Робертини
Семејството Робертини било семејство кое припаѓало на франкското благородништво именувано според името Роберт кое го носеле голем број членови на оваа семејна лоза [1] вклучително Роберт од Хеспенгау (околу 770), Роберт III од Вормс (околу 800), Роберт Силниот (околу 820), и Роберт I од Франција (околу 866). Тие биле значајно франкско семејство кое живеело во Западното Франкско Царство и биле предци на Капетите. Робертините се венчавале со припадници на благородничката семејна лоза на Каролинзите, а некои припадници на нивната лоза како Одо, Роберт I и Иго Капет биле познати кралеви кои владееле со Западна Франкија.
Во историјата, Иго Капет е познат како „последниот крал на Франките“ и првиот крал на Франција. Тој е основоположникот на Капетинската династија, семејство кое со Франција без прекин владеело од 987 до 1792 а потоа и од 1815 до 1848. Така, од 888 до 1848, или период од речиси 1000 години, семејството чија семејна лоза влече корени од Робертините одиграло значајна улога во севкупниот политички живот на Франција[2] а воедно и на Европа.
Белешки и наводи
уреди- ↑ Името Роберт се среќава речиси во секоја генерација Робертини а потоа и кај директните Капети. Филип IV Убавиот бил последниот капетински крал кој својот син го крстил Роберт. Кај Бурбоните од лозата на Роберт од Клермонд, синот на Свети Луј, повторно го користеле ова име во 19 век со Роберт Орлеански, војводата од Шартр и со Роберт I, војводата на Парма.
- ↑ Ако се земат предвид државите во кои владееле Капетите, на пример Шпанија каде владеат Бурбоните од 1975, може да се каже дека потомците на Робертините имаат огромна политичка улога во Европа и тоа во период од единаесет века.