Релјеф на Македонија

(Пренасочено од Релјеф во Македонија)

Релјефот на Македонија е претежно планински. На околу 75 % од нејзината територија има планини. Релјефот на Македонија е составен од ридови, ниски, средни и високи планини, висорамнини, котлини, речни долини и други релјефни облици. Најниска точка во Република Македонија се наоѓа на 44 м надморска височина кај селото Богородица близу Гевгелија, а највисоката е на 2.746 м надморска височина на врвот Голем Кораб.

Создавање

уреди

Денешниов релјеф е создаден под влијание на внатрешни и надворешни сили низ долг период кој траел милиони години. Пред многу милиони години оваа територија била покриена со водата од големото море. Подоцна силните тектонски движења го подигнале дното на морето и се создало копното. Тоа било родопското копно - најстаро во нашава земја. Тектонските движења биле многу посилни во наредните периоди и тие предизвикале некои делови од Родопското копно да се подигнат, а други се спуштат. Така настанале старите планини и повеќето планини на овој простор. На запад, од ова копно се издигнале младите планини кои спаѓаат во Шарскиот планински предел. Тектонските движења биле проследени со појава на земјотреси и живи вулкани. Последица од нив се вулканските купи во Кратовско, Радовишко и на Планината Кожуф.

Внатрешни и надворешни сили

уреди

Внатрешните сили предизвикуваат движења на Земјината кора кои се познати како тектонски движења. Под влијание на овие движења некои делови од Земјината кора се кревале и спуштале или хоризонтални се поместувале. На овој начин настанеле крупните земјишни облици - планини и котлини.

Надворешните сили како сонцето, ветерот, врнежите, водите, ледниците и друго го менувале релјефот (растегање на карпите) и создавале ерозивни и акумулативни земјишни облици. Тоа се речните долини, клисурите и друго.