Растителен континуум
Растителен континуум — особина на растителноста на Земјата да постои во вид на непрекинат покривач. Тој се пројавува како постепен преод на растителните заедници од еден во друг тип, кој е предизвикан од постепените измени на надворешната средина. Популаризирањето на континуумската организација на растителниот покривач се јавило како противтеза на хипотезата за негова дискретност во средината на XX век. Прашањето за тоа дали растителниот покривач е дискретен или континуумски се јавува како централно во историјата на фитоценологијата.
Постојат неколку видови на растителен континуум:
- пространствен континуум — постепено изменување на составот и својствата на растителниот покривач во пространството;
- хоризонтален континуум — преод на едни заедници во други при промени во условите на средината;
- вертикален континуум — постепен преод на едни катови на фитоценозата во други;
- временски континуум — постепена промена на составот и својствата на растителниот покривач со текот на времето (при сезонски и повеќегодишни колебања, сукцесија и еволуција на растителноста);
- синтаксономски континуум — ја одразува сличноста на претходните (интермедиерни) заедници со постоечките синтаксони.
Непрекинатоста (континуумот) на растителниот покривач има универзален карактер, иако степенот на непрекинатост може да биде најразличен. Тој се наголемува во заедниците со некои силни едификаторски видови (на пример, шуми од умерениот појас), а се намалува во заедниците со многу слаби едификатори (како ливади, рудерална растителност, степи).