Македонија пред Балканските војни
Балканските војни во 1912 и во 1913 година претставуваат исход на национално-ослободителната борба што македонскиот народ ја води во втората половина на XIX и во почетокот на XX век. Илинденското востание од 1903 година претставуваше врв на таа борба. Задушувањето на востанието од османлиската војска и на башибозукот, како и отсуството на поддршка и помош од соседните земји и од големите сили биле причина македонскиот народ да ја загуби надежта дека кога било сам ќе се ослободи.
Така разочаран од сопствените политички организации и водачи и под влијание на туѓите пропаганди македонскиот народ почнал да верува дека до негово ослободување може да дојде само со помош од Бугарија, од Србија и од Грција, и тоа во една заедничка војна.
Најголемите надежи на македонскиот народ биле свртени кон Бугарија. Егзархиската црква, а потоа Врховниот македонски комитет (ВМК), односно врховистите во текот на Илинденското востание успешно ја извршиле таа задача, па македонскиот народ најмногу верувал и очекувал од Софија. Поради тоа бугарската пропаганда наоѓала плодна почва и многу длабоко ја всадувала бугарштината кај македонскиот народ. Непосредно пред Балканските војни во свеста на Македонците главно била присутна бугарската доминација.