Пигмалион
Пигмалион (англиски: Pygmalion) е драма на британскиот писател Џорџ Бернард Шо од 1913 година.
Ликови
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови:[1]
- Хенри Хигинс, професор по фонетика
- Г-ѓа Хигинс, неговата мајка
- Полковникот Пикеринг, неговиот пријател
- Елиза Дилитл, продавачка на цвеќиња
- Алфред Дилитл, нејзиниот татко
- Г-ѓа Пиерс, управничка на домот на професорот Хигинс
- Г-ѓа Ајнсфорд Хил
- Клара, нејзината ќерка
- Фреди, нејзиниот син
- Собарка
- Минувач
- Саркастичар
Содржина
уредиПрв чин
уредиЕдна ноќ, пред катедрала Св. Павле во Лондон е собрана група луѓе кои чекаат да престане дождот: госпоѓата Хил со ќерката Клара и синот Фреди, професорот по фонетика Хигинс, полковникот Пикеринг, продавачката на цвеќиња Елиза итн. Професорот Хигинс цело време ги запишува разговорите на насобраните луѓе, а Елиза мисли дека тој е полицаец кој неправедно сака да ја уапси. Најпосле, сите се воодушевени кога се дознава дека тој е професор кој според изговорот на луѓето може да го одреди нивното потекло. Професорот Хигинс и полковникот Пикеринг ја делат љубовта кон фонетиката и тие се запознаваат меѓу себе.[2]
Втор чин
уредиУтредента, во домот на професорот Хигинс доаѓа Елиза која бара од него да ѝ дава часови по литературен англиски јазик. Тогаш, професорот и полковникот се обложуваат дека за неколку месеци Елиза ќе стекне образование кое е достојно на госпоѓите од високите кругови. Во меѓувреме, професорот Хигинс го посетува таткото на Елиза, кој за мал паричен надомест се согласува неговата ќерка да остане кај професорот.[3]
Трет чин
уредиОткако е остварен напредок во нејзината обука, Елиза оди на прием кај г-ѓа Хигинс, мајката на професорот и таму ги запознава г-ѓа Хил, Фреди и Клара. Уште на прв поглед, Елиза го привлекува вниманието на Фреди.[4]
Четврти чин
уредиНавистина, по неколкумесечна обука, Елиза е целосно преобратена од проста девојка во отмена госпоѓица. За да ги покаже своите способности, професорот и полковникот ја носат Елиза на забава каде никој не може да го забележи нејзиното сиромашно потекло. Задоволни од успехот, професорот и полковникот објавуваат дека експериментот е завршен и дека Елиза е слободна да си оди каде сака. Меѓутоа, таа е повредена од нивниот однос кон неа и доаѓа до голема расправија меѓу неа и професорот кого Елиза го обвинува дека е бездушен и нечовечен.[5]
Петти чин
уредиУтредента, Елиза го напушта домот на професорот и оди кај неговата мајка, која застанува на нејзината страна. Таму доаѓаат и професорот и полковникот, а доаѓа и таткото на Елиза, кој добил неочекувано наследство и се ослободил од сиромаштијата. Тој ги повикува присутните да му се придружат на неговата венчавка со маќеата на Елиза, а таа и професорот имаат долг и жолчен разговор. Најпосле, професорот ја замолува Елиза да продолжи да живее со него.[6]
Наводи
уреди- ↑ Bernard Šo, Pigmalion. Beograd: Rad, 1964, стр. 3.
- ↑ Bernard Šo, Pigmalion. Beograd: Rad, 1964, стр. 5-17.
- ↑ Bernard Šo, Pigmalion. Beograd: Rad, 1964, стр. 18-47.
- ↑ Bernard Šo, Pigmalion. Beograd: Rad, 1964, стр. 48-64.
- ↑ Bernard Šo, Pigmalion. Beograd: Rad, 1964, стр. 65-73.
- ↑ Bernard Šo, Pigmalion. Beograd: Rad, 1964, стр. 74-99.