Панк поткултурата, која се темели на панк-рок-музиката вклучува широк спектар на идеологии, моди и форми на израз, вклучувајќи визуелна уметност, танц, литература и филм. Гледишта против државното уредување и унапредување на идивидуалната слобода во голема мера ја карактеризираат поткултурата.

Група панкери на музички фестивал.

Историја

уреди

Панк поткултурата се родила во Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Австралија во средината на 70-тите години. Во кој точно регион настанал панкот е голема полемика во рамките на ова движење. Раниот панк имал изобилие на претходници и влијанија и Џон Севиџ ја опишува поткултурата како колаж од речиси сите претходни култури на младите во западниот свет уште од Втората светска војна, споени со безопасна игла. Различни музички, филозофски, политички, книжевни и уметнички движења имале влијание врз поткултурата.

Во доцните 70-ти, почнале да се појавуваат различности, кои довеле до брз раст во бројот на факции, како што се нов бран (New Wave), два тона (2 Tone), поп панк, хардкор панк, Ноу вејв (No wave), стрит панк и Ои. Хардкор панкот, стрит панкот и Ои панкот настојувале да ја отфрлат несериозноста воведена во подоцнежните години од првенственото панк движење. Панк поткултурата влијаела на други андерграунд музички сцени како што се алтернативниот рок, инди музиката и кросовер (crossover) трешот. Во раните и средните 90-ти години, настанало ново движење во Соединетите американски држави кое настојувало повторно да го оживее панк движењето, отстранувајќи некои од орнаментите на хардкорот.

Музика

уреди

Панк поткултурата се темели на гласен, агресивен жанр на рок-музика наречена панк-рок. Панк-рокот обично го свират мали бендови кои се состојат од вокалист, една или две електрични гитари, електрична бас гитара и тапанар. Во некое панк бендови има и придружни вокали кои вообичаено се состојат од извикување слогани, рефрени или скандирања во фудбалски стил.

Додека во поголемиот дел од панк-рокот се користат гитари со дисторзија и гласни тапани кои се изведени од гаражниот рок од 60-тите и рокот од пабовите од 70-тите години, некои панк бендови вклучуваат елементи од други потжанрови, како што се хеви метал, фолк рок, павер поп (power pop), рокабили или реге. Повеќето панк-рок песни се куси, имаат едноставни и основни аранжмани со користење на релативно мал број акорди и имаат текстови кои ги изразуваат панк идеологиите и вредностите, иако некои панк текстови се во врска со поедноставни теми како разделба или драма во врските. Различни панк поткултури често се разликуваат меѓу себе преку нивниот единствен стил на панк-рок, иако не секој панк-рок стил е поврзан со своја поткултура.

Најраната форма на музика која се нарекувала панк-рок бил гаражниот рок од 60-тите години, и поимот бил ретроактивно изнесен од влијателни рок критичари во 70-тите години. Во доцните 60-ти години, музиката која денес се нарекува протопанк станала како резултати на повторното оживување на гаражниот рок во североисточните делови на Соединетите Американски Држави. Првата посебна музичка сцена која го усвоила обележјето „панк“ се појавила во Њујорк во периодот помеѓу 1974 и 1976 година. Околу тој период или пак набргу потоа, се создала панк сцена во Лондон, Англија. Последователно, Лос Анџелес станал дом на третата главна панк сцена. Овие три градови го формирале ‘рбетот на движењето во подем, но постоеле и други панк сцени во градовите како што се Брисбејн, Мелбурн и Сиднеј во Австралија и Бостон во Соединетите Американски Држави.

Панк рок сцената во Њујорк се воздигна од поткултурното подземје кое го унапредуваа уметници, новинари, музичари и широк спектар на некомерцијални ентузијасти. На грубиот и експериментален, но сепак мелодичен звук на Д Велвет Андерграунд (The Velvet Undergroud) кој се јавил во периодот од средината до крајот на 60-тите години, поврзан со трансгресивните медиумски дела на Енди Ворхол, му се оддава признание за неговото влијание врз бендовите од 70-тите како што се Њујорк долс (New York Dolls), Д Стуџес (The Stooges) и Д Рамоунс (The Ramones). Раните панк бендови од Њујорк често опстанувале мошне кратко поради широката употреба на рекреативни дроги, промискуитетен секс и длабоки – некогаш насилни- борби за моќ, но релативната популарност на музиката довела до развој на панкот во еден начин на живот и движење.

Идеологии

уреди

Иако за панкерите се смета дека застапуваат најчесто левичарски или прогресивни гледишта, панк политиката го покрива целиот политички спектар. Панк идеологиите се најчесто поврзани со поединечната слобода и анти-државните гледишта. Најчестите панк гледишта вклучуваат анти-авторитарност, етика за независење од експерти на одредена област, не-сообразеност, директна акција и непродавање на своите морални вредности за лична добивка.

Други забележителни трендови во панк политиката вклучуваат нихилизам, бунтовништво, анархизам, индивидуализам, социјализам, анти-милитаризам, анти-капитализам, анти-расизам, анти-сексизам, анти-национализам, анти-хомофобија, екологија, вегетаријанство, веганство и животински права. Меѓутоа, некои поединци во рамите на панк поткултурата застапуваат десничарски гледишта (како оние поврзани со мрежната страница Конзервативен Панк), нео-нацистички гледишта (наци-панк) или имаат аполитички гледишта (хорор-панк).

Раните британски панкери изразувале нихилистички гледишта со слоганот „Нема Иднина“, кој произлезе од песната на Секс пистолс (Sex Pistols) “Гад сејв д куин (God Save the Queen)”. Во Соединетите Американски Држави, панкерите имале поинаков пристап кон нихилизмот кој се засновал на нивната незаинтересираност за сегашноста и нивното незадоволство од стандардите на средната и работничката класа. Панк нихилизмот се изразувал преку употребата на посилни, повеќе само-деструктивни, свесто-уништувачки супстанци како што се хероин и метамфетамини. Автентичноста е мошне важна во панк поткултурата – пејоративниот поим „позер“ им се дава на оние кои ги прифаќаат стилистичките вредности на панкот, но притоа не ги разбираат суштинските вредности на филозофијата.

Мода

уреди

Панкерите сакаат да ги збеснат останатите со нивната театрална облека, фризура, козметички препарати, тетоважи, накит и модификации на телото. Раната панк мода ги адаптирала предметите од секојдневнието за естетички ефект: искинати парчиња облека биле прикачени меѓусебно со помош на безопасни игли или пак биле обложени со селотејп; обичната облека била прилагодена преку нејзино декорирање со маркери или со боја; кесата за ѓубре станувала фустан, маица или здолниште; безопасни игли и жилети се користеле како накит. Исто така, популарни биле парчињата облека од кожа, гума, винил кои јавноста ги поврзувала со трансгресивни сексуални игри како врзување и садо-мазохизам.

Некои панкери носеле тесни и припиени фармерки, карирани пантолони, килтови или здолништа, маички, кожни палта (кои најчесто биле украсени со насликани логоа на некој бенд, игли и беџови, метални обетки или боцки) и обувки како што се Конверс старки, скејтерски патики, „бротел криперс (brothel creepers)“ или чизми Д-р. Мартенс (Мартинки). Некои панкери кои се појавиле на почетокот, повремено носеле облека на која бил изложен нацистичкиот крст (Свастика) за да предизвикаат контроверзност, но повеќето постојани панкери биле строго анти-расисти и поголема била веројатноста истите да носат прецртана свастика. Некои панкери ја правеле својата коса во вид на четка или други драматични форми, ја исправувале да стои во вид на боцки и ја фарбале со вибрантни и неприродни нијанси.

Некои панкери се против модата, застапувајќи го ставот дека панкот треба да се дефинира преку музиката или идеологијата. Ова се среќавало најчесто кај бендовите од американската хардкор панк сцена по 80-тите години, каде припадниците на поткултурата често се облекувале во еднобојни маици и фармерки, наспроти комплицирано-дизајнираните алишта и офарбаната коса со боцки на нивните британски спротивности. Многу групи усвојувале изглед кој се сведува на улична облека и работна униформа на работничката класа. Обожавателите на хардкор панкот усвоиле стил на облекување кој се состои од маици, фармерки, војнички чизми или патики и кусо ишишана коса. Жените кои биле дел од хардкор сцената вообичаено носеле војнички пантолони, маица од некој бенд и дуксер. Стилот на хардкор сцената од 80-тите години претставува контраст на оној кој го практикувале панк-рокерите од 70-ти години (комплицирани фризури, искинати алушта, прешивачи, безопасни игли, метални обетки, боцки, итн.). Фронтменот на Сркл џркс (Circle Jirks), Кит Морис, ја опиша раната хардкор мода како “панк сцената всушност се базираше на англиската мода. Но, ние немавме никаква врска со тоа. Блек флег (Black Flag) и Сркл џркс (Circle Jerks) не беа ни блиску до тоа. Ние изгледавме како момчето кое работи на бензинската станица или во продавницата за подводна опрема.“ Хенри Ролинс ја надополнува поентата на Морис, додавајќи дека за него да се облечеш се подразбира облекување на црна маица и потемни панталони; Ролинс го гледал интересот за модата како одвлекување на вниманието. Џими Гестапо од бендот Мрфис Ло (Murphy’s Law) ја опишува својата транзиција од облекување во панк стил (фризура со боцки и ремен за врзување) во прифаќање на хардкор стилот (избричена глава и чизми) како транзиција која се јавила како потреба за носење на пофункционална облека. Научен извор тврди дека „хардкор децата не личат на панкери“, бидејќи членовите на хардкор сцената носат најобична облека и куса фризура, во контраст со „украсените кожни палта и панталони“ кои се носат на панк сцената. Во контраст со гледиштата на Морис и Ролинс, научен извор тврди дека стандардната хардкор панк облека и стил вклучуваат искинати фармерки, кожни палта, стегачи со боцки за рацете и околувратник, коса во форма на четка, своерачно изработени украси од облека со метални обетки, насликани имиња на бендови, политички изјави и прешивачи. Друг научен извор го опишува изгледот кој бил вообичаен за хардкор сцената во Сан Франциско и вели дека тој се содржи од бајкерски кожни палта, ланци, украсени алки, пирсови на носот и други делови од телото, насликани или истетовирани изјави (на пример анархистички симбол) и фризури кои можат да бидат куси во војнички стил, офарбани црно или сино, четки и бричени глави. Метрополитскиот Музеј на Уметност беше домаќин на една сеопфатна изложба; Панк: Кеос ту кутур (PUNK: Chaos to Couture) во 2013 година која ги истражуваше техниките на хардверот, уништувањето и повторното пронаоѓање на смислата во панк модата.

Визуелна уметност

уреди

Панк естетиката го одредува видот на уметност која панкерите ја сакаат, обично со подземни, минималистички, иконокластични и сатирични сензибилитети. Панк уметничките дела ги красат омотите на албумите, флаерите за концерти и панк списанијата. Обично директна и со јасни пораки, панк уметноста често се занимава со политички прашања како што се социјалната неправда и економската различност. Употребата на слики кои прикажуваат патење со цел да се предизвика шок и да се создаде чувство на емпатија кај гледачот е вообичаена. Алтернативно, панк уметничките дела може да содржат слики кои прикажуваат себичност, глупавост или апатија за да испровоцираат презир кај гледачот или читателот.

Голем број од првенствените уметнички дела биле црно-бели, поради тоа што што биле дистрибуирани во списанијата кои се репродуцирале во копирниците. Панк уметноста исто така ја користел естетиката на студиото на Енди Ворхол за масовна продукција. Панкот одиграл и улога во повторното оживување на стенсил уметноста, предводена од Крас (Crass). Д Сичуејшнистс (The Situationists) исто така извршиле влијание врз изгледот на панк уметноста, особено на онаа од Секс пистолс (Sex Pistols). Панк уметноста често користела колаж, а пример за тоа била уметноста на Дед кенедис (Dead Kennedys), Крас (Crass), Џејми Реид и Виндстон Смит. Џон Холмстром бил панк илустратор кој изработил дела за Рамоунс (Ramones) и Панк Магазин (Punk Magazine).

Уметничкото движење Стукизам (Stuckism) го започнало своето постоење во панкот и своето прво големо шоу го насловило Д стукистс панк викторијан (The Stuckists Punk Victorian) во Вокер Арт (Walker Art) галеријата за време на биеналето во Ливерпул во 2004 година. Чарлс Томпсон, соосновачот на групата, го опиша панкот како „огромен успех“ во неговата уметност.

Танц

уреди

Два вида на танц кои се поврзуваат со панкот се пого танцување (pogo dancing) и мошање (moshing). Стејџ дајвинг (Stage diving) и крауд сурфинг (crowd surfing) првенствено биле поврзани со протопанк бендови како што е Д Стуџес (The Stooges), а почнале и да се појавуваат на панк, метал и рок концерти. Ска панкот унапредил ажурирана верзија на скенкинг (skanking). Хардкор танцување е подоцнежно развиен танц кој се развил под влијание на претходно споменатите стилови. Сајкобилис (Psychobillies) претпочитаат еден вид на танцување каде луѓето се удираат меѓусебно по градите и рацете, притоа движејќи се околу кругот наменет за тоа.

Литература

уреди

Панкот има создадено значаен број на поетски и прозни дела. Тој има свој подземен печат во форма на панк списанија кои вклучуваат вести, оговарање, културна критика и интервјуа. Некои списанија се во форма на списанија во кои се дава личното мислење. Важни панк списанија се: Максимум рокенрол (Maximum RocknRoll), Панк планета (Punk Planet), Ноу кјур (No Cure), Кометбас (Cometbus), Флипсајд (Flipside) и Срч енд дистрој (Search & Destroy). За панкот се напишани неколку романи, биографии, автобиографии и стрипови. Лав енд рокетс (Love and Rockets) е забележлив стрип со заплет поврзан со панк сцената во Лос Анџелес.

Како што фан-списанијата, често наречени и само списанија, играле голема улога во ширењето на информации за различни сцени во панк ерата (пр. британски фан-списанија како Скифинг глу (Sniffin Glue) на Марк Пери и Бондиџ (Bondage) на Шејн Мекгован), така и обичните списанија исто така одиграле значајна улога на хардкор сцената. Во ерата пред интернетот, списанијата им овозможувале на читателите да научат повеќе за бендовите, клубовите и имињата на продукциските куќи. Списанијата обично содржеле преглед на концерти и плочи, интервјуа со бендови, писма и реклами за плочи и издавачки куќи. Списанијата биле производ на сопствениот труд „гордо аматерски, обично рачно изработени и секогаш независни“ и во 90-тите години, списанијата биле единствениот начин да се следи панкот и хардкорот. Тие дејствувале како „блогови“, делови за коментирање и друштвени мрежи во нивното време. Во средозападниот дел на Америка, списанието Тач енд Гоу (Touch and Go) ја опишувало средозападната хардкор сцена во периодот од 1979 до 1983. Уи Гат Пауер (We Got Power) ја опишувало сцената во Лос Анџелес во периодот од 1981 до 1984 и вклучувало преглед на концертите и интервју со бендови како Д.О.А (D.O.A), Д Мисфиц (The Misfits), Блек флег (Black Flag), Суисајдал Тенденсис (Suicidal Tendencies) and Д Сркл џркс (The Circle Jerks). Мај Рулс (My rules) било списание со слики кое вклучувало слики од хардкор концерти низ Соединетите Американски Држави. Ин ефект (In Effect), кое започнало во 1988 година, ја опишало сцената во Њујорк.

Пример за панк-рок поети се: Ричард Хел, Џим Керол, Пети Смит, Џон Купер Кларк, Ситинг Велс, Реган Бачр и Атила д Стокброукр (Atillathe Stockbrocker). Изведувачката група Д Медвеј поетс (The Medway Poets) била составена од панк музичарот Били Чајлдиш и имаше влијание на Трејси Емин. Автобиографските дела на Џим Керол се меѓу првите познати примери за панк литература. Панк поткултурата ги има инспирирано литературните правци киберпанк и стимпанк.

Филм

уреди

Снимени се многу филмови со панк тематика, како и панк-рок-музички видеа и панк-ориентирани видеа со скејтбординг. Некои панк филмови ги променуваат архивираните снимки со нови клипови и аматерски видеа од концерти. Движењата Ноу Вејв Синема (No Wave Cinema) и Ремодернист Филм (Remodernist Film) и должат многу на панк естетиката. Неколку познати панк бендови имаат учествувано во филмови, како Д Рамоунс (The Ramones) во Рокенрол хајскул (Rock ‘n’ Roll High School), Д Секс пистолс (The Sex Pistols) во Д Грејт рокенрол свиндл (The Great Rock ‘n’ Roll Swindle) и Сошал дисторжнс (Social Distorsions) во Анадр стејт оф мајнд (Another State of Mind).

Дерек Џарман и Дон Летс се познати режисери на панк филмови. Првиот дел на документарната трилогија Д Диклајн оф вестерн цивилајзејшн (The Decline of Western Civilization) на режисерот Пенелопи Сферис од 1981 година, се фокусира на раната панк сцена во Лос Анџелес преку интервјуа и снимка од рани концерти од бендови како Блек флег (Black Flag), Сркл Џркс (Circle Jerks), Џрмс (Germs) и Фијр (Fear). Третиот дел на Д Диклајн оф вестерн цивилајзејшн (The Decline of Western Civilization) го истражува гатерпанк (gutterpunk) начинот на живот во 90-тите години.

Начин на живот и заедница

уреди

Панкерите доаѓаат од сите сфери на животот и сите економски класи. Во споредба со некои алтернативни култури, панкот е многу близок до половата рамноправност од аспект на неговата идеологија. Иако панк културата во поголемиот дел е анти-расистичка, таа има најчесто припадници од белата раса. Меѓутоа, припадници на други групи (црнци, латино и Азијци) исто така придонеле за развојот на поткултурата. Користењето дрога понекогаш било дел од панк сцената, со забележителен исклучок на Стрејт Еџ (Straight Edge) движењето. Насилството исто така понекогаш се појавувало во панк поткултурата, но одредени подгрупи била против насилството, како што се пацифистите или анархо-панкерите. Панкерите обично формираат една локална сцена која може да има околу 6 членови во еден помал град, или пак да достигне до 1000 членови во поголем град. На локалната сцена обично има мала група од посветени панкери, проследени од еден круг понепосветени панкери. Типичната панк сцена е составена од панк и хардкор бендови, обожаватели кои одат на нивните концерти, протести и други настани, издавачи на списанија, рецезенти на бендовите и писатели, визуелни уметници кои прават илустрации за списанијата, постери и омоти за албум, луѓе кои организираат концерти, луѓе кои работат во музички продавници и луѓе кои работат за независни продукциски куќи.

Илегално населување (Squatting) игра улога во некои панк заедници, овозможувајќи им покрив над главата и други видови на поддршка. Оваа населување во напуштени куќи и комунални „панк куќи“ понекогаш ги снабдува бендовите со место за престој дојдека се на турнеја. Постојат некои такви панк комуни како што е Д Дајл хаус (The Dial House). Интернетот игра се позначајна улога во панкот, особено во форма на виртуелни заедници и програми за споделување на податотеки со цел разменување со музички податотеки.

Автентичност

уреди

Во панк и хардкор поткултурите, припадниците на сцената често се оценувани за автентичноста на нивната посветеност кон вредностите или филозофијата на сцената, кои можат да се движат од политички убедувања до пракса на начинот на живот. Во панк поткултурата, епитетот „позер“ се користи за да се опише личност која по навика се обидува да биде нешто што не е. Терминот се користи за да се посочи на некоја личност која го усвојува стилот на облекување, говорот и/или манирите од одредена поткултура, но за која се смета дека не ги практикува или разбира вредностите или филозофијата на поткултурата.

Додека на оваа неавтентичност се гледа со презир и гадење од членовите на поткултурата, дефиницијата на терминот и оној на кој таа треба да му се упати се субјективни. Статија во Драунд ин саунд (Drowned in Sound) објаснува дека во ерата на 80-тите „хардкорот е вистинскиот дух на панкот“, бидејќи “откако сите позери и следбеници на модата преминаа на следниот тренд со тенки розови кравати и новоромантичарски фризури, пеејќи лигави текстови“, панк сцената се состоеше од само од луѓе „потполно посветени на етиката –направи сам-“.

Глобална перспектива

уреди

Панк поткултурата е проширена во многу земји низ светот. Течноста на музичкиот израз особено ја прави панк културата идеален медиум за оваа помеѓукултурна интерпретација.

Допирни точки со другите поткултури

уреди

Гламур рокерите како што се Њујорк долс (New York Dolls) и Дејвид Боуви имале големо влијание врз протопанкот, раниот панк-рок, и вкрстениот поджанр подоцна наречен гламурен панк. Боуви особено, ги поддржувал новонастанатите панк бендови од неговото време, и подоцна откако панкот речиси излегол од мода, тој рекол: „Огромна штета е што оваа категорија речиси потполно ја загуби својата важност.“ Панкот и хип-хопот се појавиле речиси во исто време, во доцните 70-ти години во Њујорк и помеѓу нив постоел контакт. Некои од првите хип-хоп емсиња себеси се нарекуваа панк-рокери и некои панк моди се појавиле во хип-хоп стилот на облекување. Малком Мекларен одиграл улога во воведувањето на панкот и хип-хопот во В.Британија. Некои панк и хардкор бендови како што се Хед пи и (Hed PЕ), Блегерс (Blaggers), И.Т.А Биохазард (I.T.A, Biohazard), И таунт конкрит (E.Town Concrete), Д Трансплентс (The Transplants), и Рефјузд (Refused) подоцна попримиле влијание од хип-хопот.

Скинерската поткултура од доцните 60-ти години, која речиси сосема исчезнала во раните 70-ти години, била повторно оживеана во доцните 70-ти, делумно поради влијанието на панк-рокот, особено на неговиот поджанр – Ои панкот. Од друга страна пак, музичките правци ска и реге, популарни кај традиционалните скинери, влијаеле врз неколку панк музичари. Панкерите и скинерите имаат антагонистички и пријателски врски, зависно од социјалните околности, временскиот период и географската локација.

Од зачнувањето на панкот, панк и хеви метал поткултурите делат некои сличности. Хеви метал сцената од раните 70-ти години имала влијание на развојот на протопанкот. Алис Купер биле предвесник на модата и музиката на панк и метал поткултурите. Уште од издавањето на нивниот прв албум во 1977 година, Моторхед (Motorhead) имаат постојана популарност на панк сцената, а пејачот Леми е обожавател на панк-рокот. Жанрови како што се металкор, грајндкор, кросовер треш во голема мера имале влијание од панкот и хеви металот. Новиот бран на британски хеви метал извршил влијание врз британски хардкор панк бендови како Дисчарџ (Discharge), а и хардкор панкот имал првенствено влијание на треш метал бендови како што се Металика (Metallica) и Слејер (Slayer). Гранџ поткултурата од раните 90-ти години била преклопување на идеалите на панк против-модата и гитарските звуци со метал влијание.

Меѓутоа, хардкор панкот и гранџот делумно се развиле во еден вид реакција против хеви метал музиката која била популарна во 80-тите години. Во периодот кога панкот бил во најголем подем, панкерите се соочувале со малтретирање и напади од јавноста и членовите на другите поткултури. Во 80-тите години во Велика Британија, панкерите биле понекогаш вмешани во улични тепачки со членовите на другите поткултури како што се: Теди Бојс (Teddy Boys), грисерс (greasers), бајкерс (bikers) и модс (mods). Исто така постоело значително ниво на непријателство помеѓу позитивни панкери (денес познати како готи) и гламурозно облечените нови романтичари.

Во доцните 70-ти години, било познато дека панкерите имале соочувања со хипиците како последица на противречните идеологии и заднина на хипик културата. Сепак, Пени Римбауд, член на анархо-панк бендот Крас (Crass), во своите интервјуа, а и во есејот под име „Последниот од хипиците“, изјавил дека бендот Крас бил формиран во чест на неговиот пријател Воли Хоуп. Римбауд исто така рече дека Крас биле активно вклучени во хипик движењето во 60-тите и 70-тите години, особено со поставувањето на Дајл Хаус (Dial House) во 1967 година. Многу панкери ги критикувале Крас за нивната вмешаност во хипик движењето. Џело Бијафра, исто како и Крас, го попримил влијанието на хипик движењето и ги навел членовите на организацијата Младинска интернационална партија (Youth International Party) како клучно влијание врз неговиот политички активизам и неговото мислење, иако напишал песни кои ги критикуваат хипиците. Поткултурите индастријал (industrial) и риветхед (rivethead) имале врска со панкот, во однос на музиката, модата, и ставовите.

Пауер поп (power pop) музиката (дефинирана од групите како што се Бедфингер (Badfinger), Чип Трик (Cheap Trick), Д Некс (The Knacks) и Д Романтикс (The Romantics)) се родила речиси во исто време и на иста географска поставеност со панк-рокот, и во однос на музиката, тие имале многу заедничко, свирејќи куси и гласни песни, притоа обидувајќи се да ги нагласат заразните чувства. Под општата ознака „нов бран на музика“ се вбројувал и мелодичен панк и панк со поп влијание, придружен од пауер поп бендови. Добар пример за пауер поп бенд кој спаѓа и во двата жанрови е популарната група Протекс (Protex) од Северна Ирска. Меѓутоа, стилистички и лирски, пауер поп бендовите настојувале да имаат големо топ 40 комерцијално поп влијание и висока тинејџерска поп мода, особено модерните пауер поп групи како што се Стерео скајлајн (Stereo Skyline) и Ол тајм лоу (All Time Low).

Мексико

уреди

Во Мексико, панк културата првенствено е феномен помеѓу младите од средната и високата клас, од кои повеќето првпат се запознале со панк музиката преку посета на Англија. Поради ниските партиципации на јавните универзитети во Мексико, значајно мал дел од мексиканските панкери се студенти. Се проценува дека речиси 5.000 млади се активни панкери во Мексико Сити, организирајќи две или три андерграунд-свирки во неделата. Овие млади, често припадници на бандата Чавос или други младински банди, често организираат поткултурни активности преку создавање на формални места за средби, ритуали и пракса.

Говорните прекари се карактеристично обележје на мексиканските панкери каде традицијата на говорната култура влијае на создавањето прекари за речиси сите мексикански панкери. Прешивачите се широкораспространети како поекономичен начин за нанесување промени на облеката и изразување на идентитет. Иако англиски бендови како Дед кенедис (Dead Kennedys) се добро познати во Мексико, панкерите претпочитаат музика на шпански јазик или шпански преработки на песни. Стилот на танцување – шуткање, кој е вообичаен за калифорниската панк сцена во раните 80-ти е многу популарен.

Пробите за изведба ги одразуваат социо-економските услови на мексиканските панкери. Свирки наречени токади се случуваат попладне и завршуваат рано за да им се дадат 3-4 часа на панкерите за да се вратат дома со помош на јавниот транспорт. Мексиканските панк бендови ретко издаваат плочи или ЦД снимки и претпочитаат касети. Иако мексиканскиот панк самиот нема експлицитна политичка пропаганда, мексиканските панкери се активни во движењето Запатиста, Анархо-панк движењето и двиењето за анти-глобализација.

Панкот како тема во уметноста и во популарната култура

уреди

Наводи

уреди