„Магла“ (шпански: Niebla) - роман на шпанскиот писател Мигел де Унамуно, напишан во 1907, а објавен во 1914 година.

Магла
Првото издание на Niebla, 1914
АвторМигел де Унамуно
Изворен насловNiebla
ЗемјаШпанија
ЈазикШпански
Издадена
1914
МедиумПечатена

Содржина

уреди

Романот се состои од пролог, пост-пролог и 33 глави. Еден ден, Аугусто случајно ја здогледува девојката Еухенија и, воодушевен од нејзините очи, се распрашува за неа. Подоцна, тој ги посетува нејзините роднини при што тетката на Еухенија посакува таа да се омажи за богатиот Аугусто. Исто така, тој се запознава со Еухенија, но таа не покажува никаква симпатија кон него, зашто има момче (Маурисио) со кого сака да се омажи. За да ја привлече, Аугусто ја исплаќа хипотеката на нејзината родна куќа, но тоа уште повеќе ја разлутува Еухенија, која цврсто ја посакува својата слобода. Во меѓувреме, Аугусто се преиспитува, дали е навистина заљубен и кокетира со перачката Росарио. По некое време, Еухенија ја раскинува врската со Маурисио и се смирува со Аугусто, ветувајќи си дека ќе бидат добри пријатели. Малку подоцна, Аугусто ја бара нејзината рака и, за негово изненадување, Еухенија прифаќа да се омажи за него, но го замолува да му најде работа на Маурисио. Аугусто му помага на момчето, а Маурисио доаѓа да му се заблагодари и притоа му кажува дека има нова девојка - Росарио. Три дена пред закажаната свадба, Еухенија побегнува и му испраќа писмо на Аугусто во кое го известува дека отишла да живее со Маурисио. Така, Аугусто останува и без неа и без Росарио, разочаран и потонат во голем срам. Тој помислува на самоубство, но претходно оди во Саламанка, каде го посетува писателот на книгата за да се посоветува со него. Во текот на разговорот, меѓу него и авторот на книгата настанува остра кавга, во која писателот му кажува на Аугусто дека тој не постои вистински, туку е само измислен лик од книгата, а Аугусто му возвраќа велејќи дека авторот е тој што е производ на ликовите од своите дела. По кавгата, Аугусто ја губи волјата за живот, доаѓа дома и умира, а потресено од загубата на својот господар, умира и неговото верно куче, Орфео.[1]

Осврт кон новелата

уреди

„Магла“ е едно од клучните дела на Унамуно, кое тој го нарекува „нивола“, книжевен жанр измислен од него со цел да го ослободи делото од цврстите рамки на романот. Во делото, Унамуно ги прикажува дилемите на еден невротичар-романтичар, кој страда од вертеровска егзалтација при што запаѓа во комичност.[2]

Изданија на македонски јазик

уреди

Во 2016 година, новелата била објавена на македонски јазик, во издание на „Бегемот“, во рамки на едицијата „Ars magna“, а во тираж од 500 примероци. Преводот од шпански јазик го направила Милка Јованова; ликовното уредување на книгата е дело на Бојан Димитиревиќ; а лектурата ја направила Ирена Ралева. Книгата била испечатена во „Печатницата Наумовски“ од Скопје. Книгата, со димензии од 18 сантиметри и со обем од 303 страници, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-51-2.[3]

Наводи

уреди
  1. Мигел де Унамуно, Магла. Скопје: Бегемот, 2016.
  2. Мигел де Унамуно, Магла. Скопје: Бегемот, 2016.
  3. Мигел де Унамуно, Магла. Скопје: Бегемот, 2016.