Лихо
Лихо (руски: Лихо, белоруски: лі́ха, полски: licho) во словенската митологија претставува олицетворение на лоша судбина и несреќа. Лихо е суштество со едно око, најчесто (но не секогаш) е опишано како стара, ковчеста жена облечена во црно (Лихо одноглазое- еднооката Лихо) или пак како зол шумски гоблин. Лихо е мало и грдо суштество кое не спаѓа во словенскиот пантеон, туку е суштество од приказните, а во некои од нив има и остатоци од Одисеја, поточно од делот за киклопот Полифем.
Лихо не е вистинско лично име, туку именка што значи несреќа во современиот руски јазик (поговорка: „Не буди ја лихо додека спие“, која е слична на полските изреки: "Cicho! Licho nie śpi"- „Тишина! Лихо не спие!“ и "Licho wie"- „Лихо знае“ (само лихо знае, никој не знае). Во старорускиот јазик, коренот на овој збор значел „прекумерно, премногу“ и имал негативна конотација. Споредете со руското lishniy, што значи излишно. Зборот најверојатно е сроден со индоевропскиот leik, што значи „да остане, да остави“. Со изведената придавка likhoy може да се опише некој кој е премногу смел и храбар. Во чешкиот јазик lichý значи непарен (број), или залудно, бескорисно, додека во полскиот lichy значи неквалитетен, лош, слаб. Во белорускиот јазик ліхі значи лошо, злобно, нерамно (како нерамен дел од облека).
Во приказните постојат неколку основни верзии за тоа како човек се среќава со Лихо, со различни поуки:
- Човекот на крај ја измамува Лихо, како во Одисеја.
- Човекот ја измамува Лихо и бега (додека Лихо го брка). Тој здогледува предмет кој ќе му користи, го фаќа, но предметот цврто се залепува за неговата рака, па на крај мора да ја исече раката.
- Лихо намамува човек и му се качува на грб да го јава. Човекот сакајќи да ја удави Лихо скока во река и самиот се дави. Лихо излегува од реката и бара нови жртви.
- Човек ја добива Лихо како подарок или пак ја испраќа на друг.
Во суеверието, Лихо била позната по тоа што наводно јадела луѓе. Ваквите приказни особено се користеле за плашење на малите деца.
Неодамна, некои словенски неопагани пробале да ја внесат Лихо во словенскиот пантеон.