Политика на едно дете

'Политика на едно дете, офиц. политика на планирање на семејството,[1] — поранешна политика за контрола на прирастот на населението во Кина воведена меѓу 1978 и 1980 г.[2][3][4] и формално укината во 2015 г., кога е воведена политика на две сеца.[2][5] Политиката допуштала поголема низа исклучоци и не се однесувала на малцинските народности. Во 2007 г. само 36% од населението подлежело на строгото ограничување на едно дете.[6] Во исто време, 53% од населението можело да има второ дете ако првороденото е женско.[4] Оваа политика продолжила сè до 2021 г. кога е воведена политиката на две деца.

opis
Владин натпис во Нанчанг:„За успешна и моќна нација и за среќно семејство - планирајте го раѓањето деца“

Оваа политика била воведена во 1978 година и на почетокот се однесувале на првороденчињата родени во 1979 година. Кинеската влада ја создаде оваа политика за да ги намали социјалните, економските и еколошките проблеми во Кина и властите тврдат дека од нејзиното спроведување па сè до 2000 година политиката го спречила раѓањето на повеќе од 250 милиони деца. Политиката на едно дете е контроверзна како во рамките на Кина така и надвор од неа поради начинот на којшто таа се спроведува како и поради загриженоста за нејзините негативните последици врз општеството. Оваа политика е посочена како причина за зголемениот број на присилни абортуси, убиства на женски новороденчиња и непријавување на раѓањето на женски деца, а исто така се смета дека можно е таа да стои и зад половата нерамнотежа. Меѓутоа, една анкета којашто беше спроведена во 2008 година од страна на Центарот за истражување Пју покажа дека 76% од кинеското население ја поддржува оваа политика.

Политиката се спроведува на ниво на провинции, преку парични казни коишто се одредуваат во зависност од приходот на семејството, како и некои други чинители. Комисиите за население и планирање семејство (кинески: 计划生育委员会) постојат на секое ниво на управување за да ја подигнат свеста во поглед на ова прашање, да вршат пријавување на новороденчињата и да вршат контрола. Но, и покрај оваа политика сè уште има луѓе коишто имаат повеќе од едно дете.

Во 2008 година, Националната комисија за население и планирање семејство на Кина рече дека оваа политика ќе продолжи да се спроведува најмалку уште една деценија. Во 2010 година беше изјавено дека мнозинството граѓани коишто први беа подложени на оваа политика веќе не се наоѓаат во репродуктивните години и исто така се претпоставува дека во последните години многу граѓани едноставно ја игнорираат или пак ја прекршуваат политиката. Политиката се променила со замена на правилото, воведувајќи политка на две деца во 2021 г.

Краток преглед

уреди

Политиката на едно дете ги поттикнува семејствата со едно дете и им забранува на брачните двојки коишто живеат во урбаните области да имаат повеќе од едно дете. Родителите коишто имаат повеќе деца ги немаат истите придобивки што ги имаат оние коишто имаат едно дете. Во повеќето случаи, богатите семејства ѝ плаќаат на Владата казна за да можат да имаат второ дете.

Тековна состојба

уреди

Ограничувањето строго се спроведува во урбаните области, но неговото реално применување е различно од една локација до друга. Во повеќето рурални области, семејствата можат да поднесат барање за второ дете ако првото дете им е женско или е физички хендикепирано, душевно болно или пак со пречки во менталниот развој. Разликата во години помеѓу првото и второто дете е најчесто 3 или 4 години. За семејствата коишто ја прекршуваат политиката, односно коишто имаат повеќе деца следуваат парични казни или пак можат да им бидат укинати бонусите коишто тие ги добиваат на работа. Доколку децата родени во прекуморските земји не се стекнат со кинеско државјанство тогаш тие не се подложени на оваа политика. Кинеските граѓани коишто се враќаат од странство можат да имаат второ дете.

Казната за социјална издршка (поедноставен кинески: 社会抚养费; традиционален кинески: 社會撫養費; пин-јин: shèhuì fúyǎng fèi) којашто на Западот понекогаш се нарекува казна за планирање семејство се наплатува како збир или од годишниот расположлив приход на граѓаните или пак од годишниот приход во готовина на селаните одреден годишно, од страна на локалната канцеларија за статистика. Оттука, паричната казна за дете родено над квотата таа година е збир, во зависност од областа, или од расположливиот приход на жителите од руралните области или пак од приходот во готовина на селаните, проценет таа година од страна на локалната канцеларија за статистика. Па така казната за дете родено пред десет години се одредува според приходот проценет за таа година кога е детето родено, а не според тековната година. Родителите исто така треба да платат за школувањето на децата како и за целокупната здравствена заштита на семејството. Децата коишто се единци плаќаат помалку за разлика од децата од другите семејства. Уште од самиот почеток политиката на едно дете беше планирана да биде политика на една генерација.

Сега политиката на едно дете се спроведува на ниво на провинции, но не во иста мера: во некои провинции ограничувањата се поолабавени. Во многу провинции и градови, како на пример Хенан и Пекинг на оние родители коишто и самите се деца-единци им е дозволено да имаат две деца. Веќе во 1987 година, официјалната политика им даде можност на локалните службеници да прават исклучоци со што ќе им дозволат на одредени семејства да имаат второ дете во случај на „практични тешкотии“, на пример ако таткото е воен инвалид, или пак доколку двајцата родители се деца-единци, а во некои провинции постоеја и други исклучоци. По земјотресот во Сечуан во 2008 година, беше направено ново отстапување од одредбите коешто се однесуваше на оваа провинција, односно на родителите коишто ги изгубиле своите деца во земјотресот. Слични отстапувања постоеле и претходно за оние родители чиишто деца биле тешки инвалиди или биле починати.

Исто така, сите етнички групи со исклучок на етничката група Хан се подложени на различни правила, во согласност со политиката на афирмативна акција на НР Кина кон етничките малцинства, па така најчесто оние коишто живеат во урбаните области смеат да имаат две деца, а оние во руралните области три или четири. Исто и на Хан-Кинезите коишто живеат во руралните области честопати им е дозволено да имаат две деца. Поради овие брачни двојки како и оние од урбаните средини коишто едноставно плаќаат парична казна (или казна за социјална издршка) за да имаат повеќе деца, број на деца по семејство, на копното на Кина е поблиску до две отколку до едно (1,8). Во 1970-тите години дојде до нагло намалување на плодноста и тоа пред воведувањето на политиката на едно дете во 1979 година. Политиките за популационото планирање и кампањите се актуелни во Кина уште од 1950-тите години. Во текот на 1970-тите години беше актуелна кампањата „Имате едно дете? Одлично! Две деца? Доволно се! Три? Премногу се!“

Во април 2007 година, една студија од страна на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, за којашто се тврди дека е првата систематска студија за оваа политика, открила дека политиката на едно дете се покажала како „неверојатно успешна“. Други извештаи покажале дека во некои области постои стареење на населението и негативен пораст на населението.

Влијанија врз порастот на населението и стапката на плодност

уреди
 
Старосна пирамида на Кина на којашто се прикажани помалите старосни групи во последните години.

По воведувањето на политиката на едно дете, стапката на плодност во Кина се намали, при што бројот на раѓања по жена во 1980 година изнесуваше повеќе од три деца, што значи бројот на раѓања којшто во раните 1970-ти години беше поголем од пет веќе беше намален, за да во 2008 година биде од прилика околу 1,8 раѓања по жена. (Колоквијалниот термин „број на раѓања по жена“ често е официјализиран и гласи „Вкупна стапка на плодност“ или скратено ВСП, и претставува технички термин којшто се употребува во демографската анализа и го означува просечниот број на деца коишто една жена би ги родила за време на нејзиниот животен век односно за време на специфичните репродуктивни години од нејзиниот живот).

Кинеската влада процени дека со политиката на едно дете во 2008 година имала 3 до 400 000 000 помалку луѓе, бројка којашто би постоела доколку не би била политиката на едно дете. Според тоа, кинеските власти сметаат дека оваа политика многу помогнала за спроведување на тековниот економски раст на Кина. Опаѓањето на стапката на плодност, а со тоа и опаѓањето на порастот на населението доведоа до намалување на сериозноста на проблемите коишто одат во пакет со пренаселеноста како што се епидемиите, сиромаштијата, преголемата потреба од социјални услуги како што е здравството, образованието, спроведувањето на законите, преголемата оптовареност на екосистемот поради искористувањето на плодното земјиште и создавањето на големи количини отпаден материјал. Но, и со ваквата политика Кина сè уште, на секои пет недели има еден милион повеќе родени отколку умрени.

Придобивки кои не се поврзани со населението

уреди

Влијание врз здравствената заштита

уреди

Забележано е дека насоченоста на Кина кон контрола на бројот на населението помага во обезбедувањето подобра здравствена заштита за жените како и во намалувањето на ризиците од смрт и повредите коишто се поврзани со бременоста. Службите за планирање семејство им овозможуваат на жените бесплатни часови за контрацепција и пренатална нега. На бремените жени им е овозможено внимателно следење на нивното здравје. Во повеќе места во Кина, Владата промовираше програма наречена „Грижа за девојки“ чијашто цел е елиминирање на културната дискриминација на девојките во руралните и неразвиените области преку обезбедување парична помош и образование.

Зголемена стапка на заштеда

уреди

Со воведувањето на политиката на едно дете се зголеми стапката на поединечна заштеда. Ова делумно и се припишува на политиката во поглед на два аспекта. Како прво, просечното кинеско домаќинство троши помалку време и пари на деца, со што многу Кинези имаат повеќе пари за инвестирање. И како второ, бидејќи младите Кинези не можат повеќе да сметаат на тоа дека нивните деца ќе се грижат за нив кога тие ќе остарат, голем замав зема штедењето пари за во иднина.

Економски раст

уреди

Вистинската намера на политиката на едно дете беше економска и тоа, намалување на побарувачката на природните ресурси, одржување стабилна стапка на работната сила, намалување на невработеноста предизвикана од суфицитот на работна сила, како и намалување на стапката на експлоатација. Оправдувањата на КПК за ваквата политика се базираа на нивната поддршка на наводно Марксистичката теорија за пораст на населението на Мао Це Тунг, иако всушност Маркс беше критички настроен кон Малтусовото гледиште.

Критики

уреди

Други достапни полититички алтернативи

уреди

Дел од критиките доаѓаат од страна на оние коишто ги признаваат предизвиците кои произлегуваат од високиот пораст на населението во Кина, но тие веруваат дека со некои не толку наметливи опции, вклучувајќи ги и оние коишто го нагласуваа одложеното раѓање како и растојанието помеѓу раѓањата, ќе се постигнеа истите резултати но, само за подолг временски период. Во 2003 година, Сузан Гринхалг направи ревизија на процесот на создавање политика зад прифаќањето на ОЦПФ (Office of Campaign and Political Finance; OCPF) којашто покажа дека можностите биле познати но, политичките водачи на Кина не ги разгледале целосно.

Преувеличени придобивки од политиката

уреди

Други критики се упатени кон преувеличените наводни влијанија коишто политиката ги има врз намалувањето на вкупната стапка на плодност. Едни студии направени од страна на кинески демографи, а делумно финансирани од Фондот за население на Обединетите нации покажаа дека комбинацијата од намалување на сиромаштијата и здравствената заштита со олабавени цели за планирање семејство била поефикасна за намалување на плодноста, отколку по секоја цена спроведување преамбициозни цели за намалување на плодноста. Во 1988 година, Ѕенг Ји и професорот Т. Пол Шулц од Универзитетот Јеил дискутираа за влијанието на трансформацијата врз пазарот на плодност во Кина, тврдејќи дека воведувањето систем на договорна одговорност во земјоделството во раните 1980-ти години ги ослабна контролите за планирање семејство во текот на тој период. Ѕенг тврди дека системот „сите во еден кош“ на Комуните во Кина ги заштити луѓето од трошоците за повеќе од едно дете. До крајот на 1980-тите години, економските трошоци и поттикнувањата создадени од договорниот систем веќе започнаа да го намалуваат бројот на деца што фармерите го сакаа.

Ас Хаскет, Лу и Синг напоменаа дека: - Самата политика само делумно е одговорна за намалувањето на вкупната стапка на плодност. Најдрастичното намалување на стапката всушност се случи пред воведувањето на политиката. Веќе во периодот помеѓу 1970 година и 1979 година, главно доброволната политика „подоцна, подолго, неколку“, којашто налагаше раѓање на деца подоцна, поголема разлика во години помеѓу децата и помалку деца, доведе до преполовување на вкупната стапка на плодност од 5,9 на 2,9. По воведувањето на политиката на едно дете постоеше постепено опаѓање на стапката сè до 1995 година и оттогаш се стабилизира повеќе или помалку на отприлика 1,7. – Освен тоа, овие истражувачи констатираат дека, ако Кина се држела до претходната политика, само со континуираниот економски развој би можела да очекува континуирано намалување на својата стапка на плодност.

Човекови права

уреди

Во теорија и во пракса, се смета дека политиката на едно дете го нарушува човековото право на одредување на големината на сопственото семејство. Еден извештај од 2001 година, откри дека во округот Хуај, во провинцијата Гуангдунг за една година била одредена квота од 20 000 абортуси и стерилизации коишто требало да се извршат како резултат на пријавеното непочитувањето на политиката на едно дете. За таа цел биле користени преносливи ултразвучни уреди со коишто се утврдувале кандидатките за абортус коишто живееле во оддалечените села. Поодамнешни извештаи исто така сведочат за тоа дека жените коишто биле во 8,5 месец од бременоста биле принудени да абортираат со вбризгување на инјекција со солен раствор. Исто така, забележани се случаи на жени во 9-тиот месец од бременоста или веќе со породилни болки чиишто деца се убиени уште додека биле во нив или пак веднаш по раѓањето. Стивен Мор од Институтот „Като“ изјави дека политиката на едно дете е „тековен геноцид“. Тој тврди дека слободниот пазар и капитализмот ќе ги решат проблемите со пренаселеноста и преголемата потрошувачка коишто се присутни кај нациите коишто се во развој.

Во 2002 година, во Кина беше забрането користењето физичка сила за присилување на жените да извршат абортус или стерилизација, но тоа не се почитува целосно. При спроведувањето на политиката на едно дете многу локални влади и понатаму налагаа да се вршат абортуси, во случај ако таа бременост претставува кршење на локалните одредби.

Иако Кина е позната како земја со политика на нечувствителна евгеника, како дел од нејзините политики за планирање на населението, Владата во последно време се повлекува од ваквите политики за што сведочи ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, којашто ја обврзува земјата значително да ги измени своите закони за генетско тестирање. Едно неодамнешно научно истражување исто така ја нагласи потребата од разбирање на безбројните сложени општествени односи коишто влијаат врз она што всушност е информираната согласност во Кина. Исто така во 2003 година, Кина ги ревидираше одредбите за регистрирање бракови со што двојките повеќе не мораат да прават предбрачен лекарски преглед и генетско истражување со цел да добијат дозвола за брак.

Во Соединетите Држави, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) којшто ја финансира оваа политика е подложен на остри критики. Конгресот на Соединетите Американски Држави за време на претседателството на Реган го напушти УНФПА, а претседателот на САД, Џорџ Буш не му ги исплати на УНФПА 40-те милиони долари во почетокот на 2002 година, повикувајќи се на нивната злоупотреба на човековите права. Во почетокот на 2003 година, Државниот секретаријат на САД даде соопштение за печатот велејќи дека нема повеќе да го поддржува УНФПА на начин на којшто го правел тоа досега, затоа што веруваат дека УНФПА не постапува правилно со практиките на принуденото, ограничено раѓање. Владата на Соединетите Држави изјави дека правото на „формирање семејство“ е заштитено со преамбулата на Универзалната декларација за човекови права. Ова, како и ставот на Меѓународната конференција за население и развој дека човекот го има тоа право да одлучува за бројот на деца, а не државата претставува јасен конфликт помеѓу политиката на Кина и прифатените и усвоени конвенции за човековите права на САД.

Набрзо по стапувањето на функција во 2009 година, претседателот Обама го продолжи финансирањето на УНФПА од страна на Владата на САД. – Со нетрпение ја очекувам соработката со Конгресот за обновување на финансирањето на Фондот за население на Обединетите нации од страна на САД. Со повторното финансирање на УНФПА, САД ќе им се придружи на 180-те други земји-дарители коишто работат заедно на намалување на сиромаштијата, на подобрување на здравјето на жените и децата, на превенција од ХИВ/ СИДА и на обезбедување помош на жените од 154 земји при планирањето семејство. - изјави Обама.

Проблемот „четири-два-еден“

уреди

Кога првата генерација деца, резултат на спроведувањето на законот за едно дете, дојдоа на возраст на којашто и самите треба да станат родители, останаа единствениот возрасен којшто треба да ги издржува своите двајца родители и четворицата баби и дедовци. Проблемот „четири-два-еден“ ја зголеми веројатноста постарите генерации да зависат од пензиските фондови или пак да чекаат милосрдие за да можат да се издржуваат. Доколку останат без личната заштеда, пензиите или социјалната помош од државата, тогаш повеќето стари граѓани целосно ќе зависат од своите мали семејства или пак од соседите. Ако од која било причина, детето-единец не може да се грижи за своите постари роднини, тогаш најстарите генерации би биле соочени со недостаток на средства и не би можеле да ги задоволат своите основни животни потреби. За таа цел, во одредени провинции на брачните двојки им беше дозволено да имаат две деца, во случај ако и двајцата родители се единици. Од 2009 година, ова беше усвоено во сите провинции во земјата. Според една анкета од 2010 година, повеќето жени од провинцијата Ѓангсу на коишто им е дозволено да имаат две деца, по сопствена волја би имале само едно.

Генерацијата деца-единци соочени со можни општествени проблеми

уреди

Некои родители премногу го размазуваат своето единствено дете. Медиумите овие размазени деца-единци ги нарекуваат „мали императори“. Од 1990-тите години некои луѓе изразија загриженост дека ова ќе доведе до послаба општествена комуникација и послаба соработка помеѓу новата генерација, бидејќи тие дома немаат ниту брат ниту сестра. Не е направена ниту една општествена студија за тоа колкав е бројот на овие размазени деца-единци и колку всушност тие се размазени. Овие грижи се намалуваат откако првата генерација деца родени под политиката на едно дете, којашто им беше наложена на оние брачни двојки чиишто деца биле родени во 1979 година како и во текот на 1980-тите години, влегуваат во зрелата доба.

За време на Кинеската народна политичка консултативна конференција во март 2007 година, околу 30-тина пратеници ја повикаа Владата да ја укине политиката на едно дете, повикувајќи се на „општествените проблеми како и на психолошките проблеми коишто се присутни кај младите. Една изјава гласеше: - Не е здраво децата да си играат само со своите родители и исто така не е здраво родителите да ги разгалуваат своите деца. Но, ниту ограничувањето на семејството на две деца не е правилно.- Професорот Је Тингфанг од Кинеската академија за општествени науки даде предлог ако ништо друго Владата барем одново да го воспостави правилото со коешто на брачните двојки им беше дозволено да имаат најмногу две деца. Според еден научник ограничувањето на едно дете е премногу екстремно и го прекршува законот на природата. На долгорочен план, ова ќе направи мајката природа да се одмазди.

Нееднакво спроведување

уреди

Владините службеници и богаташите и покрај паричните казни честопати ја прекршуваа политиката. На пример, Комисијата за планирање семејство откри дека во провинцијата Хунан во централна Кина, во периодот од 2000 до 2005 година ни помалку ни повеќе туку 1 968 службеници ја прекршиле оваа политика. Исто така, Комисијата откри 21 национални и локални законодавци, 24 политички советници, 121 претприемачи и 6 искусни интелектуалци коишто ја прекршиле политиката на едно дете. Иако Владата ги зголеми паричните казни и ги повика локалните службеници да ги откријат славните и оние луѓе со големи примања коишто ја прекршуваат политиката на едно дете, сепак некои од службениците коишто го прекршиле законот не беа казнети.

Несакани последици врз женското население

уреди

Претпочитањето синови наместо ќерки е традиција којашто долго време е присутна во Кина како и во многу други азиски земји. Општо прифатеното објаснување за оваа појава е дека семејствата коишто живеат во руралните области имаат поголема помош од синовите кога станува збор за работата на фарма. Претпочитањето синови наместо ќерки е предводено од економски и традиционални мотиви, вклучувајќи ги широко распространетите остатоци од Конфуцијанството коишто се присутни кај населението од руралните и урбаните области. Синовите се попожелни затоа што тие обезбедуваа примарна финансиска помош за своите родители откако ќе се пензионираат и во пракса, родителите на синот се подобро згрижени отколку тие на жената. Освен тоа, традиционално верување на Кинезите е дека ќерките штом стапат во брак стануваат дел пред сè од семејството на младоженецот. Соодносот помеѓу мажите и жените во денешното кинеско население е висок како во руралните така и во урбаните области.

Несразмерност во стапката на наталитет на машки и женски деца

уреди

Соодносот помеѓу машките и женските новороденчиња, на копното на Кина во 2000 година изнесуваше 117 спрема 100, што е значително поголем од природниот сооднос којшто се движи од 103 спрема 100 до 107 спрема 100. Соодносот се зголеми од 108 спрема 100 , што е всушност на границата на природниот сооднос, во 1981 година на 111 спрема 100 во 1990 година. Според извештајот на Државната комисија за население и планирање семејство, во 2020 година ќе има 30 милиони повеќе мажи отколку жени, што најверојатно ќе доведе до општествена нестабилност како и до емиграција поради наоѓање партнерка. Изгледа дека корелацијата помеѓу зголемувањето на несразмерен соодносот помеѓу половите и имањето само едно дете е предизвикано од политиката на едно дете.

Исто така и други азиски региони имаат поголем соодносот од просечниот, вклучувајќи ги Тајван (110 спрема 100) и Кореја (108 спрема 100) коишто немаат политика за планирање семејство како и Јужна Кореја чиишто сооднос во почетокот на 1990-тите години се зголеми дури на 116 спрема 100 но, оттогаш значително се подобри враќајќи се кон една нормална граница, па во 2005 година соодносот изнесуваше 107 спрема 100. Многу студии ја истражувале причината за несразерноста во стапката на наталитет на машки и женски деца во Кина како и во многу други земји. Според една студија од 1990 година, големиот број на машки деца родени на копното на Кина коишто се пријавени се должи на четири главни причини: болестите од коишто повеќе заболуваат женските отколку машките, непријавувањето на родените женските деца коешто е широко распространето низ цела Кина, нелегалната практика на селективен абортус на женски фетуси коешто е овозможено со широката достапност на ултразвучните прегледи како и напуштањето на децата и чедоморството. Во периодот од 1990 година до 2005 година бројот на ергени во Кина веќе беше зголемен, што значи дека недоволниот број на невести во Кина не е единствено поврзан со политиката на едно дете, бидејќи политиката со којашто на семејствата им беше дозволено да имаат само едно дете беше спроведена во 1979 година.

Емили Остер во една статија од 2005 година даде биолошко објаснување за половиот дебаланс во азиските земји вклучувајќи ја и Кина. Користејќи податоци за вирусната распространетост по земја, како и проценувањето на влијанието на хепатитот врз соодносот помеѓу половите, Остер тврди дека хепатитот Б може да е одговорен дури за 75% од половиот дебаланс во Кина.

Во 2005 година, Моника Дас Гупта покажа дека: - Дали претставничките од женскиот пол ќе „исчезнат“ или не, зависи од постоечкиот полов состав на семејството во коешто тие се зачнати. Девојките коишто немаат постари сестри имаат слични шанси за преживување како и момчињата. Оние девојки коишто се зачнати во семејства коишто веќе имаат ќерка е поверојатно да бидат посвоени или пак да умрат за време на раното детство.- Гупта тврди дека културните чинители даваат убедливо објаснување за „исчезнатите“ деца од женскиот пол.

Несразмерниот соодносот помеѓу машките и женските новороденчиња се зголемува драстично по првото раѓање поради што во текот на временскиот интервал од 20 години, односно од 1980 година до 1999 година, соодносот остана непроменет во рамките на природната граница. Според тоа, изгледа дека голем број брачни парови го прифаќаат првороденото дете, без разлика дали е машко или женско. Доколку првото дете е женско, а родителите можат да имаат уште едно дете, тогаш тие ќе преземат невообичаени мерки за да се осигураат дека второто дете ќе биде машко. Ако еден брачен пар веќе има две или повеќе машки деца, тогаш половиот сооднос на поголем паритет видливо се усмерува кон женски деца.

Овие демографски податоци укажуваат на тоа дека додека семејствата придаваат голема вредност на имањето машко дете, честопати во игра влегува секундарно правило на имање женско дете или на постоење на некаква балансираност помеѓу половите. На пример, Ѕенг ет ал. во 1993 година јавно изнесе една студија којашто беше заснована на попис од 1990 година и според која соодносот помеѓу половите беше само 65 или 70 машки деца на 100 женски деца, родени во семејства коишто веќе имаа две или повеќе машки деца. Студија од 1995 година, којашто беше направена од страна на Андерсон и Силвер покажа постоење на сличен шаблон кај Хан-Кинезите како и кај другите националности во провинцијата Синѓанг: семејствата коишто веќе имаат два или повеќе сина претпочитаат наредното дете да им биде девојче. Друг истражувач со своето проучување потврди дека: - За повеќето семејства од руралните области идеално е да имаат едно момче и едно девојче или најмногу две момчиња и едно девојче.-

Во една критичка статија од 2006 година на Уредувачкиот одбор за истражување на населението (поедноставен кинески: 人口研究;пин-јин: Rénkǒu Yánjiū), којшто е еден од водечките кинески весници за демографија, се тврдеше дека само со приод којшто ќе им даде централно место на правата на жените може да се успее да се намали соодносот помеѓу машките и женските новороденчиња и да се подобри стапката на преживеани женски новороденчиња и девојчиња. Ци Ќинјинг професор на Институтот за демографија при Универзитетот во Источна Кина во еден дел од својата статија „ Кон истражувањето на соодносот помеѓу машките и женските новороденчиња треба да пристапи од аспект на половата дискриминација “ вели дека истражувачите треба да обрнат поголемо внимание на проблемите со половите коишто се присутни во демографијата и дека при демографското истражување од пресудна важност е односот кон човековите права.

Авторите на друга критичка статија „Преживувањето на женските деца во Кина: историја, моментална состојба и изгледи за иднината“ којашто беше претставена на една конференција во 2005 година, а беше поддржана од Фондот за население на Обединетите нации, дојдоа до заклучок дека: - Кинеската влада веќе си поставила цел за постигнување на нормален сооднос помеѓу машките и женските новороденчиња до 2010 година, како и за постигнување на прелиминарни резултати во воспоставувањето на ново културно сфаќање на бракот и имањето деца. Владата работи на промена на системот, на начинот на размислување како и на отстранување на други пречки и на коренот на овој проблем. Хармоничниот и одржливиот развој на општеството е можен само со интензиво промовирање на еднаквоста на мажите и жените.-

Напуштени деца или деца-сираци и посвојување

уреди

Општествениот притисок настанат под влијание на политиката на едно дете се одрази на бројот на родители коишто ги напуштаат непосакуваните деца од коишто многу живеат во сиротилиштата финансирани од страна на државата. Секоја година од овие сиротилишта се посвојуваат илјадници деца од страна на брачни двојки не само од Кина туку и од многу други земји низ светот, односно тоа е т.н меѓународно посвојување. Во 1980-тите и во раните 1990-тите години, недоволната грижа и високите стаки на морталитет во некои државни институции доведоа до создадавање на силен интернационален притисок за реформи.

Според Стен Јохансон и Ола Нугрен (1991 година), посвојувањата се одговорни за половина од таканаречените „исчезнати девојки“ во 1980-тите години во Кина. Во текот на 1980-тите години, со стапувањето на сила на политиката на едно дете, во некои случаи родителите коишто посакуваа син, но добиваа ќерка го одложуваа или не го пријавуваа нејзиното раѓање кај надлежните органи. Но, наместо родителите да ги запоставуваат или да ги напуштаат непосакуваните женски деца можно е тие да ги дале на формално или на неформално посвојување. -Повеќето деца коишто во доцните 1980-ти години беа посвоени по законски пат, во Кина беа девочиња и со тек на време нивниот број се зголеми.- велат Јохансон и Нугрен (1991 година).

Практиката на посвојување непосакувани женски деца е согласна како со тоа што многу брачни двојки во Кина претпочитаат да имаат син како и со заклучоците на Ѕенг ет ал. од 1993 година и оние на Андерсон и Силвер од 1995 година дека во одредени околности семејствата претпочитаат женски деца, особено доколку веќе ја исполниле својата цел да имаат синови. Веиго Ѕанг во 2006 година го истражуваше посвојувањето девојчиња во руралните делови на Кина и откри дека ваквото посвојување наишло на добар прием кај брачните двојки коишто се неплодни и коишто немаат деца.

Во 1992 година, Кина го воведе првиот Закон за посвојување. Бројот на официјално пријавени посвојувања се зголеми од 2 000 во 1992 година на 55 000 во 2001 година. Според еден научник овие бројки претставуваат мал процент од посвојувањата во Кина затоа што многу деца се посвоени неформално без официјално пријавување...

По раните 1990-тите години, стапките на интернационалното посвојување драстично се зголемија и тоа само во САД се зголемија од 200 во 1992 година на повеќе од 7 900 во 2005 година.

Според „Лос Анџелес Тајмс“ (Los Angeles Times) голем број од децата дадени на посвојување не биле напуштени од страна на нивните родители туку биле одземени од страна на службениците за планирање семејство.

Чедоморство

уреди

Во Кина селективниот абортус, напуштањето деца и чедоморството се нелегални. Меѓутоа, Државниот секретаријат на САД, Парламентот на Обединетото Кралство и Организацијата за човекови права „Амнести интернешнл“ (Меѓународна амнестија) изјавија дека програмите за планирање семејство на Кина придонесуваат за појавата на чедоморството.

Антропологистот Г. Вилијам Скинер од Универзитетот во Калифорнија, Дејвис, и кинескиот истражувач Јуан Ѓенуа тврдат дека пред 1990-тите години, чедоморството било прилично честа појава во Кина. Не се знае колку чедоморството е застапено во последните години.

Лекови за плодност

уреди

Во една репортажа во весникот Чајна Дејли (China Daily) од 2006 година, се вели дека поради недостатокот на казни против брачни двојки коишто при првото раѓање добиваат повеќе од едно дете, богатите двојки сè повеќе користат лекови за плодност што резултира со повеќеплодова бременост. Според извештајот, до 2006 година се удвои бројот на близнаци, тројки итн. коишто годишно се раѓаат во Кина.

Наводи

уреди
  1. Information Office of the State Council of the People's Republic of China (August 1995). „Family Planning in China“. Embassy of the People's Republic of China in Lithuania. Посетено на 27 October 2014. Section III paragraph 2.
  2. 2,0 2,1 „China to abolish decades-old one-child policy“. Al Jazeera English. 29 October 2015. Посетено на 30 October 2015.
  3. „Experts challenge China's 1-child population claim“.
  4. 4,0 4,1 Zhu, W X (1 June 2003). „The One Child Family Policy“. Archives of Disease in Childhood. 88 (6): 463–464. doi:10.1136/adc.88.6.463. PMC 1763112. PMID 12765905.
  5. Jiang, Steven; Hanna, Jason (29 October 2015). „China says it will end one-child policy“. CNN. Посетено на 29 October 2015.
  6. „Most people free to have more child“. China Daily. 2007-07-11. Посетено на 2009-07-31.