му работи како шивачка на костимите и така го засакува театарот. Во Белград студира германистика, а истовремено двапати безуспешно се обидува да се запише на драмската академија. За време на средношколските денови, поради претераната срамежливост, нема девојки, а првата љубовна врска ја доживува со Ирена за време на студиите, кога за првпат се чувствува исполнет и среќен. По завршувањето на факултетот, како невработен, се пријавува на оглас и му помага на 50-годишниот Данијел Матијевиќ. За време на прошетките, Руди тајно ги снима разговорите со Данијел. Истовремено, тој ѝ помага и на поранешната театарска глумица Лехоткај, препишувајќи ги нејзините мемоари. Еден ден, за време на редовната прошетка со Данијел, Руди ја здогледува својата девојка Ирена во прегратка со друго момче, а истиот ден дознава дека умрел неговиот татко и глумицата Лехоткај. Тогаш, за да ја избегне воената обврска, тој решава да побегне во Будимпешта.[2]

Во Будимпешта, Руди ја запознава фризерката Едина со која започнува љубовна врска, а некое време работи во Институтот Гете. На дочекот на 1999 година ја запознава Соња Лаловиќ, ќерката на познат југословенски генерал кој во 1948 година пребегал во Будимпешта. Неговата љубовна врска со Соња трае само три дена, по што таа го напушта. Во март 1999 година започнува бомбардирањето на Србија и тогаш Руди е многу зафатен, работејќи како преведувач за бројните германски новинарски екипи. Во тој период, тој се дружи со писателот Константин Иваниќ и со неговата сопруга Маријана, кои го поттикнуваат да пишува, така што Руди купува Преносен сметач. Во септември истата година, тој добива стипендија и заминува во Минхен.[3]

Во Минхен, најпрвин кратко време работи во една стоковна куќа, но брзо дава отказ од работата и се посветува на пишувањето, а живее од својата заштеда. Таму, тој повторно се чувствува осамен и несигурен, така што често ги посетува проститутките. Не можејќи да го најде своето место во светот, Руди се сели во Хамбург, каде ја запознава Алиса со која има кратка љубовна врска. Во една прилика, тој патува во околината на Бремен со цел да го посетува музејот на сликарот Херман Фогел и да ги види сликите кои своевремено ѝ припаѓале на мајка ѝ на Соња. Под влијание на посетата, тој започнува да пишува драма за сликарот. Во Хамбург, Руди го запознава Арно, кој е сопственик на фирмата за погребни услуги „Парадизо“ и наскоро се вработува таму, но еден ден одлучува да направи голема промена во животот и да се врати во татковината. Додека патува со возот, Руди ја чита книгата „Невидливиот свет“ на Штефан Гурецки во која се опишува животот на главниот лик Фабијан Мазурски. Сепак, при префрлањето во друг воз, тој ја заборава книгата во Минхен и ноќта пристигнува во Будимпешта, каде се прекинува раскажувањето за него.[4]

Некои други приказни

уреди

Последниот дел од романот е составен од кратки искази на вистинските и измислените ликови кои се јавуваат во романот: Богдан Тонтиќ, глумецот во театарот во родното место на Руди, раскажува за својата заводничка способност; мајка му на Руди, Ѓурѓа, раскажува за своите минхенски години, кога некое време работела во бордел, како и за љубовната врска со Богдан; писателот Константин Иваниќ зборува за искреноста кон себеси како основен услов на пишувањето; неговата сопруга Маријана раскажува за бракот без љубов поради што го оставила Константин по заминувањето во САД; Херман Фогел му порачува на Руди да го живее својот живот, а не да се угледува на другите; глумицата Маријана Лехоткај ги споменува своите три брака во кои живеела без љубов; студентката која Руди ја запознал на приемниот испит во драмската академија, а која ја нарекува Црвенокосата, раскажува дека Руди веднаш ѝ се допаднал и постојано очекувала неговото додворување кое никогаш не се случило; поранешната девојка на Руди, Ирена, имала повеќе љубовни врски по разделбата, но сè уште се сеќава на него; Едина се прашува каде се наоѓа Руди; Соња ја објаснува својата одлука да ја прекине врската со Руди поради неговата непостојаност; нејзиниот татко Радоје Лаловиќ раскажува за своето минато; татко му на Руди раскажува за својот срам од дебелината на мајка си и за борбата со сознанието за неверствата на Ѓурѓа; диригентот Данијел го искажува својот став дека тој и Руди се слични личности; своите впечатоци ги искажуваат и Фабијан Мазурски, познаничката на Руди, Мелике, како и мртовците од „Парадизо“: Тибор Толди, Марлиз Шварц и непознатиот мртовец; и најпосле му се обраќаат замислените ликови Таа и Тој при што Таа му порачува дека го чека и дека еден ден сигурно ќе ја најде, а Тој го советува да пишува за сопствената животна приказна.[5]

Осврт кон делото

уреди

Романот „Руски прозорец“ е добитник на НИН-овата награда за најдобар српски роман во 2007 година. Притоа, романот добил позитивни оцени од книжевната критика: На пример, во својот осврт кон делото, Миљенко Јерговиќ истакнува: „Стилските средства со кои е раскажана неговата приказна во Рускиот прозорец секако не се од сезоната пролет-лето. Како многу големи писатели, Великиќ го создал своето дело како отпор кон она што е главна струја на една книжевност и на една култура“.[6] Според Јован Ќирилов, „Драган Великиќ го напишал оној вид романи во кој секој може да го најде својот роман. Руски прозорец е брилијантна, самоиронична анализа на малограѓанинот. Секој искрен читател на овие страници ќе го препознае малограѓанинот во себеси.“ Понатаму, Теофил Панчиќ истакнува: „Можеби најголемата вредност на пишувањето на Великиќ, која го доживува врвот токму во овој роман, е неговото извонредно префинето чувство за „животниот“ детаљ што го прикажува и го повикува со речиси шаманска моќ за материјализација.“[7]

Наводи

уреди
  1. Dragan Velikić, Ruski prozor (Roman-omnibus). Laguna, Beograd, 2022, стр. 9-80.
  2. Dragan Velikić, Ruski prozor (Roman-omnibus). Laguna, Beograd, 2022, стр. 83-139.
  3. Dragan Velikić, Ruski prozor (Roman-omnibus). Laguna, Beograd, 2022, стр. 139-222.
  4. Dragan Velikić, Ruski prozor (Roman-omnibus). Laguna, Beograd, 2022, стр. 222-331.
  5. Dragan Velikić, Ruski prozor (Roman-omnibus). Laguna, Beograd, 2022, стр. 335-362.
  6. Dragan Velikić, Islednik, peto izdanje. Beograd: Laguna, 2016, стр. 268.
  7. Dragan Velikić, Ruski prozor (Roman-omnibus). Laguna, Beograd, 2022.