Машка велигденска поворка Кули во Македонски Брод

Машка велигденска поворка „Кули“ — обичај што се изведува на вториот ден на најголемиот христијански празник Велигден во Македонски Брод[1] во Република Македонија. Изведувањето на обичајот „Кули“ има исклучително значење и место во традиционалната култура и посебност во изведба на обичајот, не само кај населението од Македонски Брод и околните населени места што непосредно учествуваат во неговото изведување, но и кај останатото население што присуства на неговата изведба. Велигден e еден од најстарите и најголемите христијански празници, што се прославува од II век од н. е. Тоа е ден на Христовото воскреснување. Обредите за смртта и воскреснувањето на Христос се слични на паганските култови. Во велигденските обреди најважно место заземаат црковните елементи, сврзани со смртта и воскреснувањето на Христос.

Потекло

уреди

Овој обичај датира уште за време на османлиската власт, кога нашиот православен човек бил угнетен под јаремот на Турците. За време на турското владеење дозволено им било на православните христијани од Македонски Брод празникот Велигден да го прославуваат од изгрејсонце до зајдисонце. Ако некој се осмелел после заоѓањето на сонцето да остане на сред селото или да оди од куќа во куќа тој бил камшикуван, мачен па дури и убиван. Тогаш луѓето од Македонски Брод, или тука како што ги викаат Броѓани, го одбрале вториот ден на големиот православен празник Велигден, го откупиле со злато, за да можат да го прославуваат слободно, радосно и весело. Го одбрале овој голем ден за да можат да се  чуствуваат порадосни и повесели, со надеж дека еден ден ќе згазнат на главата на непријателот. Со таа мисла  тие го востановиле овој обичај носење на „Кулите“.

Исто така карактеристика и голема симболика претставува формирањето на петте кули како симбол на петвековното турско ропство, но симболиката ја има и во патот кој треба да се изоди почнувајќи од ледината над црквата па се до ледината над  крајот од Македонски Брод чија должина исто така изнесува околу 500 метра.

Обичајот „Кули“, односно носење на “Кулите“е единствен не само на нашиве простори тука, туку може да се каже и пошироко во православниот свет. Овој обичај датира уште за време на османлиското ропство и се изведувал секоја година. Меѓутоа после 1958 година тој стагнирал, знаеме од кои причини за време на претходниот систем. Со осамостојувањето на Македонија,  во 1991 година овој обичај по иницијатива на отец Марко е  обновен и од ден во ден зема поголема замав. На почетокот овој обичај го изведувале  триесет и тројца луѓе, а денес на него присуствуваат голем број не само на жители од Македонски Брод, но и и луѓе од страна и тој број изнесува околу две-три па и до пет илјади луѓе. Бројка од триесет и три луѓе кои  го обновиле овој обичај  во 1991 година има свое симболично значење. Бројот триесет и три е симболот на годините на Господ Исус Христос поминати овде на земјата со луѓето. Значи не е ништо случајно.

  Иако периодот на турското ропство одамна е изминат, сепак симболиката на кулите останува и понатаму. Можеби во ова денешно време надополнета и со друга симболика, да се искаже гордоста, важноста, долготрајноста  и истрајноста на македонскиот човек и во ова денешно време да не потклекне на притисоците и проблемите кои ги има, а  кои се составен дел на животот на народот во Македонски Брод и Македонија.

Територија

уреди

Машката велигденска поворка „Кули“ е обичај кој се изведува само во Македонски Брод. За овој обичај може да се каже дека е единствен не само на нашиве простори тука, туку и пошироко во православниот свет. Изведувањето на овој обичај, според досегашните сознанија, може да се поврзе само со изведувањето на традиционалното оро во Црна Гора и Херцеговина.

Кај обичајот „Кули“ се зачувани мошне архаични елементи кои ја одразуваат општочовечката (антрополошка) димензија од потребата за егзистенција, гордоста, важноста, долготрајноста  и истрајноста на македонскиот човек во Македонски Брод. Истовремено во нив се забележуваат и одредени национални и регионални културни вредности, со оглед на фактот што овој обичај е каректеристични само за овој регион. Обредите кои се изведуваат на овој втор ден на Велигден, а се составен дел со обичајот „Кули“ исто така му даваат  посебно значење на овој празник.

Опис на обичаите

уреди

Обредноста што се спроведува на вториот ден на Велигден e мошне сложена со оглед на фактот на тоа што, обичаите што се извршуваат на овој празник опфаќаат широк дијапазон на разни обредно-магиски постапки кои имаат различни цели.

Со Велигденските празници се поврзани повеќе обреди што за главна цел ја имаат заштитата на посевите, за приплод на стадата, одбрана од секакви лошотии и зла, болести и сл.

Тие обреди му претходат на Велигден, особено Великата или Страсната недела, како и обреди на самиот ден Велигден. Светите литургии се изведуваат од Величетврток, потоа распнувањето, погребението на Велипеток, оплакувањето, опелото Велипеток навечер, воскресенска утрина Велјасабота оклу 23:30 до 24 часот со кажувањето на Христос воскресе и влегувањето во храмот, потоа утрото се врши света воскресенсака литургија на која литургија многу граѓани се причестуваат го примат телото и крвта на Господа Исус Христос. Овде има обичај од завршувањето на светата богослужба луѓето да одат да ги посетат починатите што за жал секоја година ние укажуваме дека тоа е светол ден, дека ова е денот за празнување, не е за мртвите, сепак таа традиција останала и останува сè уште.

Во обичаите кои се изведуваат на овој ден во Македонски Брод спаѓаатː правењето и носењето  на „Кулите“ и носењето на Литијата – Покрстите.

Опис на обичајот носењето на Литијата – Покрстите

уреди

На вториот ден на Велигден рано наутро пред извршувањето на обичајот носењето на Кулите се врши Литија или носење на Крсти. Носењето на крстите исто така е поврзано со празникот над празниците воскресението Христово-Велигден, бидејќи го симболизира трновитиот пат на господа Исус Христа од фаќањето под Гетсиманска Градина па до носењето на Христа на Голгота и неговото распнување. По завршувањето на светата богослужба се оди од светиов храм над Македонски Брод по ридот, што значи тој тежок пат што го поминал господ исус Христос од Гесиманската Градина до Голгота така и учесниците одат по ридот симболизирајќи го трновитиот пат на господа Исус Христа и неговото носење на крстот.

  • Обредот започнува од ридот над Македонски Брод од  местото викано Топола. Овде се извршува првото заклинување. Заклинување има четири, и се изведуваат на сите четири страни на светот, значи дека евангелието Христово по воскрението се раширило на сите четири страни на светот.
  • Заклинувањето се извршува на следниот начин: На еден дебел даб се прави крст со секира, потоа еден од верниците во средината од крстот излабен во дабот со сврдел прави дупка. Оваа дупка го симболизира гробот на Христос , крстот го симболизира распнатиот Христос на крстот и свештеникот во дупката става нафора и вино, односно крвта и телото на нашиот спасител Господ Исус Христос. За тоа време свештеникот го изговара тропарот на воскресението Христово: „Христос воскресна од мртвите со смртта смртта ја победи на тие во гробовите живот има дарува“. Потоа во дрвото се налева и со виното, со крвта Христова, а потоа еден од верниците го запечатува со дрвен клин. Како што Исус Христос бил положен во нов гроб, вдлабен во пештера во камен, така и бил запечатен со голем надгробен камен, тоа е симболиката на клинот.
  • И како што во пролет дабот оживува, со доаѓањето на пролета носи нов живот, така и Христос од гробот со неговото воскресение блика нов живот. По тоа заклинување се оди на северната страна од Македонски Брод на местото викано Стара црква. Тука, исто така се извршува второто заклинување. Ова заклинување е проследено и со општонародна веселба, тука има и домаќини за самиот ден, се приготвува заедничка трпеза или трпеза на љубовта на сите што присуствуваат на прославата на овој празник.
  • По закуската која ќе се изврши на ова место се оди на источната страна кон градските гробишта и тука се извршува третото заклинување. Од тука се тргнува низ полето, ако има пченица, или некои други житни култури се гази пченицата, и се дава еден благослов за развој на таа пченица за нејзио успешно растење, дечињата мали се валкаат по нивата и пеат: „Како што децава се валкаат така и снопој тешки и  големи да се валкат по нивата“.
  • Од тука учесниците во Литијата одат до општината во дворот на фамилијата Живоиновци. Ова место порано било вакавско и постои еден бунар на кој бунар се извршува мала служба. Присутните се почестени  од фамилијата на Живоиновци, и од потоа од таму се оди на јужната страна, во црквата Св. Никола.  Околу единаесет и триесет часот во црквата Св. Никола наречена и Тулбе се извршува четвртото заклинување.
  • Од оваа црква потоа на пладне во дванаесет часот се стигнува повторно во црквата Св. Богородица каде што сите присутни прават Литија околу црквата. Сите присутни три пати се вртат околу црквата. За тоа време во дворот на црквата домаќинките го приготвиле парзничниот ручек и се седнува на трпезата во кругот на црквата на ручек. Сите присутни се послужуваат со црвено Велигденско јајце со домашна сливова ракија и некои други пијалоци.

Обичај Каленчица

уреди
  •  На враќање од Покрсти, се одвива втората етапа преку таканаречениот „обичај Каленчица“. Во изведувањето на овој обичај учествуваат девојчиња облечени во народна носија кои формираат шпалир (редици на луѓе од двете страни на пат) и сите оние  кои сакаат да бидат дел од Велигденските кули (без разлика дали ќе земат активно учество) треба да поминат под тој шпалир, додека пак најхрабрите момчиња кои веќе поминале под него веќе почнуваат да ги формираат кулите.

Опис на обичајот „Кули“

уреди

Најхрабрите момчиња одат пред портата на црквата и почнуваат да ги прават „Кулите“. „Кулите“ се прават на следниов начин:

  • Се фаќаат петмина најспособни млади момчиња долниот ред, рамо за рамо, а на нив се качуваат исто така уште петмина исто така многу храбри момчиња и се правaт  пет кули. Тие од почетокот не биле пет, биле само неколку кули, колку што можеле да направат, меѓутоа после бројката пет ја зеле како симболика на петвековното турско ропство. Затоа и долниот ред  кој е составен од петмина мажи претставува симболика на турските владетели кои во минатото управувале со ова место.
  • Долниот ред на кулата го симболизираат Турците Османлии, а петтмината во горниот ред го симболизираат македонскиот народ, кој се кренал на востание и ги победил освојувачите, но подоцна живеел заедно со луѓето кои се различни од него. Горниот ред пеат песни патриотски, го пеат тропарот на Велигден и ред други песни, а додека долниот ред, односно луѓето кои ги симболизираат Турците-Османлии,  со наведнати глави го носат теретот, тежината на своите плеќи.

Кај преставници на македонскиот народ, обичајот е проследен со една веселба, со една радост и со една мисла во главите дека еден ден ќе дојде денот на слободата, ќе светне сонцето на слободата и во нашата земја  слободно ќе се прославува не само овој празник туку сите празници кој што постојат во православната црква.

Со празникот Велигден се поврзани многубројни обредни песни, во кои доаѓаат до израз најскриените желби и надежи на домаќинот на семејството и на неговите блиски за благосостојба, среќа и љубов, за добар род на посевите и за приплод на добитокот. Тие пеат за разбудената природа по долгата зима, за повторното враќање на животот. Овие песни содржат пагански слоеви, кои подоцна со појавата на христијанството придобиле христијански елементи. Во Македонски Брод дечињата, посебно младите девојчиња облечени во народна носија прават шпалир и ја пеат песната : „Каленчице, маленчице“.

Нематеријално културно наследство

уреди

Нематеријално културно добро „Машка велигденска поворка Кули во Македонски Брод“, со одлука бр. 2310 објавена во Службен весник на Р Македонија бр. 150 од 23 јули 2019, година е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Литература

уреди
  • Д-р Петар Јовановиќ, Порече-насеља и порекло становништва, Српски етнографски зборник, LI, кн.28, Београд 1935 год;
  • Репортажа, Уникатно светилиште во Македонски Брод, Интервју со отец Марко, парохиски свештеник во Македонски Брод.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Велигденски Кули“ во М. Брод - најуникатниот обичај за вториот ден на Велигден во Македонија, Посетено на 2023-11-26

Надворешни врски

уреди

Етнолошкиот филм „Машка велигденска поворка Кули во Македонски Брод“

„Машка велигденска поворка Кули во Македонски Брод“

Велигденските кули