Национален парк Пелистер

национален парк во Југозападна Република Македонија

Пелистер — национален парк во Македонија, кој се наоѓа помеѓу Преспанската Котлина и Пелагонија. Тој бил прв национален парк на територијата на Македонија, прогласен во 1948 година и неговата вкупна површина е 17.150 хектари.[2]

Национален парк Пелистер
МСЗП — Категорија II (национален парк)
Местоположба на Национален парк Пелистер
Местоположба на Национален парк Пелистер
Карта на Македонија
МестоОпштина Битола, Македонија
Најблизок градБитола
Површина171.5 km2 (66.2 ми)
Воспоставен(а)1948

Опфаќа делови од планината Баба, како и повеќе познатиот нејзин врв Пелистер (2.601 м.). И покрај тоа што зафаќа висок планински простор, овој национален парк е доста пристапен, а од Битола до месноста Копанки има околу 15 километри.

Име уреди

Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древномакедонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од рамнината Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името Пелистер доаѓа од зборовите „пет лисје“. Кованицата бели+стени= белистени=пелистер е една од можните варијанти за потеклото на името Пелистер.

Исто така, има мислење дека името „Пелистер“ е кованица од бел+истер= бел-истер = пелистер. Како аналогија се зема името на полуостровот Истра и ред други топоними, ороними и сл. од претсловенско, античко-венетскиот период. Значењето на „истер“ и ден-денес во македонскиот јазик како и милениуми претходно се употребува - означува нешто што е истерано, извишено, било во висина, било во море и сл. Колку за потсетување, старото име на реката Дунав е исто така Истер!

Географија уреди

 
Шума на планината Баба

Националниот парк „Пелистер“ се наоѓа во југозападниот дел на Македонија и зафаќа површина од 17.150 хектари. Прогласен е во 1948 година како прво заштитено природно богатство во Македонија. Повторно е прогласен за национален парк во 2007 година при што неговата првична површина од 12.500 ха е зголемена на сегашните 17.150 ха. Се одликува со поголем број врвови и возвишенија повисоки од 2.000 метри, кои меѓу себе се раздвоени со длабоки долини. Највисок врв е Пелистер (2.601 m). Од земјишните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од стени со различен состав.

Хидрографија уреди

Од хидрографските објекти, со посебна природна привлечност се двете леднички езера, Пелистерски Очи - Големото и Малото Езеро на Пелистер, исто познати како „Горски Очи“.

Флора и фауна уреди

 
Дел од флората на Пелистер

Растителниот свет на Пелистер е мошне разнообразен, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење. Тука растат 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Во растителноста на НП Пелистер се среќаваат 21 растителна заедница, од кои 8 се шумски, а 13 тревни заедници. Од шумските дрвни видови најголема вредност има моликата - домороден вид на петтоигличест бор со терцијарна старост којшто расте само на неколку планини на Балканскиот Полуостров. Висинската амплитуда на распространувањето на моликата на Пелистер е од 600 до над 2.200 метри.

НП Пелистер претставува класично наоѓалиште за повеќе од 20 растителни видови, од коишто 2 се локални ендемити. Од ’рбетниците се среќаваат: 10 видови водоземци, 15 влекачи, 91 вид птици и 35 видови цицачи. Од рибите, значајно е да се истакне присуството на пелистерската ендемска поточна пастрмка (Salmo trutta peristericus) и пелагониската поточна пастрмка (Salmo trutta pelagonicus).

Пелистерски ендемски видови уреди

Фауна:

  • Salmo trutta peristericus (поточна пастрмка)
  • Salmo trutta pelagonicus (поточна пастрмка)
  • Iliodromus peristericus (остракоди)
  • Eucypris diebeli (остракоди)
  • Niphragus pancici peristericus (амфиподното ракче)-Големо Езеро
  • Arcticocampus macedonicus (харпактикоидното ракче)
  • Brachydesmus peristerensis (пелистерската стоногалка)
  • Alpaeus macedonica (тврдокрилните инсекти)
  • Cychrus attenuatus peristericus (тврдокрилните инсекти)
  • Duvaliotes peristericus (тврдокрилните инсекти)
  • Platyduvalius macedonicus (тврдокрилните инсекти)
  • Trechus hajeki (тврдокрилните инсекти)
  • Scythris crypta (мали пеперутки)
  • Scythris similis (мали пеперутки)
  • Hadena clara macedonica (ноќната пеперутка)

Флора:

  • Alchemilla peristerica (пелистерската небесна роса)
  • Sempervivum octopodes (еден од двата ендемски видови на пази куќа)
  • Jovibarba heuffelii var (еден од двата ендемски видови на пази куќа)
  • Crocus pelistericus (пелистерската качунка)
  • Festuca pelisterica (пелистерската власеника)

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Pelister National Park“. protectedplanet.net.[мртва врска]
  2. Македонија низ бројки, 2011

Надворешни врски уреди