Парабола за богатиот човек и Лазар

Парабола за богатиот човек и Лазар — една од Исусовите приказни од Новиот завет.

Уметнички приказ на параболата.

Во приказната, сиромавиот Лазар умира и ангелите го носат во прегратките на Авраам. И богатиот, кој не се грижел за Лазар, оди во пеколот.[1] Параболата е запишана само во Евангелието според Лука (16:19-31).

Парабола

уреди

Евангелието според Лука ја дава следната Исусова парабола:

19. Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.

20. Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова;
21. и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови.
22. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа.
23. И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово,
24. и, откако извика, рече: „Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!“
25. Но Авраам рече: „Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш.
26. Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.“
27. А тој пак рече: „Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,
28. зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!“
29. Авраам му рече: „Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!“
30. А тој рече: „Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.“
31. Авраам му рече: „Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.“

— Евангелие според Лука, (16:19-31) [2]

Толкувања

уреди

Името Лазар доаѓа од хебрејскиот Елазар (хебрејски: אלעזר, Elʿāzār ), што значи „Бог е моја помош“.[3] На латински, богатиот човек се нарекува dives, така што на многу европски јазици тоа се третира како лично име на богаташот во параболата. Описот на закрилата на Авраам е традиционално еврејско верување кое се среќава и во легендите на рабините.[4][5] Според Библијата, Авраам се смета за предок на Евреите, па оттука и изразот: „да се врати во закрилата на Авраам“ значи да се умре.[6][7]

Приказната за богатиот човек и Лазар е единствена за Евангелието според Лука и се претпоставува дека не потекнува од заеднички извор Q.[8] Некои веруваат дека оваа парабола зборува за вистински настан[9], додека други сметаат дека тоа е само уште една од Исусовите параболи.[10] Во прилог на вистинитоста, се наведува дека Исус го дава името на човекот, за разлика од другите параболи каде што едноставно пишува „некој човек“. Оние кои веруваат дека тоа е само парабола, истакнуваат бројни сличности со други параболи, како што се пресврт на среќата, употреба на антитеза и слично.

Оваа парабола, како и многу други Исусови параболи, зборува за односот кон последните во општеството. Богатиот човек е нечувствителен на потребите на сиромашните и неговото евентуално почитување на законот не може да го надомести недостатокот на милосрдие.[11] Исус постојано повторува дека Божјото царство е во душата, а не во законот, спротивно на фарисејското мислење.

Параболата била многу популарна во средниот век и се сметала за вистинита, а не за парабола. Лазар од параболата станал Свети Лазар, заштитник на лепрозните.[12] Вообичаеното толкување на последната реченица („Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“) се однесува на воскресението Христово.

Наводи

уреди
  1. Bošnjak, Branko, 1923- Racionalna kritika iracionalnog shvaćanja. Opremio Zoltan Gabor. Zagreb, "Naprijed," 1966.
  2. „Свето евангелие според Лука“. Свето писмо. Посетено на 14 мај 2022.
  3. William Barclay, The Parables of Jesus, Westminster John Knox Press, 1999, pp. 92-98.
  4. Ginzberg L. Legends of the Jews 1909.
  5. Kohler.Jewish Encyclopedia 1905., Посетено на 24. 4. 2013.
  6. Đura Daničić, Pero Budmani, Tomislav Maretić, Rječnik hrvatskoga ili srpskoga jezika Jugoslavenska akademija znanosti i umjetnosti 1976 s.18
  7. August Harambašić, Fran Mažuranić Pjesme i proza 1966 s. 373
  8. Arland J. Hultgren, The Parables of Jesus: A Commentary, Eerdmans, 2002,, pp. 110-118.
  9. Rich man and Lazarus in Hades: Luke 16:19-31: Neo-Sadduceeian Knockout Punch!, Посетено на 24. 4. 2013.
  10. Wright T. Luke for Everyone, p201
  11. Arland J. Hultgren, The Parables of Jesus: A CommentaryThe Parables of Jesus: A Commentary, Eerdmans, 2002,, pp. 110-118.
  12. [https://web.archive.org/web/20080513095202/http://saints.sqpn.com/saintl41.htm Архивирано на 13 мај 2008 г. Saint Lazarus