Обредот Еортија (Ордија) во Струга

Обредот Еортија (Ордија) во Струга е културно наследство со националка класификација за Духовно културно наследство со издаден податок од УЗКН 3.1.2.4.2. (3.1.2.4.19.) [1]

Датирање

уреди

Датирањето на обредот Еортија во Струга (или како што локалното население сака да го кажува Ордија), не може со прецизност да се утврди, бидејќи нема пишани податоци од кога за првпат започнал да се извршува овој религиски обред. Во секој случај, неговата појава треба да се поврзува со организирањето прослава повод празникот Свети Георгиј, кој во градот Струга претставува и храмов празник на истоимената црква што се наоќа во централниот дел на градот. Според некои свештени лица, овој обред има старост над 200 години, а според народот, овој обред постоел од „памтивек“. Според историчарите, оваа црква е изградена во преродбенскиот период, т.е. 1835 год. на местото од мала, трошна, и тогаш веќе во урнатини, црква, за која се сметало дека е од 16 век. Но и таа црквичка секако била изградена врз култно, обредно место, врз темелите на некој постар храм.

Опис на доброто

уреди

Обредот Еортија во струга се организира секоја година на 7.мај т.е. на денот на прославување на светецот Свети георгиј Победоносец (Ѓурѓовден). Иако црковните богослужби и свечености по повод храмовиот празник свети Георгиј започнуваат уште рано изутрина на 6.мај и траат речиси преку целиот ден, сепак, за директна поврзаност со обредноста на Еортијата/ Ордијата во Струга, се опишуваат обичаите што се одржуваат на утрешниот ден, на 7.мај. „Еортија“ на грчки јазик (еортасмос) значи чествување, празнување.

Обредноста на денот по Ѓурѓовден започнува со неколкучасовна литургија која започнува во утринските часови и трае сè до претпладневните часови. На свечената литургија, која вообичаено ја служи охридскиот епископ, со високо свештенослужители од Охридското и Струшкото архиерејско намешништво, присуствуваат мноштво православни стружани, главно со македонска и влашка национална припадност.

По одржувањето на литургијата, околу пладне, во трпезаријата што се наоѓа на катот на административната зграда на струшката црковна управа, сместена во кругот на црковниот двор, се организира свечен ручек за присутните на богослужбата. Тоа е во организација на црковниот одбор, кој има за цел, покрај другото, да обезбеди и доволно храна и пијалок за присутните гости на свеченоста, главно преку донации.

Во минатото, според записите и спомените на постарите стружани, ручекот се давал во црковниот двор, а намирниците ги обезбедувале поимотните стружани. Тие исто така ги служеле сите верници во дворот, а со тоа покажувале хуманост кон посиромашните и рамноправност на сите луѓе пред Бога.

Во попладневните часови во црквата повторно се одржува богослужба на чело со охридскиот владика, при што помеќу другите пораки и молитви, се чита и панихида (парастос, помен) за упокојување на душите на сите споменати ктитори, свештенослужители и црквенослужители запишани во диптихот (список на имиња што се спомнуваат во текот на литургијата) на оваа црква. По завршувањето на попладневната (вечерна) богослужба, при излегувањето на свештенослужителите од храмот се формира поворка, на која спонтано се придружуваат речиси сите присутни на богослужбата, која преку главната порта на црковниот двор се упатува кон учицата која води кон брегот на Охридското Езеро.

Почесно место во процесијата ѝ се оддава на дрвената икона на Свети Георгиј во стоечка положба која потекнува од 13 век, носена од неколку носители кои се менуваат во текот на опходот. Во процесијата, видно место заземало и посецното ковчеже со посребрена рака во којашто се чуваат дел од моштите на светецот Георгиј, која како реликвија се чувала во манастирот Свети Георгиј Победоносец во село Рајчица, близу Дебар. Покрај овие две реликвии, во процесијата имало и неколку црковни бајраци со крстови и друга христијанска иконографија.

Поворката на православни верници се упатувала до мостот на реката Дрим, на истекот од Охридско Езеро, па се упатувала долж реката на левиот брег, а низ целиот тек на опходот се пееле црковни песни (тропари- вид молитви). Опходот завршувал со враќање на литијата во црковниот двор, каде што на верниците им се делело парче леб од петтолебието (обредни лебови) и по чаша црвено вино. Според обичајот на стружани, ова вино требало да се испие следниото утро,по малку, ској од фамилијата, колку за адет, за благослов, здравје и бериќет во годината.[2]

Потекло

уреди

Потеклото на овој обред се доведува во корелација со христијанската религија, поконкретно во овој случај со оддавањето почит на светецот од 4 век, Свети Георгиј Победоносец.

Вредност и значење на доброто

уреди

Обредот Еортија (Ордија) во Струга, си има свои локални вредности, со оглед на фактот што во него учествувала речиси цела православна заедница од градот. овој огред освен како религиска манифестација, полека прераснувал во социо-културен феномен, со пошироко општинско, па и регионално значење.

Критериуми врз кои е извршена валоризација на доброто

уреди

Критериуми што се однесуваат на својствата на доброто

уреди
  • Автентичност - изразена преку степенот на присутност на изворните, односно оригиналните обредни реквизити (икона на Свети Георгиј од 13 век, делови од моштите на светецот- патрон и др.) што се користат при обредот;
  • Разновидност изразена како богатство на разни содржини, односно присутност на приличен број на различни религиозно-обредни реквизити, но и на разновидни содржини: литургија, процесија (литија), обреден (свечен) ручек итн.;
  • Интегралност - изразена преку степенот на единството на функциите и облиците, вклопеноста на структурите, односно содржините, со оглед на фактот што овој обред се извршува во одреден период т.е. во денот по празникот Свети Георгиј (Ѓурѓовден), кога се извршуваат и некои други обичаи поврзани со овој мошне значаен празник во традицискиот народен календар на македонскиот народ, но и во соседните јужнословенски и православни балкански народи , како што се разните сточарски обичаи или обичаите во врска со разеленувањето на вегетацијата и др.;
  • Старост- изразена како време на настанување, за датирање на овој обред;

Критериуми што се однесуваат на функциите на доброто

уреди
  • Воспитно-образовна функција;
  • Научна функција;
  • Културна функција;
  • Комуникациска функција;
  • Информативна функција;
  • Стопанска функција;

Критериуми што се однесуваат на значењето на доброто

уреди
  • Културно значење;
  • Културно-историско значење;
  • Уметничко значење;
  • Научно значење;
  • Техничко значење;
  • Општствено значење;[2]

Библиографија

уреди
  • Јоне Кленко, Записи за минатото на Струга, второ (дополнето) издание, „Ирис“, Струга, 2008 год.;
  • Миладинови Димитар и Константин, Зборник, редакциски одбор: Димитар Митрев, Кирил Пенушлиски и Александар Спасов, Скопје, 1962 год., [првично издание, Загреб, 1861 год.];[2]

Наводи

уреди
  1. /Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје
  2. 2,0 2,1 2,2 Ордија во Струга[мртва врска]