Мајкл Кремер

американски економист, добитник на Нобеловата награда за економија

Мајкл Кремер (англиски: Michael Kremer; 12 ноември 1964) — американски економист, добитник на Нобеловата награда за економија во 2019 година, за придонесот во „разбирањето на процесот на развојот и на ублажувањето на сиромаштијата“, т,е, во методологијата на емпириската анализа на сиромаштијата и во дизајнирањето политики за ублажување на сиромаштијата и за поттикнување на економскиот растеж и развој.[3]

Мајкл Кремер
Michael Kremer
Кремер во 2020 година
Роден(а)Мајкл Роберт Кремер
12 ноември 1964(1964-11-12)(60 г.)
Њујорк, САД[1]
ПолињаЕкономија на развој
Здравствена економија
УстановиМасачусетски технолошки институт
Универзитет Харвард
Чикашки универзитет
Докторски менторРоберт Баро
ДокторандиЕдвард Мигел[2]
Seema Jayachandran
Поважни наградиНобелова награда за економија (2019)

Животопис

уреди

Мајкл Кремер е роден на 12 ноември 1964 година. Тој работи како професор на Универзитетот Харвард.[3]

Творештво

уреди

Заедно со неговите соработници, Кремер спроведувал теренски експерименти во училиштата во селата на Западна Кенија кои покажале дека ниското знаење на учениците не се резултат на недостигот на ресурси (учебници, бесплатни оброци итн.), туку на нискиот квалитет на наставниците. Понатаму, експериментите на Кремер покажале дека сиромашните луѓе се многу осетливи на цената на лековите: кога апчињата против стомачни паразити биле бесплатни, 75% од родителите им ги давале на своите деца; но, кога родителите требало да платат многу ниска цена од само 0,4 долари, тој процент паднал само на 18%. Понатаму, во соработка со Естер Дифло, Кремер ги испитувал и причините на недоволната мотивација на учителите во Индија при што тие дошле до следниве сознанија: ангажирањето дополнителни учители кои работеле по договор (привремено вработување) значително ги подобрило резултатите на учениците; намалувањето на бројот на учениците по еден учител немало позитивен ефект врз резултатите од учењето.[4]

Понатаму, Дифло и Кремер го истражувале однесувањето на ситните земјоделци во Потсахарска Африка, особено во врска со употребата на вештачки ѓубрива. Притоа, тие дошле до сознанија дека недоволните информации и недоволното знаење не се главната причина за нивната недоволна употреба. Како дел од експериментите на Дифло и Кремер, на земјоделците им биле понудени два типа на субвенции: субвенција распределена во подолг временски период и субвенција која важи краток период. Нивните експерименти покажале дека употребата на вештачки ѓубрива од страна на земјоделците се зголемила за 50%, кога им била понудена мала субвенција (бесплатна испорака на ѓубривата) со ограничен рок во споредба со втората форма на голема субвенција (50% попуст на ѓубривата плус бесплатна испорака) која би им била исплатена подоцна.[5]

Истражувањата на Кремер ја наметнале потребата од внимателна процена на програмите за помош на сиромашните. На пример, врз основа на резултатите од неговите истражувања, владата на Обединетото Кралство ја напуштила практиката, во рамките на програмите за помош, на сиромашните луѓе да им бара одреден надоместок за мрежите за заштита од комарци, туку одлучила мрежите да им ги дели бесплатно.[6]

Наводи

уреди
  1. Cf. Nobel Prize biography
  2. „The political economy of education and health in Kenya / a thesis presented by Edward Andrew Miguel“. Research Kenya. Архивирано од изворникот на September 27, 2016. Посетено на May 3, 2014.
  3. 3,0 3,1 Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 28.
  4. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 29-30.
  5. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 30-31.
  6. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 31.