Мали жени (филм од 2019)
„Мали жени“ (англиски: Little Women) — американски филм од 2019 година, режиран од Грета Гервиг (Greta Gerwig), која е авторка и на сценариото. Главните улоги ги играат: Сурше Ронан (Saoirse Ronan), Ема Вотсон (Emma Watson), Флоренс Пју (Florence Pugh), Елиза Сканлен (Eliza Scanlen), Лора Дерн (Laura Dern), Тимоте Шаламе (Timothée Chalamet), Мерил Стрип (Meryl Streep), Трејси Летс (Tracy Letts), Боб Оденкирк (Bob Odenkirk), Џејмс Нортон (James Norton), Луис Гарел (Louis Garrel) и Крис Купер (Chris Cooper). Филмот е седмата адаптација на истоимениот роман на Луиз Меј Олкот од 1868 година. Критичарите се изразиле пофално за филмот, особено за сценариото, но исто така и режијата и изведбата на глумците. Филмот имал шест номинации за „Оскар“ (најдобар филм, најдобра главна глумица, најдобра споредна глумица, најдобро адаптирано сценарио, најдобра оригинална музика, и најдобра костимографија), а ја освоил наградата за најдобра костимографија. Исто така, бил номиниран за наградата БАФТА во пет категории, а победил во категоријата за најдобра костимографија. Најпосле, филмот бил номиниран и за „Златен глобус“ во две категории.[1]
Синопсис
уредиВо филмот се прикажува судбината на семејството Марч — мајка со четири ќерки (темпераментната Џо, убавата Мег, нежната Бет и романтичната Ејми) кои растат во Конкорд, Нова Англија во текот на Граѓанската војна. Џо Марч, која работи како учителка во Њујорк, го посетува уредникот, д-р Дешвуд, а тој се согласува да го објави нејзиниот расказ. Помладата сестра Ејми престојува во Париз со нејзината богата тетка, и таму оди на забава со семејниот пријател од детството, Лори. Таа е лута поради непримерното однесување на пијаниот Лори, а тој ѝ се потсмева затоа што таа го минува времето со богатиот деловен човек Фред Вон. За тоа време, во Њујорк, Џо е лута затоа што професорот Фридрих Баер го критикува нејзиниот стил на пишување. Откако дознава дека се влошила состојбата на нејзината болна сестра Бет, Џо се враќа дома...