Македонска мафија

Македонската мафија претставува организација која се состои од нелегални улични банди и криминалци кои работат во Република Македонија и во македонската дијаспора.

Македонска мафија

Македонските криминалци работат главно во Европа и Северна Америка (земји како што се Германија, Австрија, САД, Канада, Монако, Италија, Франција, Шпанија, Турција, Грција, Швајцарија, Англија, Србија, Црна Гора, Косово и Бугарија. Организациите главно имаат создадено врска со локалните организирани криминални групи, како и со балканските или источноевропските земји.

Како главни соработници на македонските криминални групи се оние од соседството, како српската, бугарската и албанската мафија а македонските криминални групи соработуваат и со италијанската и руската мафија која врска е преку Бугарија. Главниот бизнис на припадниците на овие групи се темели на шверцот, увозот и извозот, трговијата со дрога, изнуда, трговија со оружје, измама, кражба на автомобили, рекетирање, коцкање, трговијата со луѓе, убиство, договор за убивање, проституција и перење пари. Македонскиот организиран криминал исто така е вклучен во безбедносните компании посебно во источните делови на земјата. Македонскиот организиран криминал во Австралија и Канада е доминантен кај младите.

Слично како и соседните криминални групи, и македонските се служат со користење на безбедносните групи за заштита на нивните бизниси, налагање на својата моќ и елиминирање на конкуренцијата. Овие безбедносни групи обично се составени од поранешни воени, специјални сили, боречки уметници и бодигарди. Како најпогодни места за собирање на овие групи се локалните ноќни клубови

Криминалните групи се вклучени во политичкиот живот на земјата, а честопати во текот на истоpијата на земјата вршеле и обезбедување на највисоките членови од политичкиот живот.

Овие групи биле посебно вклучени по прогласувањето на независност на Македонија и нејзината транзиција и приватизација на општествениот капитал.

Извадок од текстот за извештајот на Глобалната Иницијатива Против Организираниот Криминал во Македонија и регионот објавен во 2019 година.

Во делот на граничните премини на македонска територија се издвојуваат два: Богородица на границата кон Грција и Јажинце, во близина на Тетово кон Косово.

Извештајот го одбележува преминот Богородица како „транзитна точка за трговија со дрога: особено за хероин кој доаѓа во регионот; како и за канабис кој се шверцува од Албанија кон Грција и Турција.“

Преминот Јажинце, „се смета за хотспот за трговија со различни стоки“.

Недалеку од официјалниот граничен премин се наоѓа и илегална рута која криминалните групи ја користат за шверц со камиони, трактори и коњи; се наведува во извештајот. За одбележување е дека интервјуто со поранешниот полицаец било водено во ноември 2018 година.

Во делот на градовите како жаришта на организираниот криминал, во Северна Македонија се издвојуваат Скопје, Велес, Штип и Кочани.

Според извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, „главните криминални групи во Скопје се контролирани од етнички Албанци. Најчестите форми на организиран криминал се трговија со дрога, кражба на возила, шверцување мигранти, како и легални бизниси кои овозможуваат транспорт за шверцот, како и можност за перење пари“.

„Трите главни криминални групи кои оперираат во регионот: од селата Арачиново, Кондово и Грчец, уживаат политичка заштита“, заклучува организацијата во извештајот.

Велес, пак, се смета за една од главните крстосници на трговијата со дрога на Балканот. Според наодите на извештајот, во градот се врши размената на хероин за канабис меѓу криминални групи од Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Грција. Имено, токму тука се пресекуваат патиштата на хероинот кој преку Македонија транзитира кон западна Европа, и канабисот од Албанија кој се транспортира кон Грција и Турција.

„Интересно, официјалниот број на запленета дрога е многу низок, како што е ниска и стапката на криминал. Тоа сугерира степен на дослух или бенигно занемарување од страна на полицијата и политичарите“, заклучува извештајот. Не случајно, се наведува понатаму, во Велес се роди т. н. Франкфуртска мафија - еден од најголемите шверцерски прстени во Германија, и трговија со хероин во Виена.

„Во своето „златно време“, неколку стотици млади луѓе од Велес (најчесто со бугарски пасоши) продаваа дрога на улиците во Австрија и Германија. Дел од профитот од овие илегални активности најверојатно беа 'испрани' во велешките дискотеки, кафулиња, ресторани, како и во туризмот, хотелиерството и обложувалници.“

Штип, како трет на листата на жешки точки, има директна поврзаност со Велес, а притоа е сместен на главната хероинска рута.

„Штип е сместен на коридор на поли-криминална активност, во најголем дел контролирана од етнички Македонци. Илегалната активност вклучува трговија со дрога, шверц на цигари, како и рекет и изнуда преку приватни компании за обезбедување“.

И Кочани ја дели судбината на Штип во однос на местоположбата, и од него најчесто се шверцуваат цигари и канабис.

„Се верува дека групи од Кочани имаат блиски врски со криминални групи од Бугарија. Се смета дека пред неколку години, криминалните групи таму оперираа толку слободно што криминалните 'босови' формираа 'агенции за обезбедување' кои им наметнаа 'данок' на сите продавници во градот кој изнесуваше меѓу 30 и 50 евра месечно. На оние кои одбиваа да платат им беа запалени возилата, а продавниците демолирани. Заканата од нив беше намалена по акцијата Детонатор на македонската полиција во 2012 година.“

Што се однесува во регионалната прекугранична поврзаност на криминалот, во тој дел се издвојува тромеѓето меѓу Северна Македонија, Косово и Србија кој е претежно населен со етнички Албанци. Најголеми градови во регионот се Куманово и Тетово. Тромеѓето беше клучна точка за трговијата со нафта кон Србија и Црна Гора во времето на ембаргото на почетокот на 1990-те години. Денес, шверцот се состои од стока, храна, злато, цигари и дрога. Трговијата со дрога во најголем дел го опфаќа албанскиот канабис кој потоа преку Прешевската долина се шири на север или југ, хероин кој доаѓа од Турција и Бугарија, како и кокаин од Србија. Според некои проценки, во регионот се произведува и препакува и хероин, кој потоа оди директно за Швајцарија. Постојат сомнежи дека во регионот на Тетово се произведуваат и синтетички дроги, откако во 2017 година беше откриена илегална лабораторија и беа запленети 300 килограми амфетамински пилули. Од 2014 година, овој регион, а особено селата Ваксинце и Лојане, се и средишна точка на трговијата со мигранти. [1]

Историја

уреди

Од историски поглед криминалот во Македонија започнува уште од времињата кога државата била под турско ропство, неформалните групи на банди биле Ајдуци (македонските банди) и Башибозук (турските банди) кои се бавеле со воени активности, грабежи и киднапирања и постојано војувале меѓусебе, обично групата била именувана по нивниот водач, а на територијата на Македонија присутни биле и Арнаути (албански банди) повремено.

Во периодот од 1918 до 1941 година македонскиот опиум благодарение на погодното тло и речните наноси бил меѓу најквалитетните во светот и врз основа на достапните податоци за производството и извозот се пресметало дека производителите на опиум во Повардарието помеѓу двете светски војни задоволувало 43% од побарувачката на глобалната легална преработувачка индустрија, а подоцнежната југословенско турска соработка покривала 80% од светските потреби, на годишно ниво, ова изнесувало во просек 42 тони опиум вреден 29 милиони динари, што одговарало на просечните буџетски приходи на целата т.н. Вардарска бановина па затоа денес Македонија од тој период ја нарекуваат "Балканска Колумбија", со оглед на фактот дека во кралството Југославија годишно биле шверцувани 8 до 10 тони опиум, со ова се заклучува дека речиси една четвртина од легалното производство всушност била пуштена во нелегална трговија, ако на тоа се додаде и шверцот на готовите деривати на опиум (морфин, хероин и кодеин) во САД и поврзаноста на белградските и скопските криминални организации со водечките европски мрежи за транспорт на дрога преку Атлантикот, тогаш зголемениот интерес на американската дипломатија за ситуацијата во Југославија од крајот на 1937 година станувал разбирлив, а таму трговијата со опиум ја контролирала култната Италијанско Американска Мафија, за време на војната овие канали за шверцување на опиум во САД биле отсечени а во меѓувреме контролата и приматот го преземале останатите држави кои биле конкурентни во овој бизнис, претпоставките водат до тоа дека во тој период во бизнисот со опиум учествувале и тогашните главни ликови на македонската револуционерна организација ВМРО што е интересен податок.

Подоцна во социјалистичкиот период кога државата била составен дел од Југославија, се појавуваат криминалци типични за социјалистички уредените држави во тој период кои се занимавале со нелегално коцкање, лихварење, крадење и тепачки.

Со распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија во 1991 година во деведесетите официјално се појавуваат формите на организиран криминал, најрано започнува шверцот со цигари во кој е вклучена и државата, а набрзо стигнуваат и трговијата со дрога (марихуана, хероин и кокаин) која ја организираат поедини банди на територијата на град Скопје а слична е приказната и за останатите градови, покрај веќе добро познатите нелегални бизниси нелегалното коцкање, лихварењето и крадењето, новонастанатите банди покрај трговијата со дрога се впуштаат и во рекет, заштнички рекет, грабежи, перење на пари и трговија со оружје, а познато е дека голем дел од нив имале конекции со полицијата и политичките партии и така биле заштитени од законот, па така со појавата на повеќе банди истовремено, се појавуваат и се почестите пресметки помеѓу ривалските криминалци и криминални групи во градовите, вклучувајќи тепачки, атентати и понекогаш невини жртви.

Со војната во 2001 година започнува и бизнисот со трговија со органи а замав зема и бизнисот со трговија со оружје, во кои се вклучени албански и македонски криминалци, после војната во неколку наврати се убивани клучни албански и македонски криминалци од подземјето во деведесетите од платени убијци, а подоцна во разјаснувањето на случаите откривање на убијците немало никогаш.

Во 2010 година после апсењето на нејзините шефови згаснува и најголемата мрежа на организиран криминал во Македонија наречена Франкфурт Мафија, која се занимавала со продажба на дрога (хероин) во Франкфурт и Виена.

Во последните години како што велат безбедносните експерти, со криминалното подземје на градот Скопје владееле ривалски банди, поточно банда која ја држела територијата на населбите Сарај и Грчец, против банда која ја држела територијата на населбите Чаир, Ченто и Арачиново, во главно војувале поради територија за продажба на дрога (хероин и кокаин) и крвна одмазда, а познат бил и каналот за интернационално производство и продажба на дрога (марихуана) развиен во Струмица и Битола, овие банди неформално ја делат и државата на територии а со тоа учествувале и во помагање на балканските и европските канали во трговијата со дрога кои минуваат низ територијата на Македонија.