Лузна (филм од 1976)
„Лузна“ (полски: Blizna) - полски филм од 1976 година, во режија на Кшиштоф Кишловски, кој е и автор на сценариото, напишано според романот на Ромуалда Караси. Главните улоги ги играат: Франчизек Пјечка, Јежи Стур, Станислав Игар, Михал Тарковски, Халина Вињарска, Јоана Оржешковска, Маријуш Дмоковски, Агнишка Холанд, итн.
Содржина
уредиВо 1970 година, партијата носи одлука да се изгради голема хемиска фабрика во едно мало место, а за директор на проектот е поставен Стефан Беднарж (го игра Пјечка). Тој не е приврзаник на идејата за изградба на фабриката, но како чесен и вреден партиски технократ, сепак професионално си ја завршува работата, верувајќи дека проектот ќе придонесе за економски развој на местото. Пред околу 20 години, тој живеел во тоа место, каде неговата сопруга (ја игра Вињарска) била партиски активист. Таа има лоши спомени од животот во местото и поради тоа не сака повторно да се врати таму, така што Стефан е принуден да живее сам. Тој си ја сфаќа работата многу сериозно, поради што е во лоши односи со вработените, но ја запоставува и ќерката (ја игра Оржешковска). Иако фабриката е успешно пуштена во погон, месното население е незадоволно поради неповолните еколошки и социјални последици од неа. Оттука, група социолози го испитуваат јавното мислење на населението, а локалниот новинар (го игра Тарковски) се обидува да сними репортажа. Најпосле, и месната партиска организација станува против Стефан, обвинувајќи го дека се однесува самоволно. Еден ден, работниците излегуваат на протест и тогаш Стефан поднесува оставка и се повлекува во мирен, семеен живот.[1][2]