Потекло на името Плачковица

Постојат повеќе легенди за потеклото на името на планината Плачковица. Овие се најпознатите:[1]

Месноста Шилест Чукар на Плачковица

Прва легенда

уреди

Постојат две верзии на првата легенда во која се раскажува за Александар III Македонски и Филип II Македонски.

Прва верзија

уреди

Низ векови, се прераскажува една легенда за кралот Александар и за неговиот престој кај некој крал од тој регион, кој наводно имал свое кралство, кое се викало Пајонија. Двајцата кралеви се состанале во Светиот Град, кој се наоѓал на платото од планината Плачковица. Во тој Свет Град Александар и неговиот домаќин Липиј разговарале како да продолжат добрите односи меѓу тие два народа во добро и во лошо. Се договориле да си помагаат во сите нешта кои се од доменот на државните односи. По таквата спогодба и разбирање, на радоста ѝ немало крај, а таа се пренела и во народот, така што поединци почнале како и кралот да плачат и да ронат солзи радосници. Врз основа на оваа случка (и поради тоа што се излеале многу солзи) се формирал поток — рекичка, кој тогашните мештани го нарекле Плачковица, по што ѝ го промениле името и на планината во Плачковица, имиња кои останале до денес.

Втора верзија

уреди

Според третата легенда, името на таа планина е променето по средбата на кралот Александар III Македонски и кралот на Пајонија — Лангар. Средбата на двата крала била на планината во населеното место Свет Град. На неа Александар како македонски крал, и Лангар како крал на Пајонците, се договориле да се воспостават што подобри државни односи од оние меѓу татко му Филип II додека бил жив и кралот Лангар. Разбирањето за државните работи меѓу кралевите било на завидно ниво, по што на двајцата почнале да им течат солзи радосници, толку многу солзи што се формирал поток, кој месното население го нарекло Плачковица, бидејќи кралевите плачеле од радост.

Втора легенда

уреди

Според неа, татко му на Александар III, кралот на Македонците, Филип II го донел синот на планината Плачковица, која пред тоа имала друго име, кај некоја жена која знаела да лекува за да го излекува од преголемото плачење, кое го обземало идниот крал на Македонија. Таа жена живеела во градот на Плачковица кој се викал Свет Град. Откако го донеле принцот Александар во придружба на татко му, кралот Филип II, и ѝ кажале на жената за што се работи, таа им одговорила дека детето е сосема здраво, а плаче затоа што во себе поседува преголема енергија и на тој начин мора да се ослободува од неа, при што им рекла да не се возбудуваат, треба да го остават на мира и дека наскоро, штом ќе почне да оди, ќе престане со плачењето и му предвидела дека ќе стане голем цар и ќе ја надмине славата на татко му. Кога ова го слушнал Филип II, кој бил во придружба на месниот крал Липиј, кој престојувал во Светиот Град на Плачковица, од радост се расплакал како и неговиот домаќин, и по нивното плачење името на планината ѝ го замениле со Плачковица.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди