Мултипликатор на парите

Мултипликатор на парите (англиски: Money multiplier) претставува број кој покажува колку пати банките успеале да ги зголемат (умножат) примарните пари кои ги создала централната банка.

Дефиниција

уреди

Во статистиката, изразот „мултипликатор“ вообичаено се дефинира како коефициент којшто треба да се примени на објаснувачката (независната) променлива за да се добие вредноста на зависната променлива. Во економската литература мултипликаторот први го вовеле Кон и Кејнс.[1]

Во теоретските и практичните истражувања се среќаваат повеќе варијанти на мултипликаторот, како што се:

  • мултипликатор на инвестициите,
  • мултипликатор на државните приходи и расходи,
  • монетарен мултипикатор,
  • кредитен мултипликатор итн.

Во монетарната теорија и политика, монетарната мутипликација се дефинира како множење, односно зголемување на количеството пари (преку експанзија на депозитите и кредитите) врз основа на зголемениот прилив на готови пари, одобрени кредити од централната банка или намалување на стапката на задолжителните резерви. Мултипликацијата на парите е можна поради безготовинската техника на плаќања, којашто овозможува одржување низок процент на ликвидност, поради меѓусебната поврзаност на банките или можноста за прелевање на средствата од една во друга банка.

Монетарниот мултипликатор се дефинира како однос помеѓу вкупното количество пари во оптек и примарните пари, т.е. како однос помеѓу порастот на паричната маса и почетниот износ на одобрените кредити во рамките на примарната емисија на пари. Тој покажува за колку ќе се промени паричната маса при дадена промена на примарните пари, колкав дел од порастот на примарните пари се претворил во паричната маса. Колку е поголем монетарниот мултипликатор, толку поголем дел од примарните пари се претвора во парична маса и обратно.

Кредитниот мултипликатор се дефинира како однос помеѓу одобрените кредити во рамките на примарната емисија на пари и вкупниот износ на банкарските кредити, т.е. како однос меѓу одобрените кредити и почетниот износ на одобрените кредити преку примарната емисија на пари.

Формула за пресметка на монетарниот мултипликатор

уреди

Паричната маса (М) претставува производ од примарните пари, односно монетарната база (RM) и монетарниот мултипликатор (m):[2]

M = m x RM

Оттука, монетарниот мултипликатор претставува сооднос меѓу паричната маса и примарните пари:

 

Ако М1=C+DD, a RM=C+R, тогаш се добива:

 

каде: М1 е потесната парична маса, C се готовите пари, DD се депозитните пари (депозитите во банките кои влегуваат во состав на паричната маса) R се резервите на банките кај централната банка

Имајќи предвид дека мултипликацијата може да се врши само преку депозитните пари, а не и преку готовите пари, тогаш ако десната страна од равенката се стави во однос со депозитните пари се добива:

 

Ако, пак, резервите на банките се расчленат на нивните составни делови, тогаш се добива следнава равенка:

 

односно,

 

при што,

m = монетарен мултипликатор c = односот меѓу готовите пари во опток и депозитните пари r = стапката на задолжителна резерва на депозитните пари e = соодносот на вишокот на резерви и депозитните пари

Центалната банка може да влијае врз понудата на пари било преку примарните пари, било преку монетарниот мултипикатор. Доколку таа ја зголеми стапката на задолжителна резерва, тогаш комерцијалните банки имаат помалку депозити, а со тоа и помала можнот за давање кредити. Ако банката претера со давањето кредити и на тој начин ја загрози својата ликвидност (на пример, не може да одговори на барањата на клиентите за подигање на штедните влогови во одреден период), таа може дури и да банкротира, бидејќи во таква ситуација ќе настане паника и сите депоненти ќе побрзаат во еден ден да си ги подигнат своите влогови. Поради ваквите опасности е родена идејата за стапка на задолжителна резерва (дел од вкупните банкарски депозити, најчесто утврден како процент кој комерцијалните банки не го позајмуваат на клиентите, туку го држат во централната банка).

Банката може да пласира кредити во економијата само доколку има вишок на слободни парични средства врз основа на приливи на депозити во банката. Овој вишок се појавува доколку граѓаните или претпријатијата вложат пари во форма на (депозити) во банката или доколку банката позајми средства од централната банка или од некоја друга банка.

Пример за кредитна мултипликација

уреди

Да претпоставиме дека некој од комитентите на банката вложил 100 000 парични единици (п.е.) кои банката може да ги пласира во форма на кредити на други економски субјекти. Другa претпоставка е дека стапката на задолжителна резерва изнесува 20%. Врз таа основа, комерцијалните банки може да создадат дополнителни пари, односно од почетните 100 000 п.е. да создадат 200 000, 300 000, 400 000 п.е. итн.[3][4]

Табела

уреди
Ставка Резерва Депозит Кредит Вкупна резерва Вкупни депозити Вкупни кредити
Почетен депозит
20 000

100 000

80 000

20 000

100 000

80 000
Втор круг
16 000

80 000

64 000

36 000
180 000
144 000
Трет круг
12 800

64 000

51 200

48 800
244 000
195 200
Четврт круг

итн.


10 240

51 200

40 960

59 040
295 200
236 160
Вкупно 100 000 500 000 400 000

Табелата го објаснува процесот на создавање пари од страна на комерцијалните банки. На левата страна од табелата е прикажан почетниот депозит од 100 000 фунти. Банката, пред да ги позајми овие 100 000 фунти на некое претпријатие, коешто има потреба за кредит, мора да издвои задожителна резерва според стапката што ја пропишала централната банка (на пример, 20%). Откако ќе издвои задолжителна резерва од 20 000 фунти (20% од 100 000 фунти), преостанатите 80 000 фунти банката ги позајмува на некое претпријатие. Се разбира, тие пари банката нема да му ги исплати на претпријатието во готово, туку ќе ги префрли на сметката на некоја друга комерцијална банка чиишто комитет е претпријатието што ги позајмува средствата. Во вториот круг, 80 000 фунти ќе легнат на сметка на другата комерцијална банка. Тие пари, другата комерцијана банка ќе може понатаму да ги позајми на други претпријатија, повторно откако на нив ќе издвои задолжителна резерва од 20%. Бидејќи 20% од 80 000 фунти се 16 000 фунти, сумата што другата комерцијална банка ќе може да ја даде како кредит изнесува 64 000 фунти (80 000 - 16 000 фунти). Овие 64 000 фунти ќе легнат на сметката на третата комерцијална банка и ќе претставуваат основа за давање на нови кредити, во третиот круг, по издвојувањето на задолжителната резерва итн. На десната страна на табелата се прикажани вкупните износи(кумулативи) на издвоените резерви, на депозитите и на кредитите.

Очигледно е дека еден почетен депозит од 100 000 фунти, откако ќе се исцрпат ефектите на геометриската прогресија, создава вкупни депозити од 500 000 фунти, односно вкупните позајмени кредити, врз основа на почетниот депозит од 100 000 фунти, го достигнуваат износот од 400 000 фунти. Вкупните депозити од 500 000 фунти, создадени врз основа на почетниот депозит од 100 000 фунти, може да се пресмета според следнава формула:

 

при што:

  • ТD - вкупни депозити
  • ID - почетен депозит
  • RR - стапка на задолжителна резерва

Ако износите од табелата се заменат во формулата, тогаш се добива:

 

Односот  , т.е.   го дава т.н. паричен мултипликатор.

Очигледно, вкупните депозити може да се добијат ако почетниот депозит го помножиме со паричниот мултипликатор. Процесот на создавање пари од страна на комерцијалните банки се сведува на зголемена понуда на пари (зголемена маса на пари во оптек). Зголемената понуда на пари во економијата може на краток рок да го зголеми производството во економијата (бруто-домашниот производ) и да ја зголеми вработеноста, односно да ја намали стапката на невработеност. Но, на долг рок зголемената понуда на пари, по правило, завршува со висока инфлација. Затоа, централните банки мора да го контролираат процесот на создавање пари од страна на комерцијалните банки. Притоа, создавањето пари од страна на комерцијалните банки (кредитната мулитипликација) во голема мера зависи од стапката на задолжителна резерва што ја пропишува централната банка: повисоката стапка на задолжителна резерва ја намалува можноста за создавање пари од страна на комерцијалните банки и обратно. Ако во примерот, стапката на задолжителна резерва се зголеми на 25%, тогаш мултипликаторот ќе се намали од 5 на 4, а вкупните депозити ќе се намалат од 500 000 фунти на 400 000 фунти.

Наводи

уреди
  1. John Maynard Keynes, The General Theory of Employment, Interest and Money, Prometheus Books, New York,1997, p.113.
  2. Љупчо Трпевски, Монетарна економија (прво издание), Скен поинт, Скопје, 2010, стр.287-288.
  3. Таки Фити, Основи на економијата (трето издание), Универзитетот Св.Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2010, стр. 376-378.
  4. Stephen Dobson and Susan Palfreman, Introduction to Economics, Oxford University Press 1999, p.263.