Маргинален производ

Маргинален производ го претставува дополнителниот производ што се добива со ангажирање еден дополнителен фактор на производството. Маргиналниот производ на еден фактор се добива така што порастот на производството ќе се подели со порастот на тој производен фактор при непроменето количество на другите производни фактори. Според тоа, маргиналниот производ го претставува придонесот на еден производен фактор во зголемувањето на вкупното производство.[1] Според основната дефиниција на маргиналниот производ, тој се добива така што промената на вкупното производство ќе се подели со соодветната промена на производниот фактор, а како специјален случај на оваа дефиниција, маргиналниот производ при n производни фактори може да се дефинира како порастот на вкупното производство како последица на зголемувањето на производниот фактор од n-1 на n. Најпосле, оваа дефиниција може да се искаже и на следниов начин: маргиналниот производ е износот што се додава на вкупното производство при ангажирање дополнителна единица од производнито фактор.[2]

Математички претставено, маргиналниот производ (MP) се пресметува на следниов начин:
MP = ΔQ / ΔF
каде: ΔQ е порастот на вкупното производство, а ΔF е порастот на производниот фактор.

Табела 1: Пресметка на маргиналниот производ

Производни фактори (F) Вкупно производство (Q) Маргинален производ (MP)
0 0 -
1 12 12
2 22 10
3 30 8

Маргиналниот производ не се изразува во истите единици како вкупното производство. На пример, ако вкупното производство е изразено во килограми, маргиналниот производ ќе биде изразен како килограм по работник. Оттука, вкупниот и маргиналниот производ се различни категории и не се непосредно споредливи меѓу себе. За да се претвори во вкупен производ, потребно е маргиналниот производ да се помножи со количеството на ангажираните варијабилни производни фактори.[3]

Маргиналниот производ може да се изведе и графички од кривата на вкупното производство на следниов начин: на хоризонталната оска (апсцисата) се прикажува количеството на варијабилниот производен фактор, а на вертикалната оска (ординатата) се прикажува вредноста на вкупното производство; потоа, од координатниот почеток се повлекува права линија која ја допира (претставува тангента) линијата на вкупното производство во некоја точка; аголот што го образуваат тангентата и апсцисата го претставува маргиналниот производ, т.е. маргиналниот производ го претставува наклонот на линијата на вкупното производство.[4]

Врската меѓу вкупното производство, просечниот производ и маргиналниот производ може да се искаже низ следниве пет пропозиции:[5]

  1. збирот на маргиналните производи на првите n производни фактори е еднаква на вкупното производство што се добива при ангажирање на n производни фактори.
  2. кога се зголемува просечниот производ, тогаш маргиналниот производ е поголем од просечниот производ.
  3. кога просечниот производ се намалува, тогаш маргиналниот производ е помал од просечниот производ.
  4. кога просечниот производ ја достигнува максималната вредност, тогаш маргиналниот производ е еднаков на просечниот производ.
  5. ако на вкупните производства при различно количество на производни фактори им се додаде фиксен износ, тогаш тоа нема влијание врз маргиналниот производ.

Наводи

уреди
  1. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 115.
  2. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 315-316.
  3. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 319-320.
  4. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 323-324.
  5. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 316-326.