Катовност (ботаника)
Кат — елемент од вертикалната структура на фитоценозата. Катовите се разликуваат визуелно по нееднородната вертикална распределба на фитомасата. Се разликува подземна и надземна катовност. Благодарение на катовниот распоред на растенијата во заедниците, абиотичките услови на животната средина (светлина, топлина, почва) се искористуваат најдобро од страна на растенијата. Овој податок укажува на тоа дека еколошките услови за живот на секој кат се различни.
Во шумите составени од растенија кои припаѓаат на различни животни форми можат да се забележат следните катови:
- кат A — дрвја (кат на дрвја);
- кат B — грмушки (кат на грмушки);
- кат C — треви (кат на тревестите растенија);
- кат D — кат на мовови и лишаи.
Една од поважните особини на катот на дрвјата е големината на короната на дрвото. Оваа величина се изразува како однос на површината која ја зазема короната со општата површина на испитуваната единка (организам).
Како една од поважните одлики на тревестите заедници и тревниот кат од шумите се јавува аспектот — го дава надворешниот изглед на фитоценозата (физиономичност, обоеност), кој се менува во согласност со последователните фази од развитокот на растенијата и годишните времиња.
Како надворешна одлика се јавува абунданцијата, која претставува број на единки од определен вид на растенија на една пробна површина. При определувањето на абунданцијата се користат табели изработени од германскиот научник Оскар Друде.
Кај некои видови на ливади, можна е појава и на дополнителни катови: високотревен, среднотревен и нискотревен кат.