Природна стапка на невработеност
Природната стапка на невработеност (англиски: natural rate of unempolyment) ја означува стапката на невработеност при која очекуваната и остварената инфлација се совпаѓаат. Тоа, пак, упатува кон следново: прво, секоја стапка на невработеност под(над) природната стапка значи дека тековната инфлација е поголема(помала) од очекуваната, така што единствената стабилна Филипсова крива е поврзана со природната стапка на невработеност и; второ, заради приспособувањето на очекуваната инфлација, на долг рок, економската политика не може да оствари пониска невработеност од природната стапка, а секој таков обид завршува со постојано растечка инфлација. Природната стапка на невработеност е во тесна врска со концептите на подобрената и долгорочната Филипсова крива. Денес, природната стапка на невработеност претставува составен елемент на макроекономските модели.
Историјат
уредиСамиот поим „природна стапка“ го вовел Милтон Фридман како паралела на концептот на природна стапка на интерес на Кнут Виксел[1], додека Едмунд Фелпс оперирал со изразот рамнотежна стапка на невработеност (equilibrium unemployment ratio).[2] Во тоа време, овој концепт бил нарекуван уште и теза за постојана невработеност (permanent unemployment thesis) и хипотеза за силни очекувања (strong expectations hypothesis). Според Фелпс, неговите почетоци се наоѓаат кај Вилијам Фелнер и Хенри Валих во втората половина на 1950-тите, како и кај Лудвиг фон Мизес пред тоа.[3] Подоцна, новите класичари го разработиле концептот на природната стапка на невработеност, покажувајќи дека тој секогаш важи при поставката за рационални очекувања.[4]
Стапка на невработеност што не ја забрзува инфлацијата
уредиВо поново време, паралелно со природната стапка на невработеност, најчесто се употребува изразот стапка на невработеност што не ја забрзува инфлацијата (NAIRU - Non-Accelerating Inflation Rate of Unemployment), кој означува стапка на невработеност што е во согласност со стабилна инфлација. Обично, изразите природна стапка и NAIRU се употребуваат како синоними, но постојат и мислења дека овие концепти означуваат различни нешта. Така, NAIRU е стапката на невработеност која, во отсуство на шокови, нема тенденција да ја засили инфлацијата, додека природната стапка е онаа невработеност што самата економија има тенденција да ја генерира, имајќи ги предвид шоковите кои ја погаѓаат. На кус рок, под дејство на шоковите на агрегатната побарувачка, NAIRU може да биде под природната стапка, но по цена на повисока инфлација, но, подоцна, невработеноста се враќа на рамнотежното ниво.[5] Уште повеќе, еден познат макроекономист вели дека е срамота што печатот, па дури и професионалните публикации, не прават разлика меѓу NAIRU и природната стапка, посебно што самиот концепт NAIRU, по дефиниција, е несоодветен на природната стапка.[6]
Детерминанти на природната стапка на невработеност
уредиИзразот „природна стапка на невработеност“ асоцира на нешто трајно, нешто дадено од природата, но таа воопшто не е некој фиксен број, туку се менува, во зависност од бројни фактори: степенот на конкуренција, т.е. монополизираност на пазарите на производи и услуги, организацијата на пазарот на труд, законските и административните регулативи на пазарот на труд, демографскиот состав на работната сила, системот на социјално осигурување, технолошкиот прогрес итн. Со други зборови, набљудувано на долг рок, не постои единствена природна стапка на невработеност. Слично на тоа, бројните пресметки на NAIRU за разни земји потврдуваат дека долгорочната рамнотежна невработеност се менува со текот на времето. Оттука, обично се прави разлика помеѓу NAIRU на кус и на долг рок. Кусорочната NAIRU значи дека невработеноста се менува и може да отстапува од долгорочната природна стапка на невработеност, но инфлацијата е стабилна, а на долг рок, NAIRU значи дека и невработеноста и инфлацијата се стабилни.
Природната стапка во емпириските истражувања
уредиУште во раните 1970-ти, новите класичари извршиле низа емпириски тестови со цел да ја одбранат хипотезата за природната стапка на невработеност од нападите на нејзините противници. Притоа, истражувањата на Роберт Лукас ја потврдуваат хипотезата за природната стапка,[7][8] додека други автори добиваат мешани резултати, но, во основа, ја потврдуваат хипотезата.[9][10] Сепак, поновите пресметки на природната стапка на невработеност во одделни земји покажуваат дека таа се мери со голема непрецизност, што значително ја намалува практичната употребливост на овој концепт за практичното водење на економската политика.[11][12][13][14]
Природната стапка и економската политика
уредиКонцептот на природната стапка не негира дека монетарната политика влијае врз агрегатната побарувачка, производството и вработеноста, туку укажува на тоа дека врз основа на претходното искуство со инфлацијата, очекувањата за идната инфлација ќе се поместат така што, на долг рок, влијанието на монетарната политика врз производството ќе исчезне. Според тоа, концептот на природната стапка на невработеност има големо значење за економската политика, која, набљудувано на долг рок, не може да влијае врз рамнотежната стапка на невработеност, бидејќи таа е во целост определена од факторите на страната на агрегатната понуда.
Извори
уреди- ↑ Milton Friedman, "Inflation and Unemployment - Nobel Prize Lecture", во Kurt R. Leube, ed., The Essence of Friedman, Hoover Institution Press, Stanford, California, 1991, стр. 353.
- ↑ Edmund S. Phelps, "Phillips Curves, Expectations of Inflation and Optimal Unemployment Over Time", Economica, 34, August 1967.
- ↑ Edmund S. Phelps, "The New Microeconomics in Inflation and Employment Theory", American Economic Review, 59(2), May 1969, стр. 148.
- ↑ Robert E. Lucas, "Econometric Testing of the Natural Rate Hypothesis", во Otto Eckstein, The Econometrics of Price Determination, Board of Governors of the Federal Reserve System, Washington D.C., 1972.
- ↑ Peter B. Clark and Douglas Laxton, "Phillips Curves, Phillips Lines and the Unemployment Costs of Overheating", WP/97/17, IMF, February 1997.
- ↑ Bennett T. McCallum, "Recent Developments in the Analysis of Monetary Policy Rules", Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 81(6), November/December 1999, стр. 6.
- ↑ Robert E. Lucas, "Econometric Testing of the Natural Rate Hypothesis", во Otto Eckstein, The Econometrics of Price Determination, Board of Governors of the Federal Reserve System, Washington D.C., 1972.
- ↑ Robert E. Lucas, "Some International Evidence on Output-Inflation Tradeoffs", American Economic Review, LXIII(3), June 1973.
- ↑ Thomas J. Sargent, "Rational Expectations, the Real Rate of Interest, and the Natural Rate of Unemployment." Brookings Papers on Economic Activity, 2, 1973.
- ↑ Thomas J. Sargent and Neil Wallace, Rational Expectations and the Theory of Economic Policy, Part II: Arguments and Evidence, University of Minnesota and Federal Reserve Bank of Minneapolis, June 1976.
- ↑ Vincent Hogan, "Explaining the Recent Behavior of Inflation and Unemployment in the United States", WP/98/145, IMF, September 1998.
- ↑ Chris Melliss and A. E. Webb, "The United Kingdom NAIRU: Concepts, Measurement and Policy Implications", Economics Department Working Papers No.182, OECD, 1997.
- ↑ Karl Pichelmann and Andreas Urlich Schuh, "The NAIRU-Concept: A Few Remarks", Economics Department Working Papers No.178, OECD, 1997.
- ↑ Joost Verlinden, "Concept, Measurement and Policy Implications of the NAIRU - Perspective from Blegium", Economics Department Working Papers No. 184, OECD, Paris, 1997.