Никогаш повеќе (Гоген)
Никогаш повеќе — слика на масло на платно од 1897 година од францускиот постимпресионистички уметник Пол Гоген. Од 1932 година е во колекцијата на Институтот за уметност Курто и изложена во Галеријата. Била насликана за време на вториот престој на уметникот на островот Тахити во јужниот Тихи Океан.
Творец | Пол Гоген |
---|---|
Година | 1897 |
Димензии | 96 см × 130 см |
Место | Галерија Курто, Лондон |
Загадочното дело ја прикажува Пахура гола, тинејџерската вахина или сопруга на Гоген, како лежи на кревет во нивната колиба, нејзината раскошна фигура одекнува со облините на главата. Во позадина зад креветот се гледаат гавран и две загадочни човечки фигури.[1]
Насловот „Никогаш повеќе“, насликан со релативно големи букви во горниот лев агол, и присуството на гавранот е очигледно поврзување со поемата на Едгар Алан По, „Гавранот“ од 1845 година, која му била добро позната на Гоген и била рецитирана на неговата проштална забава во 1891 година. Во песната, студентот кој тагува е посетен во својата соба од гавран кој грака еден збор „никогаш повеќе“ како одговор на секое негово прашање. Во времето кога сликата била насликана, Пахура тагувала за загубата на своето прво дете (од Гоген) и Гоген за загубата на неговата омилена ќерка Алин која е родена во Европа. Самиот уметник тврдел дека птицата претставува „птица на ѓаволот што гледа“.[2]
Сликата била купена во 1898 година од британскиот композитор Фредерик Делиус од пријателот на Гоген Жорж-Даниел де Монфред за 500 франци. Подоцна, во 1926 година, била откупена од британскиот стопанственик Семјуел Курто, кој му ја подарил на Институтот за уметност Курто.
Во 2010 година, сликата била избрана за најромантична во Британија во гласањето организирано од Добротворниот фонд за уметност. Победила во конкуренција од пет слики во потесниот список, меѓу кои биле ремек-дела на Јан ван Ејк и Тицијан.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Nevermore, 1897“. gauguin.org. Посетено на 7 јануари 2020.
- ↑ „Nevermore – Paul Gauguin“. Courtauld Institute. Посетено на 7 јануари 2020.
- ↑ Telegraph.co.uk/culture