Марко и три наречници

Марко и три наречници — македонска епска (јуначка) песна за Крале Марко.

Содржина

уреди

Евросима родила машко дете, а третата вечер, таткото, кралот Волкашин, поканил бројни гости на повојница. Кога гостите заспале, на полноќ дошле три наречници при што две му посакале среќа на детето, додека третата му посакала да стане голем јунак и на татко му да му ги скрши коските. Волкашин се налутил, го ставил бебето во кошница и го фрлил во Вардар за да се удави и така да се спаси од пророштвото. Додека кошницата пловела по Вардар, некое младо овчарче го слушнало пискањето на Крале Марко, ја зело кошницата и ја однело дома, каде што неговите родители го гледале Крале Марко како свое дете. Кога Марко пораснал, го испратиле да ги пасе селските телиња, но чевтртиот ден, Крале Марко ги испотепал сите телиња. Неговиот очув, овчарот, се налутил и го избркал од дома, притоа кажувајќи му ја вистината дека тој не му е вистински татко и дека го нашле во Вардар, во кошница.

Крале Марко се засрамил и отишол на брегот на Вардар, каде во песокот си направил куќа. Во меѓувреме, Релја Шестокрило правел свадба на која за кум го назначил кралот Волкашин, постар девер му бил Груица, но немал помлад девер. Затоа, Груица патувал наоколу, барајќи некого за девер и така дошол до брегот на Вардар, каде го поканил Крале Марко да биде помлад девер. Релја Шестокрило го нагостил Крале Марко, го облекол во убава облека, го наоружал и потоа, деверите и сватовите отишле да ја земат невестата. Кога се враќале назад, сватовите поминале низ некоја шума во која живеел страшен ѕвер со три глави. Ѕверот ги нападнал сватовите и им ги зел даровите, а на деверите им рекол да ја остават невестата, ако сакаат да останат живи. Уплашени, постариот девер Груица и сватовите избегале, а Крале Марко останал да се бори при што успеал да го победи ѕверот. Потоа, тој ги зел даровите и ослободил три синџири робје кои некогаш ги заробил ѕверот.

За тоа време, во дворецот на Релја Шестокрило, сватовите викнале попови и ги оплакувале Крале Марко и невестата. Кога дошол Крале Марко, сватовите се израдувале и му направиле голема чест, а тој почнал на сите да им ги враќа даровите што им ги зел ѕверот, притоа удирајќи ги со боздоганот како казна дека ја оставиле невестата. Така, Крале Марко му удрил шест боздогани на деверот Груица, а на кумот Волкашин му удрил 15 боздогани, кршејќи му ги ребрата. Потоа, веселбата продолжила, а кралот Волкашин го прашал непознатиот јунак за неговото потекло. Кога Крале Марко му ја кажал вистината за себе, Волкашин се сетил дека тој е неговиот син и му раскажал сè што се случило. Крале Марко му се поклонил и му бакнал рака, а Волкашин го гушнал и го бакнал трипати во челото. Потоа, радосни, двајцата продолжиле да пијат и да јадат цели три месеци.[1][2]

Наводи

уреди
  1. Јунак над јунаци - епски песни за Марка Крале, Култура, Скопје, 1967, стр. 5-12.
  2. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 39-45.