Мартолозите — народна милиција која била користена како внатрешна безбедносна сила на Отоманското Царство на Балканот (Румелија), претежно активна во периодот од XV до XVII век. Првично, се состоела од претежно локално христијанско население (Рум-милет), но подоцна дел од членовите преминале во ислам. За нивната воена служба, мартолозите добивале привилегиран статус (како „аскери“), во однос на селаните („рајата“). Нивните команданти и раководни лица биле претежно муслимани.

Во средината на XV век, по османлиските освојувања, мартолозите биле користени како еден вид на вооружена полиција.[1] Нивните обврски биле да дејствуваат локално, или во мирни времиња како гранични патроли, обезбедувале тврдини, стратешки патишта и крстосници. Исто така, повремено биле користени како војници во време на воена состојба или како даночни собирачи.[1] Тие по организација и цел се слични на една друга отоманска организација, која исто така била регрутирана во јужнословенските територии. Првичните задачи на овие единици биле одржување на безбедноста и одбрана во случај на напад, а нешто подоцна ќе бидат користени како помошни транспортни единици.[2]

На мартолозите поради нивните повисоки општествени позиции, им било дозволено да стопанисуваат со тимари.[1] Покрај дневната плата, тие се здобивале и со статусот аскери, и покрај тоа што овој статус бил наменет само за муслимани.[1] Нивните команданти биле претежно муслимани (мартилоски баши).[1] Службата на мартолозите била наследна.[1][3] Тие биле ослободени од џизијата и различните локални даноци.[1]

Мартоловиот систем е всушност наследство кое Османлиите го презеле од Византиското Царство.[3] Мартолозите биле претежно регрутирани од Балканот, а еден од предусловите според кои тие биле избрани бил да поседуваат земја. Голем дел од нив биле православни христијани кои успеале да ја задржат својата религија, иако влегле во кастата на аскери.[1]

Мартолозите биле користени како вооружена полиција во средината на XV век, а во следните два века имале разни безбедносни задачи.[1] Првично мартолошкиот ред се состоел од локалното претежно христијанско население, но со текот на време членовите ќе се претопат во ислам.[3] Во XVII век, по зголемувањето на локалниот христијански антагонизам на Балканот, мартолозите биле во постојан конфликт со ајдуците. Во овој период еден дел од мартолозите ќе преминат во ајдуци.[1] Токму ваквиот развој на настаните ќе ја натера Портата да го укине правото на балканските христијани да служат како мартолози. Тоа ќе се случи во 1692 година. [1] Постепено мартолозите ќе бидат претопувани во други османлиски организации. Па така во 1722 година румелискиот бејлербеј Осман-паша ќе ги спои мартолозите со муслиманскиот ред наречен пандор (локална полициска безбедност).[1] Неколку мартолози ќе продолжат да опстојуваат во северот на Македонија сѐ до XIX век, кога ќе бидат целосно заменети по реформите на Танзимат.[1]

Терминологија

уреди

Мартолос (турски: martolos) е збор изведен од арматолос (грчки: armatolos), што во превод значи „вооружен човек, милиција“.[3] Бидејќи бил збор кој означувал христијани во османлиската војска, мартолоз ќе почне да се користи и за означување на разни христијански воени групи и поединци. Османлиите ќе почнат да го користат и за христијански шпиони, патачи, гласници, бродаџии на Дунав и чувари на тврдините, како и за христијанските востаници кои се борат со акинци.[2] За време на владеењето на Сулејман (1520–66), овој термин се користел и за локалните христијански полициски сили, особено во бунтовни региони како Црна Гора.[2]

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 Bosworth 1989.
  2. 2,0 2,1 2,2 Uyar & Erickson 2009.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Agoston & Masters 2009.

Извори

уреди
  • Vasić, Milan (1967). Мартолоси у југословенским земљама под турском влашћу. Sarajevo.
  • Vasić, Milan (1963). „Martolosi u periodu uspona osmanske države“. Godišnjak Društva istoričara BiH. Sarajevo. XIV.
  • Agoston, Gabor; Masters, Bruce Alan (2009). Encyclopedia of the Ottoman Empire. Infobase Publishing. стр. 353. ISBN 978-1-4381-1025-7. Agoston, Gabor; Masters, Bruce Alan (2009). Encyclopedia of the Ottoman Empire. Infobase Publishing. стр. 353. ISBN 978-1-4381-1025-7. Agoston, Gabor; Masters, Bruce Alan (2009). Encyclopedia of the Ottoman Empire. Infobase Publishing. стр. 353. ISBN 978-1-4381-1025-7.
  • Uyar, Mesut; Erickson, Edward J. (2009). A Military History of the Ottomans: From Osman to Atatürk. ABC-CLIO. стр. 63–64. ISBN 978-0-275-98876-0. Uyar, Mesut; Erickson, Edward J. (2009). A Military History of the Ottomans: From Osman to Atatürk. ABC-CLIO. стр. 63–64. ISBN 978-0-275-98876-0. Uyar, Mesut; Erickson, Edward J. (2009). A Military History of the Ottomans: From Osman to Atatürk. ABC-CLIO. стр. 63–64. ISBN 978-0-275-98876-0.
  • Bosworth, Clifford Edmund (1989). The Encyclopedia of Islam, Volume 6, Fascicules 107-108. Brill Archive. стр. 613. ISBN 90-04-09082-7. Bosworth, Clifford Edmund (1989). The Encyclopedia of Islam, Volume 6, Fascicules 107-108. Brill Archive. стр. 613. ISBN 90-04-09082-7. Bosworth, Clifford Edmund (1989). The Encyclopedia of Islam, Volume 6, Fascicules 107-108. Brill Archive. стр. 613. ISBN 90-04-09082-7.