Македонска транскрипција на англискиот јазик
За транскрипција (предавање) на англиските имиња и зборови во македонски се тргнува од нивниот приближен изговор. Бидејќи за ред англиски самогласки и согласки нема соодветни во македонскиот јазик, тие се адаптираат кон оние македонски гласови што им се донекаде блиски. Од овој принцип се отстапува при имиња влезени порано во македонскиот јазик со поинаква форма.
а
уредиСо а се предава англиската самогласка во имињата: Harlow — Харлоу, Jawa — Џава, Lancelot — Ланселот.
Исто така со а се предава англиската согласка во имињата: Butler — Батлер, Buckingham — Бакингем, Dublin — Даблин, Ruskin — Раскин, Russel — Расел, Sussex — Сасекс.
а или е
уредиСо а или со е се предава англиската самогласка во имињата: Banquo — Банко, Cabot — Кабот, Canada — Канада, Caxton — Какстон, Dallas — Далас, Hamilton — Хамилтон, Harry — Хари, Caedmon — Кедмон, Jackson — Џексон, Kathleen — Кетлин, Ramsey — Ремзи, Sandwich — Сендвич.
е
уредиСо е се предава англиската самогласка во имињата: Elliot — Елиот, Elsinore — Елсинор, Essex — Есекс.
Со е се предава и англиската самогласка што се добива како резултат на редукција на самогласките во неакцентирана положба (соодветна на темната самогласка во наши дијалекти): Berkley — Беркли, Bloomsbury — Блумзбери, Burns — Бернс, Burch — Берч, Churchill — Черчил.
Во други случаи истата самогласка се предава со буквата со која се пишува на англиски: Canaries — Канари, Edinburgh — Единбург, Jerram — Џерам, Virginia — Вирџинија, Burma — Бурма, Wordsworth — Вордсворт.
и
уредиСо и се предава англиската самогласка во зборовите: Eaton — Итон, Greenwitch — Гринич, Griffith — Грифит, Guildford — Гилдфорд, Hilton — Хилтон, Hitchcock — Хичкок, Keats — Китс, Leeds — Лидз, Peel — Пил.
у
уредиСо у се предава англиската самогласка во имињата: Googe — Гуџ, Goole — Гул, Goonhilly — Гунхили, Hooke — Хук, Woodbury — Вудбери, Worcester — Вустер.
о
уредиСо о се предава англиската самогласка во имињата: Cawdor — Кодор, Cork — Корк, Coventry — Ковентри, Crawley — Кроли, Dombey — Домби, Dorian — Доријан.
Дифтонзи
уредиДифтонзите се предаваат на следниов начин:
- ei се предава со еј: Heywood — Хејвуд, Jane — Џејн, James — Џејмс, Taylor — Тејлор, Wayne — Вејн, Yeats — Јитс.
- Но: Wales — Велс (се изговара приблишно: Вејлз), Shakespeare — Шекспир (се извогара приближно: Шејспир).
- ai се предава со ај: Byron — Бајрон, Brighton — Брајтон, Iowa — Ајова, Ivanhoe — Ајванхо, Michael — Мајкл, Pike — Пајк.
- oi се предава со ој: Lloyd — Лојд, Joyce — Џојс.
- со ов или со о се предава англискиот дифтонг во имињата: Dover — Довер, Goldwater — Голдвотер, Omaha — Омаха, O'Neil — О'Нил, Kronin — Кронин.
- Дифтонзите во кои првиот дел е и, е, у, а вториот дел е темен самогласка се предаваат со и, е , у: Lear — Лир, Pearson — Пирсон, Wearmouth — Вирмаут, Cary — Кери, Mary — Мери, Maryland — Мериленд.
- Но: Sarah — Сара, Drury — Друри, Moore — Мур, Muir — Мјур, Muriel — Мјуриел, Truro — Труро.
g
уредиБуквата g пред e и i се предава со џ: Gerald — Џералд, Los Angeles — Лос Анџелес, а пред другите самогласки со г: Guiness — Гинис.
tch и ch
уредиБуквите tch и ch се предаваат како ч: Fletcher — Флечер, Sandwich — Сендвич.
w и v
уредиИако се изговараат различно, буквите w и v се предаваат со в: Wilde — Вајлд, Warwick — Ворик, William — Вилијам, Ivory — Ајвори, Clive — Клајв.
Согласни групи
уредиУпростување
уредиСе упростуваат следниве согласни групи:
- gn во н: Foreign — Форин.
- kn во н: Knolles — Ноулз.
- th во т Thomson — Томсон, Thackeray — Текери, или во д: Etherington — Едерингтон, Goldsworthy — Голдсворди.
- wr во р: Wright — Рајт.
Разделба
уредиСогласните групи tl, tn, dn се разделуваат со самогласките о и е: Kettle — Кетел, Milton — Милтон, Croyden — Кројден.
Наставка на женски имиња
уредиНекои имиња од женски род на согласка добиваат наставка -а: Thames — Темза, Elizabeth — Елизабета, Irene — Ирена, Gerdtrude — Гертруда.
Извор
уреди- Видоески, Божо; Димитровски, Тодор; Конески, Кирил; Угринова-Скаловска, Радмила (2007). Правопис на македонскиот литературен јазик (XVI. изд.). Скопје: Просветно дело. ISBN 978-608-203-075-3.