Портал:Велосипедизам/Избрана биографија

Алберто Контадор Веласко (шпански: Alberto Contador Velasco; р. 6 декември 1982) — шпански професионален друмски велосипедист и еден од петте возачи кои имаат победено на сите три големи трки во друмскиот велосипедизам. Тој бил победник на Тур де Франс 2007 со екипата Дискавери Канал. Со екипата Астана ги освои Џиро д’Италија 2008, Вуелта а Еспања 2008 и Тур де Франс 2009. Исто така, првично го освоил и Тур де Франс 2010 со оваа екипа и Џиро д’Италија 2011 со екипата Саксо Банк-СанГард, но овие титули му биле одземени откако се покажал виновен по обвинувањата за допинг. Потоа, повторно ја освоил Вуелта а Еспања во 2012 и во 2014 година.

Контадор често е сметан како најдобриот специјалист за искачување и најдобар возач на етапни трки во светот. Познати завршници на етапи на нагорнина се победите на Алто де Ел Англиру на Вуелта, Плато де Бел на Тур и Етна на Џиро. Откако се очекувало да го изгуби неговото мало водство на Тур де Франс 2007 на завршниот индивидуален хронометар, Контадор станал подобар на хронометрите, со неколку победи во оваа дисциплина. Тој ја заработил оцената како универзален возач, велосипедист кој посветил внимание на сите делови од етапното тркање, кои се потребни за остварување високи пласмани во генералните пласмани.

Кариерата на Контадор е обележана со неколку обвинувања за допинг. Случајот „Операција Пуерто“ ја довела неговата екипа ONCE (целосно неповрзана екипа со моменталната екипа Астана) да се откаже од Тур де Франс 2006 пред тој да започне. На крајот било одлучено дека тој немал никаква врска со случајот, но бил повторно обвинет за допинг по неговата победа на трката следната година. Во септември 2010, Контадор објавил дека бил позитивен на кленбутерол на контрола одржана на Тур де Франс 2010, каде завршил како победник, но иако бил суспендиран во текот на истрагата, тој бил прогласен за чист од Кралската шпанска велосипедска федерација. Истрагата од Арбитражниот суд за спорт првично закажана за јуни 2011 била неколку пати одложувана до февруари 2012, кога судот одлучил дека на Контадор ќе му бидат одземени сите резултати постигнати на Тур де Франс и подоцна, што значело дека ја губи и титулата на Џиро д’Италија 2011. Исто така, бил суспендиран до 5 август 2012 и неговиот договор со Тим Саксо Банк бил раскинат. По завршувањето на неговата суспензија, Контадор повторно му се приклучил на преименуваниот Тим Саксо Банк-Тинкоф Банк. Прочитајте повеќе